Достапни линкови

Има ли тајни преговори за двотретинско мнозинство


Архивска фотографија- седница на Собранието на Македонија
Архивска фотографија- седница на Собранието на Македонија

Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат повик за средба откако премиерот Зоран Заев најави дека почнуваат разговорите за двотретинско мнозинство за уставните измени. Но од опозициската партија повикувајќи се на резултатите од референдумот велат дека волјата на граѓаните е да нема уставни измени.

Во краткиот рок до десет дена поставен од владата како клучен за да се знае дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени или, пак, ќе се оди на предвремени брзи избори следниот месец, партиите не откриваат многу детали за евентуалните разговори.

Од СДСМ велат дека разговорите за обезбедување на двотретинско мнозинство во Собранието за уставните измени може да се водат и со пратеници, а ако има потреба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Почетокот на разговорите го најави премиерот Зоран Заев, а вицепремиерката Радмила Шекеринска и прецизираше дека наредните седум до десет дена ќе бидат клучни.

Сега има внимателност во изјавите на претставниците и на владејачкото мнозинство и на опозицијата. Првите велат дека сакаат да му дадат време на процесот на разговори со опозиционерите за измените на Уставот, а од опозицијата очекуваат повик за средба, но отфрлаат можност да поддржат уставни измени.

Пребројување пратеници

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прашањето дали би учествувале на разговори за уставните измени, одговара дека тоа е прашање – „што би било, кога би било” .

„Сега за сега нема никакви разговори, а исходот на референдумот е јасен и со него јасно се покажува волјата на граѓаните да нема какви било уставни измени во поглед на договорот потпишан со Република Грција”, вели Арсовски за Радио Слободна Европа.

Лидерот на неговата партија Христијан Мицкоски во интервју за Алфа пак тврдеше дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е монолитна. Но, меѓу 42 пратеника од опозициската партија досега имаше различни позиционирања и околу самиот референдум, па така на пример беше објавена фотографија од координаторот на пратеничката група Драган Данев како гласа а за која се тврдеше дека е од денот на референдумот, додека друг пратеник Антонијо Милошоски водеше кампања за бојкот. Слична ситуација е пресликана и во самото партиско раководство, па Мицкоски рече дека апстинирал од гласање, а неговиот заменик во партијата, потпретседателот Митко Јанчев излезе на гласачкото место.

Владиното мнозинство, пак, има 71 пратеник, а за уставните измени им недостигаат уште девет гласа. Кои се другите пратеници:

ВМРО-ДПМНЕ има 42 пратеника, тројца пратеници има Социјалистичката партија на Македонија, еден Демократската партија на Србите во Македонија, еден е од ГРОМ, еден од Здружение за културно обединување на Бошњаците АВАЗ, и од независните, неизвесен е гласот на Ферид Мухиќ, кој стана пратеник од листата на СДСМ, но досега гласаше различно од повеќето пратеници за неколку прашања.

Меѓународната заедница бара продолжување на процесот

И додека во Собранието траат пресметките за гласови за западните политичари се чини нема дилема дека треба да се продолжи со спроведувањето на Договорот од Преспа преку носењето на уставните измени. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск преку заедничко соопштение оценија дека сега сè е во рацете на политичарите во Скопје да одлучат за патот понатаму.

Одлуките кои ќе ги донесат во наредните денови и недели ќе ја одредат судбината на нивната земја и нивниот народ за многу генерации. Ги охрабруваме да ја зграпчат оваа историска можност”, наведоа двајцата дипломати.

За разлика од ваквите повици на странските политичари за финализирање на Договорот од Преспа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски смета дека процесот за Договорот со Грција по референдумот е завршен. По референдумот и претседателот Ѓорге Иванов рече дека народот со негласањето јасно се изјаснил против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. Тој додаде дека одлуката на граѓаните обврзува и дека Собранието таа одлука мора да ја почитува нагласувајќи дека очекувал од владејачкото мнозинство да понесе одговорност за неуспешниот референдум.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG