Достапни линкови

Подготовките за Денот Д и судењата - топ тема во медиумите


Архивска фотографија - Гласање на избори.
Архивска фотографија - Гласање на избори.

Кампања, пари, кој е „за“, а кој ќе бојкотира, со овие теми се занимаваат сите медиуми. Тие пишуваат и за судските процеси на СЈО.

Топ тема во печатените медиуми, како што се приближува, да го наречеме 30 септември Денот Д, се разбира е референдумот. „Власта е „за“, меѓународните претставници повикуваат да се гласа, ВМРО-ДПМНЕ сè уште нема став“, има наслов Нова Македонија на текст во кој е пренесена изјавата на премиерот Заев по формалното отворање на кампањата на ЕУ „Замисли иднина заедно“ дека е уверен дека огромен процент граѓани ќе се изјаснат „за“ на претстојниот референдум изразувајќи надеж дека опозицијата ќе биде позитивна затоа што и таа е за ЕУ и за НАТО.

Сите печатени медиуми информираат за состанокот во средата вечер на 30-ина лидери на партиите поддржувачи на референдумот, свикана по иницијатива на премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев. „Заврши лидерската средба на про-европските и про-НАТО партиите“, насловија Нова Македонија, Независен и Слободен печат додавајќи дека немало официјан изјави, а било најавено соопштение за јавноста.

Слободен печат пишува дека „Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сè уште не се изјасниле за учеството во кампањата“, а на насловната страница на најновото издание со крупни букви објавува: „Претседателот Иванов за референдумот во ’емиграција‘“, пренесувајќи го соопштението од неговиот Кабинет дека шефот на државата ќе ја претставува Македонија на Генералното собрание на ОН на 27 септември во Њујорк. Слободен печат пренесува мислења на политички експерти дека, имајќи предвид оти претседателот Иванов има цели три дена за да се врати од Њујорк во Скопје, сепак неговото отсуство од референдумот претставува јасна политичка порака до неговите поддржувачи.

Печатените медиуми ја објавуваат и најновата анкета на Меѓународниот републикански институт – ИРИ според која 57 отсто од граѓаните поддржуваат влез во ЕУ и НАТО како Северна Република Македонија. Вечер го објавува повикот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ до Владата: „Откажете се од средствата за себерекламирање под превезот на референдум“.

Инаку, Слободен печат го пренесе ставот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека пратениците и партиите кои се пријавиле дека ќе учествуваат во кампањата за референдумот нема да добиваат пари, туку Собранието ќе закупи медиумски простор и истиот ќе биде пропорционално поделен.

Во меѓувреме, „Продолжува судењето за „Насилство во Општина Центар“ “ и „Апелација одлучува по жалбата на Груевски за „Тенк“, ново рочиште за Јанкулоска“, за што Груевски е осуден на две години затвор како поттикнувач за извршување на делото – објавуваат Нова Македонија, Независен и Слободен печат. Инаку, за „Насилство во Центар“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.

Слободен Печат, Вечер и другите печатени медиуми ја објавија и веста дека „12-годишниот Марко Пејчиновски го преплива Охридското Езеро“ и неговата изјава: „Не очекував дека ќе биде олку лесно“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG