Две децении по војната во поранешната српска покраина Косово, дипломатите и лидерите почнаа да играат со идејата за која се смета дека е последната црвена линија.
Гоце Атанасов
„Поделба“, „корекција на границата“, „демаркација“ се зборовите што се почесто се слушаат во Белград и во Приштина, со надеж дека тоа ќе доведе Србија конечно да ја признае независноста на Косово со што ќе им се отвори патот на двете земји да влезат во Европската унија.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави:
„Јас се залагам за разграничување со Албанците. Тоа да имаме територија која не се знае кој како да ја третира и што на кој му припаѓа, тоа секогаш е извор на потенцијален судир“, рече Вучиќ.
Оваа изјава на Вучиќ е една од првите во која отворено кажува за потенцијално признавање на Белград на Косово, нешто што претходните српски влади се заколнаа дека никогаш нема да се случи. Поделбата беше за Белград своевиден резервен план во изминативе две децении како да се добие нешто од губењето на Косово. Таа се сметаше за неостварлива од страна на меѓународната заедница, која се надева да го види Косово како мултиетничка држава. Но, идејата повторно се појави, а Западот сега се надева дека токму тоа може да доведе до траен мир меѓу Косово и Србија.
Претседателот на Косово Хашим Тачи, кој неколку години се ангажира со Вучиќ во разговорите со посредство на Брисел, изјави дека ќе се залага за „корекција на границата“ со цел трите главно етнички албански општини во српската Прешевска долина да станат дел од Косово
„Барањето на Србија за поделба на Косово нема да биде успешно. Тоа е неприфатливо“.
Според Тачи, нема да има поделба, туку корекција на границата односно почитување на барањето на Прешевската долина да биде дел од Косово. Тачи не кажа кои делови од северно Косово би можеле да и бидат отстапени на Србија. Впрочем ниту еден лидер не презентира некаква мапа или разработен план.
Во меѓувреме, никој од локалното население не е за некаква корекција или размена на територии.
Вознемиреност на Косово и во Србија околу можното менување на границата
Со динамиката што неодамна беше забележана во балканските мировни процеси, односно со договорот за името меѓу Македонија и Грција, Брисел и Вашингтон се согласија да го решат и спорот меѓу Косово и Србија и се чини дека се сè поотворени кон идејата за територијална размена - иако Германија и Велика Британија изразија противење. Според посматрачите, со ова ново сценарио се разбива досегашната косовска посветеност кон градење мултиетничка земја.
Ден Сервер, професор на Школата за напредни меѓународни студии Џон Хопкинс и поранешен американски дипломат на Балканот оценува дека потенцијалното разменување територии ќе ја отвори „Пандорината кутија“ на Балканот.
Милорад Додик, претседател на нејзиниот помал ентитет, Република Српска, кој се состои од 49 отсто од босанската територија отворено зборува за отцепување. Сепак, германската канцеларка Ангела Меркел деновиве на прес-конференција со босанскиот премиер Денис Звиздиќ, ја отфрли идејата за промена на границите на Балканот.
Македонија и идејата за прекројување на косовската граница
Евентуалното прекројување на границите меѓу Косово и Србија може да се прошири како вирус на Балканот, а тоа нема да донесе ништо добро, коментираат експерти. Таквата идеја би ги подгреала аспирациите на некои сили во Македонија кои се за поделба на земјата, вели професорот на ФОН, Темелко Ристески.
„Прекројувањето на границите ќе доведе до нестабилност, до јакнење на аспирациите на сепаратистичките кругови, а со настојување на тој сепаратизам би била загрозена и Македонија, но се надевам до тоа нема да дојде и ќе се заврши само на една идеја“, вели професор Ристески.
Тезата дека не треба да се менуваат границите на Балканот е најдобра за стабилноста на регионот, со тоа и за Македонија, оти ако се почне со менување на границата на Косово, нема да застане само на тоа и ќе се отворат многу прашања, коментира поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.
„Ќе се отвори процесот на интеграција меѓу Косово и Албанија и сигурно дека ќе се зголемат апетитите за формирање на Голема Албанија, која и натаму како идеја е присутна и со овие, да речеме, стратешки поместувања на Балканот може и да се реализира. Ќе има влијание тоа и врз состојбите во Македонија. Мислам дека тоа не може да се разреши без воени судири, без вмешување на странските сили коментира Трајанов.
Трајанов вели дека досега идејата за неменливост на границите ја поддржуваше и меѓународниот фактор, но оти во последно време се зборува дека има разговори меѓу САД и Русија околу опцијата за поделба на Косово. Сега се зависи од нив, вели Трајанов.
Партиите во Македонија се противат на идејата за размена на територии на Балканот. Од Владата за нашето радио рекоа дека отворените прашање треба да се решаваат со нови политики, а не со цртање нови граници. Од владејачката СДСМ велат дека нивната партија го застапува принципот за неменување на границите на Балканот. За Лидерот на ДУИ расправата за размена на територии и поделба на Косово, повеќе изгледа како измислена дебата. И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека се против каква било промена на границата што ја засега нашата држава.
Доколку бевме членка на НАТО, а Алијанската е стабилен сојуз кој води политика да спречи сè што би можело да ја наруши стабилноста, немаше да дојде до настојување за прекројување на гранците, вели Ристески.
Идејата за менување на границата меѓу Косово и Србија, доаѓа во време кога во Македонија во фокус на политичките настани е претстојниот референдум за менување на името, со што земјата ќе стане членка на НАТО и во ЕУ.
Неодамна македонски власти и аналитичари кои се занимаваат со членството во НАТО изјавија дека ако договорот со Грција не успее, и земјата не стана членка на ЕУ и НАТО, тоа ќе има сериозни реперкусии.
Трајанов вели дека не треба да се подгреваат тезите дека Македонците се против референдумот, а Албанците ќе гласаат „за“.
„Секоја паралела сега дека поделбата на Косово и неуспешниот референдум ќе ги натера Албанците од Македонија да се припојат кон Косово, а што Косово ќе влезе во ЕУ, во НАТО?, или Албанија ќе влезе пред нас во ЕУ? Најмалку сега ни треба да се делиме по етничка основа, за тоа кој е за ЕУ и за НАТО, а кој е против. Постои граѓански и политички консензус за интеграцијата во ЕУ и во НАТО и ние на тоа треба да се држиме“, вели Трајанов.
Митко Гаџовски, политикологот од Факултетот за општествени науки, чија научна област е надворешната политика, вели дека со позитивно изјаснување на референдумот и со тоа што Македонија ќе стане членка на НАТО, а воедно ќе ги започне и преговорите со ЕУ, се гарантира безбедноста и стабилноста на Македонија, а со тоа гарантирани се и границите.
„Со тоа што ќе станеме земја членка на НАТО. Мислам дека ниту сега, ниту во иднина ќе имаме територијални загрозувања од причина што кога сме земја членка на НАТО безбедноста ни е загарантирана и не би требало да стравуваме од каков било домино ефект од страна на нашите соседи преку процеси коишто се одвиваат таму.
Разговорите меѓу Белград и Приштина продолжуваат на 7 септември во Брисел. Претходно на 4 септември во косовското Собрание, треба да се одржи вонредна седница по барање на опозицијата, која се противи на намерата на повреда на територијата на Косово.