Полиција, специјалци на АРМ, евакуирани сите станари од една зграда во населбата Аеродром. Ова е најчитаната вест во Независен и во Вечер, а причините се дознаваат од изјавата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
„Амонијак од валкани мелни пелени во еден од становите е причината за лошата миризба во ’Скопјанка‘“, пренесе Независен.
Во станот живееле две жени, од кои едната на возраст од околу 90 години. Вечер, пак, објави дека причина за остриот мирис во зградата биле пластични шишињата полни со урина од некој бездомник што живеел под скалите, но и од валкани пелени во еден стан.
Инаку информациите околу претстојниот референдум продолжуваат да ја „загреваат“ домашната јавност. На насловната страница, Слободен печат објавува: „Димитар Апасиев, Тодор Петров и бојкотирачите се избламираа – Референдумот уставен, наапаните разочарани“, додавајќи дека Уставниот суд смета дека не постојат елементи кои би довеле до оспорување на одлуката. Истава вест ја објавуваат и Нова Македонија и Вечер, а Нова Македонија ги објавува и имињата на двајцата уставни судии кои гласале за тоа одлуката за референдум да биде прогласена за неуставна: Елена Гошева и Јосиф Јосифовски, потсетувајќи дека обајцата се предлог на претседателот Иванов. Нова Македонија ја наведува и изјавата на Апасиев од Левица:
„Уставните судии денеска ја погребаа правната држава“.
Вечер објавува видео-снимка од изјавата на отец Пимен, кој официјално е учесник во кампањата „Излези ЗА европска Македонија“ во која вели дека референдумот е историска шанса во која одлучуваме за иднината на нашата земја. Вечер објаснува дека отец Пимен е еден владиците од Синодот на МПЦ познат по своите прогресивни ставови, кои наидуваат на негодување кај оние поконзервативните.„Пимен ’Јуда‘ – Агатангел ’Буда‘“ – гласи насловот во Независен кој информира:
„Салва од вакви и слични закани, клетви и навреди се упатени кон владиката Пимен на социјалните мрежи само затоа што се дрзна да се вклучи во кампањата ’Излези ЗА европска Македонија‘“.
„Ако референдумот биде успешен и мнозинството ’за‘ ќе го почитуваме тоа“ – ја пренесува Вечер најновата изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кажана во дебатна емисија на ТВ 21.
Електронските изданија на печатените медиуми објавуваат дека премиерот Зоран Заев, престојува во Вашингтон и ќе има средба со потпретседателот на САД, Мајк Пенс, по чија и покана престојува таму. Независен потсетува дека на почетокот на овој месец и претседателот Доналд Трамп со писмо до Ѓорѓе Иванов изрази поддршка за Договорот со Грција и за референдумот.
Вечер информира дека ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава против премиерот Заев поради „поткуп при избори“ – како што објавија на прес-конференција од Партијата.
Кочанскиот ориз не е генетски модифициран, покажаа суперанализите направени во германската лабораторија „Еурофинс ХОС тестинга“ во Софија. Објавата на Државниот инспекторат за земјоделство ја пренесува Нова Македонија.