Неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во текот на собраниската дебата за потребата од уставни измени побараа премиерот Зоран Заев и нивниот лидер Христијан Мицкоски да седнат и да се договорат. Заедничко во пораките на Елизабета Канческа Милевска, Крсто Јовановски, Весна Димковска - Илиевска е што побараа двајцата да го истуркаат процесот, а не тој да се сведе само на повик до пратениците поединечно да одлучат како ќе постапат. Заев, пак, посочи дека е спремен да седне со сите, вклучитело и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за да изградат консензус за уставните измени.
„Се надевам дека насоката во која се движат сите страни ќе биде насока на помирување и насока со која ќе се одрази важноста и големината на моментот наспроти нивните групни, лични и партиски интереси“, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
Смирувањето на вербалните тензии меѓу политичките неистомисленици, според Муслиу, почнало по повикот на премиерот за политичко помирување, нешто што во дел од јавноста беше протолкувано како најава за амнестија.
Во меѓувреме ваквите толкувања се засилија и по одлуките на надлежниот суд двајцата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, обвинети за случувањата на 27 април во Собранието, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски да излезат од домашен притвор. Одлуките следуваа откако Заев побара помирување за случувања во собранието лани, нагласувајќи дека на крај памет не му паѓало да влијае врз судството.
Но, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Дојче Веле остава мал простор за темите за кои би разговарал на евентуална средба со премиерот. На прашањето „има ли шанса заедно со Заев да најдат заеднички јазик за Договорот од Преспа“, Мицкоски одговара:
„Има шанса да констатираме дека Договорот е мртов. Секое натамошно силување на овој процес само ќе произведе дополнителни тензии и поларизации во општеството, а единствен виновник за тоа е Зоран Заев кој ветуваше нешто што не може да го исполни“, вели тој.
Ваквиот коментар на Мицкоски следува и ден откако помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел, му испрати писмо во кое му порача дека САД се разочарани од позициите на челниците на партијата како во однос на референдумот, така и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот.
„Како што веќе разговаравме, Соединетите Држави силно веруваат дека Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција е историска можност за Македонија да обезбеди посветла иднина и да придонесе кон регионалната безбедност, стабилност и просперитет. И покрај тврдењата дека можел да се постигне некаков „подобар договор“, ние не веруваме дека тоа е можно. Овој договор бараше компромис и од двете страни. Тоа е можност што веројатно нема да се повтори со години, ако не и со децении“, наведува Мичел во писмото објавено на веб страницата на амбасадата на САД во Македонија.