Достапни линкови

Што по референдумот? - анализираат неделниците


Гласачко место во Скопје за референдум.
Гласачко место во Скопје за референдум.

Капитал анализира дека Македонија мора во ЕУ и во НАТО, со или без ВМРО-ДПМНЕ, а Фокус прашува пишува зошто некој во таборот „ за“ не направил калкулација дека неуспешен референдум само дополнително ќе ги комплицира работите.

Капитал - Заклучоци од референдумот - Македонија мора во ЕУ и во НАТО, со или без ВМРО-ДПМНЕ

Насловната на Капитал и главната тема во неделникот е посветена на што друго ако не на прашањето: „Што после референдумот?“ Одговорот е даден уште во насловот на главната тема, всушност анализа: „Заклучоци од референдумот - Македонија мора во ЕУ и во НАТО, со или без ВМРО-ДПМНЕ“.

Неделникот нагласува дека во неделата во Македонија не се судрија две политички платформи, туку еден политички концепт кој во себе ја содржи визијата за иднината на државата и една партиска позиција составена од груби калкулации за сопствената партиска иднина и интереси. Резултатот е, продолжува авторката на анализата, купување време во кое ВМРО-ДПМНЕ повторно се враќа во игра со отворен простор да уценува и да се пазари за амнестија (преку пратениците со кои располага), и се разбира, нови отворени врати за северните и источни политички влијанија кои најмногу профитираат од неодговорната политика на македонската опозиција во историски времиња.

Капитал потоа прави преглед на позитивните реакции од страна на земјите на ЕУ и од САД во врска со позитивното ЗА на речиси 90 отсто од оние над 660.000 граѓани што излегоа да гласаат, и сосема спротивното мислење на Москва и на Белград, за кои мешањето во внатрешните работи на една суверена земја, за што го обвинуваат Западот, е недозволиво... доколку не го вршат тие, иронизира неделникот. Геополитичките констелации и контекстот, и временски и просторен, во кој Македонија се соочува со една ваква сериозна одлука налагаат еднаква сериозност во пристапот кон нејзиното спроведување и од премиерот Заев и неговите партнери (и дома и надвор), но и на улогата на меѓународната западна заедница која не смее да биде никаква поинаква освен активна, порачува Капитал.

Фокус - Македонија пред политичка криза – Референдумот е мртов, да живее Договорот од Преспа!

Насловната страница на Фокус има прилично предупредувачки наслов: „Македонија пред политичка криза – Референдумот е мртов, да живее Договорот од Преспа!“ А во воведната колумна „За нештата да станат појасни“ авторот упатува критичко прашање: „Зошто во услови кога власта и опозицијата не успеаја да постигнат консензус околу учеството на референдумот, Владата на Заев инсистираше да се организира граѓанско изјаснување?“ Не успеа ли некој во таборот „за“ да направи калкулација дека неуспешен референдум само дополнително ќе ги комплицира работите, дека може да ја засили позицијата на противниците на Преспанскиот договор и да го врати „во живот“ дезориентираниот стечаен управник на Фамилијата? – повторно поставува прашање Фокус. Една од колумните во Фокус е насловена „Брливометар“, а авторот со голема иронија забележува дека „брливометарот“ продолжил ептен брливо да регистрира бојкотирање на референдумот со единствена цел, вели, „да се остане во жабурникот наречен Мафијадонија со институции кои брливо функционираа поради лошиот човечки материјал со глупост и злоба. Апотеоза на вулгарност, некадарност и простотилак“, резигнирано заклучува колумнистот во Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG