Со најновиот ребаланс на буџетот што го усвоила Владата на синоќешната вонредна седница дополнителни пари се издвоени за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување. Од Владата соопштија дека ќе се реалоцираат дополнителни средства за овие фондови за да може непречено да се исплаќаат пензиите, и за да можат граѓаните непречено да ги остваруваат правата на здравствена заштита и боледување, како и правото на надомест по основ на невработеност.
Од Владата соопштија дека се запазени роковите за испраќање на ребалансот за усвојување во Собранието, доколку парламентот не се самораспушти и не се оди на вонредни парламентарни избори.
Според министерот за финансии, Драган Тевдовски, и без ребаланс на буџетот, пари за избори во државната каса има.
Опозицијата денеска остро реагираше дека власта, како што велат, „на шверцерски начин направила ребаланс и покрај нејзините тврдења дека се транспарентна Влада.
Нема ставка за предвремени избори
Во последниот ребаланс нема ставка за предвремени избори. Дел од медиумите, повикувајчи се на неименувани извори во Владата, објавија дека ако има вонредни избори, тогаш пратениците во постапка ќе направат измени во пренамената на средствата.
„Постапката за измени и дополнувања на Буџетот за 2018 година, Владата ја иницира во овој период за да се запазат роковите согласно законската регулатива за негово усвојување во Собранието до 15 ноември, во случај доколку не се донесе одлука за одржување на предвремени избори“, велат од Владата.
Расходите да се намалат за 1,2 милијарди денари
Со ребалансот на буџетот на Република Македонија се предлага приходите да се намалат за милијарда денари, а расходите за 1,2 милијарди денари. Со предлог измените и дополнувањата на буџетот на за 2018 година, кои сега треба да влезат во собраниска процедура, планирано е вкупните приходи да бидат 192,5 милијарди денари, место првично планираните 193,5 милијарди денари, а вкупните расходи да бидат 210,5 милијарди денари место првично планираните 211,7 милијарди денари.
„Во овие рамки на планирани приходи и расходи, дефицитот е незначително понизок, односно ќе изнесува 18,1 милијарда денари, наспроти иницијално планираните 18,2 милијарди денари. Во однос на бруто домашниот производ (БДП), буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7 отсто од БДП. Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2018 година што предлагаме да ги усвои Собранието на Република Македонија приходната страна на буџетот ревидирана е за незначителни 0,5 отсто надолу, односно за 1 милијарда денари“, соопшти Владата.
Тевдовски: И без ребаланс, пари за избори има
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска на прес-конференција во Владата го образложи предлогот за ребаланс на буџетот за 2018. година доставен до Собранието. Тој рече дека главната причина за ребалансот е евентуалната одлука за предвремени парламентарни избори, која би ја оневозможила постапката за прекројување на државната каса.
Како што рече Тевдовски, со парите од ребалансот финансиски ќе се поддржат општините во државата, Агенцијата за вработување, Фондот за здравствено осигурување и ПИОМ. Најголема релокација на средства има кај општините, за подмирување на доспеани, а ненаплатени обврски.
Според Тевдовски, ребалансот се обезбедуваат 198 милиони денари за политичките партии и истражувачките центри, како што тоа е определено со закон. Тевдовски додаде дека дополнителните средства во здравството се за да се намалат обврските на јавните здравствени установи. Министерот рече дека пензиите ќе бидат навремено и целосно исплаќани, а корекцијата во делот на капиталните инвестиции е поради забавената реализација на проектот за гасификација и откажаниот клинички центар.
„Подготвени сме на различни ситуации, дури и со времено финансирање државата ќе ги испаќа обврските“, рече министерот за финансии.
ВМРО-ДПМНЕ: Шверцерски потег на Владата
По владиното соопштение реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која во пишаното соопштение обвини дека, како што велат, „скроила буџет на шверцерски начин“.
„Владата која лажно се преставува за транспарентна, на шверцерски начин далеку од очите на јавноста на нетранспарентен начин скрои ребаланс на буџет кој преставува покривање на матните бизниси и нерентабилната презадолжена економија. Повеќе ни огромното задолжување не може да ги покрие криминалите на владата. Владата треба да одговори зошто на шверцерски начин турка ребаланс на буџетот, дали ова значи дека прикриваат траги од незаконско работење, дали поради катастрофалното работење на владата во опасност се доведени редовните исплати на пензии и социјални трансфери? Дали економијата е пред банкрот?“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според најголемата опозициска партија, Владата до сега не остварила ниедно ветување.
„Да потсетиме, ние сме економија со капитални инвестиции од енормно ниски само 23.3 отсто за повеќе од половина година, со пад на градежништвото од минус триесет отсто, без нови странски инвестиции, и со девизен прилив на странските инвестиции донесени од владата на ВМРО-ДПМНЕ со енормно задолжена економија од 5.14 милијарди евра“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.