„ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ остануваат на своите позиции, кризата се продлабочува“ – ова е предупредувачкиот наслов во Нова Македонија, а ваквото гледиште провејува и во другите електронски изданија на печатените медиуми откако за првите референдумот е „мртов“, како што изјави потпретседателот на опозициската партија Александар Николоски по состанокот на ИК на партијата, а за вторите е успешен затоа што од оние што излегле да гласаат, над 91 процент гласале ЗА.
Нова Македонија информира и за состанокот на ИО на СДСМ на кој било заклучено дека по изразената волја на референдумот, пратениците во Собранието треба да ги финализираат процесите поврзани со Договорот од Преспа. Но ако нема друга опција, тогаш ќе бидат закажани предвремени парламентарни избори веднаш.
„Ако СДСМ ја тера Македонија насила да оди на избори заради фалсификуваниот референдум за уставни измени – ова го одлучивме:“, насловува Вечер, а потоа на видео снимка ја објавува изјавата на Николоски дека бараат избори само со таканаречената Пржинска влада. Независен оди со наслов: „Николоски: Преспанскиот договор е политички мртов, избори само со ’Пржинска влада‘“. Независен информира и за заклучоците на ИО на СДСМ: „Предвремени избори доколку пратениците не поддржат уставни измени“. Сличен наслов има и Слободен печат: „СДСМ: Предвремени избори доколку пратениците не ја почитуваат волјата на над 600.000 граѓани“. Нова Македонија веста ја проследува со следниов наслов: „Двотретинското мнозинство во фокусот на Владата, изборите како последна легална алатка“. Слободен печат ја објавува изјавата на премиерот Зоран Заев: „Процесот е сериозен, ќе направиме сè што можеме со пратениците за да обезбедиме мнозинство“.
Независен на насловната објавува интересна информација од собраниски извори: „Вмровските пратеници – и на цена и под закани“, наведувајќи дека меѓу 48-те членови на пратеничката група на коалицијата „За подобра Македонија“ имало барем десетина кои биле расположени да гласаат за уставните измени, но дека пред и по референдумот, наводно им се пожалиле на колегите од владејачкиот табор дека се под силен притисок и закани од своето членство, но и од партиското раководство.
Сите печатени медиуми објавуваат преглед на мноштвото пораки на поддршка од странски државници за изгласување на Договорот од Преспа во македонскиот Парламент, како и дијаметрално спротивниот став на официјална Москва која преку руското МНР порача дека референдумот дефинитивно е неуспешен и дека за евентуалниот Договор помеѓу Македонија и Грција ќе треба да одлучува и Советот за безбедност на ОН.
„Економски раст и политичка неизвесност не одат заедно“ – го објавува Независен мислењето на универзитетскиот професор Марјан Петрески, кој за весникот изјавува дека само што почна да расте, политичката неизвесност од референдумот се заканува да ја парализира економијата доколку потрае. Истиот весник го објавува и барањето на Стопанската комора на Македонија политичката ситуација по референдумот да се реши брзо и едноставно за да може да се достигне планираниот економски раст од 3,2 проценти.
„Заев и Ципрас меѓу најсериозните кандидати за Нобеловата награда за мир“ – ја пренесува Нова Македонија веста на грчката агенција АНА-МПА со изјавата на Виктор Нумелин, специјален уредник за Нобеловите награди на шведската новинска агенција ТТ. Тој сепак тврдел дека нискиот одзив на референдумот во Македонија ги прави работите потешки, иако „ништо не е исклучено“.
Повеќето електронски изданија на печатените медиуми објавуваат: „Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи во завршните зборови на судењето за случајот ’Тенк‘ побара затвор за Гордана Јанкулоска“. Пресудата ќе биде донесена на 8 овој месец, а за истиот случај веќе се осудени на казни затвор Никола Груевски и Ѓоко Поповски по чија жалба треба да се изјасни Апелацискиот суд.