Паралелно со апелите од меѓународната заедница решението за Договорот со Грција да се најде во Парламентот, дел од домашните аналитичари предупредуваат дека поддршката на европската заедница кон Македонија нема да биде бесконечна.
Претседателот на Евроатлантскиот совет Исмет Рамадани, вели дека добрите намери од европските земји ќе продолжат сè додека нашата држава има намера да остане во процесот и докрај го спроведе Договорот со Грција за менување на името на државата и отворање на патот за членство во НАТО и ЕУ. Тој посочи дека во спротивно во земјава наместо пријателски ќе почнат да пристигнуваат негативни пораки со санкции, кои особено ќе бидат фокусирани кон главната опозициска партија, чиј став е дека процесот за Договорот со Грција по референдумот е завршен.
„Нема да биде завршен процесот за Договорот со Грција, затоа што ако ние имавме една поддршка со добри намери. Добрите намери за нашата држава ќе продолжат, но само со тоа ако ние останеме во тој дискурс, што значи и Договорот да се имплементира и процесот да оди до крај. Инаку можен е друг начин на обраќање и на лидерите на европските земји, на НАТО земјите, на пријателските земји кои сега, претпоставувам може да ни најават и санкции, посебно ќе има санкции за најголемата опозициска партија. Мислам дека во ова фаза за да ги убедат во ВМРО-ДПМНЕ да ги изгласаат амандманите нема да биде само пријателска порака, туку ќе биде порака која на еден начин ќе им укажува дека можат како политичка партија да претрпат и ситуации кои нема да одат во прилог за партијата, а тоа значи нема да одат во прилог и за граѓаните“, изјави Исмет Рамадани кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Од некои странски земји веќе пристигнуваат сигнали дека се можни санкции, вели Рамадани укажувајќи на соопштението од партијата на германската канцеларка Ангела Меркел.
Парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ на германската канцеларка Ангела Меркел деновиве ја повикува македонската опозиција да гласа во полза на уставните измени, со што се отвора патот на земјата кон НАТО и ЕУ. Во спротивно, како што им порача, ќе бидат политички одговорни за блокирањето на овој пат на Македонија и на долг рок ќе придонесат за изолација на земјата.
Зборувајќи за тоа какви би можело да бидат санкциите кон Македонија дел од експертите велат дека освен што би можело да бидат фокусирани врз опозицијата, казните би можело да се одразат и на можноста за почнување преговори за пристап во ЕУ кон средината на идната година.
Порaнешниот дипломат Љупчо Арсовски оценува дека по референдумот внатрешната политичката ситуација во Македонија е многу комплицирана и оти тоа се одразува врз нашата слика во ЕУ.
„Познати се резултатите од референдумот и оптимистите и песимистите ја гледаат сликата секој на свој начин, сепак фактот дека 600 илјади луѓе излегоа со „за“, не може да се потценува. Тоа се гледа и од тогашната хаотична одлука на опозициската партија, која немаше никаков став со месеци што ќе им препорача на своите гласачи, сега има ситуација да дојде до многу, многу компликувана ситуација на политичко внатрешен план и тоа рефлектира на нашата слика во ЕУ, која е заинтересирана и даде голема поддршка на референдумот“, вели Арсовски
Арсовски дополнува дека во овој момент не очекува Европа веднаш да каже кои биле санкциите со оглед дека претходно даде доволно позитивна поддршка за патот на Македонија кон евроатланските интеграции. Но, осврнувајќи се на идејата која ја изнесоа опозициските лидери и во Македонија и Грција дека тие ќе направат подобар договор, Арсовски е дециден дека тоа тешко може да се случи. Тој потенцира дека доколку сегашната опозиција дојде на власт тогаш тешко ќе може да се воспостави рамнотежата со ЕУ .
„За санкции ќе стане збор подоцна и тие вака или онака ќе дојдат, не кон Македонија која со 600 илјади гласа се определи „за“ на референдумот, туку кон опозициската партија и партиите кои се со нив и доколку се смени политичката слика, секако дека Македонија нема да остане на линијата дека ќе не поддржуваат секогаш бидејќи идејата која ја изнесоа опозициските лидери и во Македонија и Грција дека тие ќе направат подобар договор тоа тешко може да се случи. Санкциите може да се состојат во тоа да се престане со еден одреден дел од скринингот или да се позабави. Во секој случај лидерите нема да бидат добредојдени во Брисел со покани итн. Тоа се тие ладни пораки кои сме ги виделе и во случаи со други земји“, вели Арсовски.
Тој укажува на случајот со поранешниот кипарски претседател Папдополус кој се сложи и ја потпиша заедничката одлука, дека ќе се направи референдум за иднината за Кипар, во присуство на меѓународната заедница во Осло. Тој потоа кога се врати на Кипар пропагираше дека граѓаните треба да гласаат негативно на референдум. Во тоа време Кипар беше на пат кон ЕУ, а по референдумот кој во грчкиот дел беше негативен, европската заедница му рече на Папдополус дека нема да бидат поканети или добредојдени во која било европска земја.
Во врска со Македонија, Арсовски дополни дека не би било опортуно да се казни целата земја, но оти во секој случај кога ќе се работи на одредени успорување на процесот практично се казнуваат сите граѓани.