Достапни линкови

Македонија на Запад - Западот во Македонија


Архивска фотографија - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и премиерот Зоран Заев во Скопје, 18.01.2018
Архивска фотографија - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и премиерот Зоран Заев во Скопје, 18.01.2018

Аналитичарите сметаат дека една од причините за интересот на западните политичари за успешен референдум е зголеменото руско влијание во регионот. Во меѓувреме, се повеќе политичари или упатуваат пораки за поддршка или пак лично доаѓаат во Македонија во пресрет на референдумот.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, првиот човек на австриската влада Себастијан Курц и германската канцеларка Ангела Меркел се тројцата високи политичари кои само оваа недела ќе допатуваат во Скопје. Според универзитетскиот професор и поранешен министер за надворешни работи Денко Малески за интересот на западните земји за успешен референдум и напредок на земјава кон НАТО и ЕУ влијаат два фактора.

Првиот фактор тој го нарекува и „уникатен историски момент кој треба да се искористи”. Тој момент, според Малески, е совпаѓањето на интересите на западните земји наспроти руското влијание.

„Ова е важно да се има предвид, бидејќи порано немаше такво совпаѓање на интересот на Соединетите Американски Држави и на Европската унија за проширување на НАТО со Македонија и другите земји на Балканот како што сега, во овој момент, го имаме“, вели Малески.

Неможноста, пак, Македонија 30 години да напредува поради проблемот со соседот, според професорот, е друг фактор, што придонесол меѓународните сили да се вклучат во самото постигнување решение. Малески смета дека Скопје и Атина биле под силен притисок да попуштат за нешто, па така Македонија отстапката ја направила за името и за историјата, а Грција за називите на јазикот и за нацијата.

И политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека има повеќе причини за ангажманот на западните политичари. Во Европската унија никој не се чувствува комотен поради долготрајноста на спорот, а причина е и геостратегиското приближување и тенденции на Русија и некои други источни земји кое има потенцијал да предизвика и конфликти, смета Муслиу.

„И трето, мислам дека ЕУ и САД се трудат преку Македонија да пратат нов сигнал за начинот на решавање на споровите на Балканот, не само со соседите, туку и внатрешни спорови. Мислам дека за првото ќе се инсистира да се промовира како модел на решавање на комплексни спорови, а внатрешно ќе се инсистира на владеење на правото и на избегнување на неказнивоста”, вели Муслиу.

Инаку, во земјава периодов беа и претставници на официјален Брисел, министри од земји членки на Европската унија, американски политичари, европратеници. Пораката на сите е речиси слична- граѓаните да го кажат својот став преку гласање на референдумот и да се искористи можноста што и се пружа на Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG