По цели 11 години од првичното самостојно претставување каде го анализираше принципот на згрутчување и четири од „Визуелна статистика на случајно добиени податоци“ во Отворено графичко студио (која се темелеше на системи хранети со податоци од фрлање паричка и коцка, а добиените резултати беа структури кои можат да се наречат графики и скулптури), Кирил Василев еве го повторно во Музеј на Град Скопје. Неговата трета самостојна изложба е насловена „Мостри на една случајност“ и според зборовите на уметникот, преку веќе востановениот принцип, се обидува да најде одговор на прашањето што во едно парче случајни податоци што го користи како образец, според трите правила: умножи, собери, повтори, всушност, прави правилни градби кои даваат впечаток на промисла и наликуваат на уметничко дело.
Уметникот појаснува дека „Мостри на една случајност“ е негова трета самостојна изложба и дека е тесно поврзана со втората кадешто изложуваше визуелизации на грутки на случајноста. Според него, тоа е еден феномен којшто уште се нарекува и нееднаква распределба, низи или синхроницитет. Вели дека преку неа се докажало оти таа асиметрична природа на случајноста е во спротивност со некои тврдења од денешниот светоглед за многу важни, суштински прашања како што е постоењето или настанокот на животот. Истакнува дека „постоењето е непредизвикан настан, а животот настанал случајно“. Дека „светот околу нас е симетричен или барем како таков го препознаваме, иако од друга страна видовме оти случајноста може да произведе само асиметрија, односно визуелизирано би биле некакви грутки на случајноста“.
„Во „Мостри на една случајност“ се обидувам да го испитам процесот на создавање како таков, значи кои се чекорите што се потребни за нешто да постои, и исто така да видиме колкава е улогата на случајноста во таква една постапка на создавање. Заклучокот е дека е потребен код или наредба или идеја за нешто да можеме да го препознаеме како некаква симетрија“, вели Василев.
Тој забележува дека е дури и по малку зачуден од добиените резултати бидејќи според ситемот што го смислил за да може да стигне до овие визуелизации, од 70 можни начини да се пластират овие случајни податоци и нивните отпечатоци, овој алгоритам произвел мноштво различни „шари“ коишто се препознатливи и можеме да ги видиме како декор во некоја црква или џамија, поплочувањата во бањите, дезен за некој материјал за облека... Дополнува дека без разлика на минимум информацијата којашто се повинува на три прости наредби: пресликај се, ископирај се или умножи се трипати „станува збор за еден квадрат“. Четирите идентични квадрати се спојуваат во еден и истиот тој квадрат продолжува понатаму со повторување на постапката се разложува и потоа повторно се спојува.
Василев вели дека алгоритмот има решение. Дека тоа не оди во бескрај. И без разлика на содржината на случајноста што учествува во креирањето на овие визуелизации, тој добива исти, односно слични резултати.
„Кој и да е импутот во равенката резултатот е секогаш ист. Можам да кажам дека сме откриле некакви природни облици или шари коишто се ете така зададени, односно нашето парче случајност се наоѓа во супер позиција во однос на квантумот можни облици“, вели тој.
На поставката Василев се претставува со 16 принтови од кои два се воведни во она што следува и таму авторот со нагласени букви пишува: „Ова не е уметност!“ Во појаснувањето на тоа истакнува дека за прв пат во историјата посетителите ќе можат да присуствуваат на „фејк арт изложба“.
„Велам дека не е уметност бидејќи ова навистина не е уметност. Ова може да го произведе кој било човек што има дома компјутер и ако притоа се води по истите принципи. Нема никаква уметничка вештина. Нема лага. Ова не е претстава. Ова е фактичка состојба. Затоа звучи малку чудно, но и се допира до тоа што е уметност и што не е уметност. За мене во уметноста мора да постои некаква лага, односно тоа да биде претстава за нешто. Ако веќе нештото не е претставено тогаш е фактичка состојба и според мене не подлегнува во групата на дела што може да се оценат како уметнички“, категоричен е Кирил
Уметникот и со дополнување дека „Фејк арт бидејќи наликува на уметност и навистина можеме да препознаеме шари што сме ги гледале на народна носија како вез и други случаи, та и не е дизајн, туку прост алгоритам којшто ете така природно ги произведе овие облици“.
Инаку, Кирил Василев работи во Театарот за деца и младинци како куклар и реквизитер. Тој е автор на бројни сценографии и костими во повеќе театарски претстави и филмови, а во 2012 година за претставата „Приказни за Шехерезада и Шахријар“ што режисерот Деан Дамјановски ја постави на сцената на Турскиот театар во Скопје ја доби наградата за сценографија на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“.