Достапни линкови

„Еволуција на еден сон“ како културен мост кон светот


ЕВОЛУЦИЈА НА ЕДЕН СОН 2018 - постер
ЕВОЛУЦИЈА НА ЕДЕН СОН 2018 - постер

Со изложба на делата на македонските уметници настанати на првото издание, перформанси, презентации и концерт што заеднички го потпишуваат неколкумина португалски, шпански, африкански и домашни творци, в понеделник, на 24 септември, од 16 часот, во Кинотека на Македонија, ќе се одржи второто издание на проектот „Еволуција на еден сон“. Овојпат со идеја да биде зачеток на едно движење кое се залага за промоција и развој на македонската култура и уметност во меѓународни рамки.

Пред две години ја испразнивме куќата на Рузвелтова 44-А што стоеше во еден од последните дебармаалски дворови и ја наполнивме со уметност пред конечно да биде срушена. Приказната за „Еволуција на еден сон“ беше целосно обработена од македонски уметници кои со своите дела ја вратија магијата на едно некогашно живеење.

На 24-ти септември, пак, во понеделник, во изложбениот простор и во дворното место на Кинотека на Македонија повторно ќе ја спроведеме меморијата од ова случување изложувајќи ги делата кои беа создадени, а воедно ќе зачнеме изградба на еден нов музички мост помеѓу Португалија, Македонија, Бразил и лусофонијата на Африка кој ќе биде претставен со концерт создаден како експеримент од музичкиот амалгам: македонскиот, португалскиот, бразилскиот и кабовердијанскиот звук.

Ова во своето обраќање до јавноста ќе го запишат Весела Мoловска и Јана Куновска, носителките на проектот „Еволуција на еден сон“, кој овојпат ја промовира идејата да биде остварлив зачеток на едно движење кое се залага за промоција и развој на македонската култура и уметност во меѓународни рамки.

Но, да тргнеме со ред.

Воведот во вкупното случување ќе биде сторен со Бразилецот Франсиско Серено, кој како продуцент и еден од луѓето што се вртат околу прочуениот фестивал „Тодо Мундо“ ќе одржи отворен семинар за меѓународен музички бизнис, музички соработки со Бразил, музички саеми и циркулација на музичката сцена во светски рамки. Нешто потоа следува презентацијата на магистерскиот труд на нашата Маја Петковска во кој се образложува како сите дела од „Еволуција на еден сон“ можеа да бидат зачувани и спроведени со поинаква архитектонска изведба.

И, по едно вакво отворање на портите, од 18 часот, ќе се случи и изложбата на која, покрај Куновска, учествуваат Ѓорѓе Јовановиќ, Владимир Лукаш, Ненад Тонкин, Ване Костуранов, Милан Андов, Атанас Ботев, Доротеј Нешковски, Јана Јакимовска, Маја Џеповска, Матеј Богдановски, Иван Ивановски, Владимир Кнежевич-Путец и Јана Манева Чупоска. Згора на тоа ќе биде претставен и перформансот на нашиот Мирослав Стојановиќ-Шуки во чија изведба учествува и Сара Климовска.

„На ликовниов дел ќе се изложат мурали кои веќе не постојат. Тоа се муралите кои беа насликани на ѕидовите на една куќа што ја нема повеќе. Ќе бидат претставени 18 принтови нешто помали од природна величина. Битно е тоа што уметниците насликаа генијални работи. Генијални работи свесни дека тие нема да постојат и дека ќе бидат минато со рушењето на куќата“, вели Јана Куновска, авторка на визуелниот дел на „Еволуција на еден сон“.

Уметницата и со дополна дека муралот на нејзиниот колега Атанас Ботев е искористен за плакатот за настанот, а згора на тоа и со информацијата дека постои можност оваа поставка да биде наскоро претставена и во Белград, соседна Србија, а потем и пред публиката во земјите кои ќе влезат во реализацијата на овој проект.

Од друга страна, како продолжение на музичкото остварување од првото издание на „Еволуција на еден сон“, овојпат предвидено е да биде зачната една крос-културна соработка. Имено ќе биде направен спој на македонските музичари Мухамед Ибрахими (гитара), Кирил Туфекчиевски (контрабас) и Александар Петров (тапани и перкусија) со инструменталисти како Диого Пикао (сопран саксофон) од Португалија, кој патем го носи мелосот на бразилскиот и кабовердијанскиот ритам и шпанецот Олмо Марин (гитара) кој воедно е виртуоз за бразилскиот ритам и звук. По нивниот концерт ќе следува забава на која зад грамофоните и другите помагала ќе застане ди-џеј Џони (Johnny Cooltrain) од Ангола/Португалија, кој ќе има сесија со африканска музика.

„Намерата е да продолжи сето тоа движење за да можеме тој звук да го пренесеме и во Португалија, Шпанија, Бразил, бидејќи ги имаме сите тие контакти. На некој начин барем да зачнеме некоја соработка бидејќи никогаш до сега на овој начин не сме соработувале со тие земји. И за мене сево ова има многу голема емотивна вредност бидејќи е само еден почеток на она што ќе се остварува понатаму. Тој еден сон каде што јас навистина сакам да ја поврзам македонската уметност со останатиот дел од светот“, истакнува Весела Мoловска, која подолго време живее и работи во сверата на културата и уметноста во Португалија.

Таа нималку не крие дека е радосна и поради тоа што во случајов нивниот проект „Еволуција на еден сон“ имал „мала, но значителна поддршка од Министерството за Култура и Градот Скопје“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG