На многу негативни критики наидува кажаното од страна на основачот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски во неделното интервју за РСЕ на македонски јазик. Тој имено смета дека нема да имаме шанса за подобар договор со Грција.
Митко Стојанов во постот алудира на пробугарските симпатии на Георгиевски, барем додека беше активен во политиката, па напишал прашање: „За кој навиваш – обаче?“ Марјанчо Ангеловски коментира: „Хаха, лажовот и артистот од 2001 година се стави во функција кон целта. НЕМА ДРЖАВА – НЕМА ОДГОВОРНОСТ“.
Коментарите по соопштението на МИА дека изјавата на премиерот Зоран Заев во Вашингтон по средбата со потпретседателот на САД Мајк Пенс е коригирана ама не по налог на Атина, како што шпекулираа некои грчки и домашни медиуми, главно го покажува ниското ниво на култура на комуникација на дел од оние што постирале на ФБ страницата на РСЕ. Едни од „попристојните“ постови се на Михо Македонски Трајко: „Зајко е сиот за корекција“. И на Марија Котовска дека „Изјавата на Зоран е коригирана по налог на Заев“.
По изјавата на поранешниот министер за здравство од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров дека ќе ја искористи препораката на својата партија да постапи според свое убедување и ќе гласа на референдумот – порој од навреди, пцости и неприлежни зборови, се разбира од оние што сметаат дека изјаснувањето треба да се бојкотира. Перица Лалков кратко напишал: „Пишман Аџи“, а Јосефски Јосиф потсетува дека „се збогатија дечињата околу пастирот и сега кога му се спрема затвор... го заборавија“.
Изјавата на претседателот Ѓорѓе Иванов пред иселениците во Детроит дека нема да излезе да гласа на референдумот, многумина на ФБ страницата ја пречекале со еден вид подбив, како Жаклина Жаки Недановска: „Туф, туф, ма попаре, многу ме насекира. Абе ти жив си бил, ами к’ј беше досега?“, а Ремзи Мемеди кратко постирал: „Голема работа ако не гласаш“. Но, Аќиф Јакупи како да му одржува лекција на претседателот Иванов: „...Излези на гласање и гласај против ако треба. Срамно е за еден претседател да кажува јавно дека нема да гласа“.