Една нова студија вели дека целта за запирање на глобалното затоплување, поставена со Парискиот климатски договор може да биде премалку за да се спречи катастрофалниот пораст на температурата.
Целта е просечната температура во светот да се задржи да се зголемува до два Целзиусови степена над онаа што беше пред индустриската револуција. Сега и овие два степена претставуваат опасност.
Во најновата студија која заеднички беше спроведена од Австралискиот национален универзитет, Универзитетот во Копенхаген и други институти се вели дека дури и ако целта биде исполнета, други процеси кои веќе се влошени од климатските промени може да ја зголемат температурата на Земјата за 4 до 5 степени.
Станува збор за топењето на поларниот мраз и за метанот што се ослободува од дното на морето.
Сето тоа со време ќе ја направи Земјата непогодна за живеење.
На краток рок, сцените како топлотните бранови што моментално ја зафатија Европа ќе станат многу почести.
Заедно со катастрофите што ги придружуваат.
Реките ќе се изливаат, ураганите ќе пустошат, а нивото на морето ќе биде и 10 метри повисоко и сето тоа до крајот на овој век.
Дали ова би можело да е точката која ќе го смени мислењето?
Претходно, и Обединетите нации предупредија дека доброволното намалување на емисиите на стаклени гасови договорено во Париз можеби нема да биде доволно за да се постигне целта.
Дури и ако владите ги задржат своите ветувања.
Деновиве за време на посетата на Шведска за да го надгледа мултинационалниот тим кој се бори со тамошните шумските пожари Христос Стилијанидес, еврокомесар за хуманитарна помош и управување со кризи изјави дека е јасно оти климатските промени „се случуваат сега и тоа не е лажна вест“.
„Сега во јужна Европа, помалку или повеќе така е секогаш, се соочуваме со вистинска проблематична ситуација во Португалија и Шпанија. Овие две земји-членки се на црвена тревога и мали лекции дека овој феномен е вообичаен секое лето. Но, не е вообичаен феномен првите шумски пожари да ги видите веќе во јуни. Значи за мене, ова е вистински доказ за климатските промени и климатските промени е тука. Тоа се случува сега и тоа не е лажна вест. Ова е мојот конкретен одговор кон администрацијата на Трамп“.
Колку за потсетување,претседателот Доналд Трамп целосно ги повлече Соединетите држави од Парискиот договор, бидејќи бил, како што оцени, неправеден за американските работници.