Достапни линкови

Холивудски сјај во борбата против климатските промени


Светски самит за акција против климатските промени
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:34 0:00

Светски самит за акција против климатските промени

Меѓународните напори во борбата против климатските промени, наместо досадни и суви преговори деновиве добија холивудски сјај, малку повеќе ветени пари од Волстрит и значителна доза на навивање. Бизнис-лидери, градоначалници, гувернери и активисти од целиот свет се собраа деновиве во Сан Франциско на Глобалниот самит за климатска акција.

Учесниците на големо го пофалија она што го направиле досега, но и она што мислат да го преземат за да го забават глобалното затоплување.

За тоа добија пофалби, преку видео порака, и од поранешниот гуверенер на Калифорнија Арнолд Шварценегер:

„И сите вие сте херои затоа што се борите за чиста животна средина, за чист свет, зелен свет, го сакам тоа. Сега снимам филм за научна фантастика, затоа не можам да бидам со вас. Го снимам Терминатор 6. Но, она што го правите не е научна фантастика. Јас овде само играм херој, но вие сте вистински акциони херои“, рече Шварценегер.

Нивните напори вклучуваат ветувања за трилиони долари вложувања во почиста енергија и за напуштање на инвестициите во фосилни горива.

Градоначалничката на Сан Франциско, Лондон Брид, вели дека од тоа зависи иднината на светот:

Ова прашање е поголемо од еден град, еден регион или земја. Изборите и обврските што ќе ги направиме во следните неколку дена и нашата постојана соработка ќе одредат дали можеме да водиме подобра иднина за следната генерација“, вели таа.

На Самитот се најавени и нови начини за борба против климатските промени со акцент врз климатско-прифатливо користење на земјиштето, производство на здрава храна, како и масовно зголемување на шумите, нешто што еден од учесниците го нарече „заборавено климатско решение“.

Во сето тоа ќе бидат вклучени градови, држави, бизнисмени и добротворни фондации. Упатувајќи апел за поголема соработка градоначалникот на Париз, Ана Идалго, предупреди:

„Не сакам да се соочам со моите деца еден ден кога ќе ме прашаат зошто не направивте нешто? Тоа е итен случај. Ние нема да умреме од загадувањето утре, ние веќе умираме“, вели Идалго.

Во најновиот извештај се нагласува дека бизнис заедницата и пониските нивоа на власта имаат потенцијал да ги намалат емисиите на штетни гасови за да го задржат глобалното затоплување под опасната точка од 2 Целзиусови степена.

За да не се достигне тоа ниво, светот треба да ги намали годишните емисии за речиси 15 милијарди тони јаглерод диоксид до 2030 година.

Собирот во Сан Франциско има за цел да создаде импулс за 2020 година кога светските лидери ќе се вратат на масата за преговарање за да се заложат за уште подлабоки намалувања на емисиите на штетни гасови отколку што беа утврдени во 2015 година.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG