Достапни линкови

Македонија и идејата за прекројување на косовската граница


Дека постои опасност по Македонија ако се менуваат границите на Балканот се сложуваат и партиите во Македонија и дел од македонските аналитичари и експерти

Голем број дипломати и меѓународната заедница, особено Европската унија, не се воодушевија од идејата за менување на српско-косовската граница. Од Запад има и предупредувања дека прекројувањето на границите може да предизвика нови конфликти во регионот, а со тоа и во Македонија.

Дека постои опасност по Македонија ако се менуваат границите на Балканот се сложуваат и Владата, партиите во Македонија и дел од македонските аналитичари и експерти.

Влада: Нови политики, а не нови граници

Од Владата на ова прашање за РСЕ велат дека се убедени оти отворените прашање треба да се решаваат со нови политики, а не со цртање нови граници.

„Во изминатиов период Владата го зацврсти и го продлабочи пријателството со сите свои соседи. Владата успеа да ги затвори отворените билатерални прашања почитувајќи ги принципите на отворен дијалог, взаемно разбирање и спремност за компромис. Денес, Република Македонија повеќе нема отворено прашање со ниту еден свој сосед. Ги поддржуваме и охрабруваме напорите на нашите соседи да ги решаваат отворените прашања и да ги надминат недоразбирањата во интерес на нивните билатерални односи, но и во интерес на стабилноста и соработката во регионот. Веруваме дека проблемите се решаваат со воведување на нови политики, а не со исцртување на нови граници. Владата на Република Македонија смета дека на Балканот не му се потребни нови поделби. Само обединети заедно, земјите од нашиот регион можат побрзо и полесно да напредуваат, да ги остварат заедничките европски аспирации и преку заедничката соработка да создадат подобри услови за живот за своите граѓани“, велат од Владата.

СДСМ: Пријателство, а не менување граници

Од владејачката СДСМ за РСЕ велат дека нивната партија го застапува принципот за неменување на границите на Балканот.

„Политиките на СДСМ се насочени кон интеграција на целиот регион, градење пријателство, унапредување и развивање на односите со соседите. Само на тој начин регионот може да оди напред кон развој, напредок и простепритет“, велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ: Владата ја користи ситуацијата за заплашување пред референдумот

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за РСЕ велат дека се против каква било промена на границата што ја засега нашата држава, но сметаат дека македонската влада гo злоупотребуваaт тоа што се случува на релација Белград - Приштина, пред претстојниот референдум.

„Таквото вклучување и наметнување на Македонија во српско-косовскиот спор, како и апокалиптичните сценарија кои се шират од такви евентуални надворешни закани се дел од оркестирана кампања на Македонската Влада визави референдумот за договорот со Грција и имаат функција на плашење на граѓаните. Таквите сценарија се во умовите на владините советници кои први ја отворија и наметнаа оваа тема, која е поставена на егзибионистички основи, на кои точка стави и неодамнешната изјава на германската канцеларка Ангела Меркел која соопшти дека прекројување на границите на Балканот нема да има“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ахмети: Повеќе ми личи на измислена дебата

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека расправата за размена на територии и поделба на Косово, повеќе изгледа како измислена дебата одошто како нешто конкретно.

„Демаркација на границата со Србија би му помогнала на Косово да стане членка на сите светски механизми. Проблемот не може да се реши без директно ангажирање на НАТО, ЕУ и Вашингтон“, изјави Ахмети.

Балкански вирус

Прекројувањето на границите може да се прошири како вирус на Балканот, сметаат и дел од македонските експерти и дипломати.

Таквата идеја би ги подгреала аспирациите на некои сили во Македонија кои се за поделба на земјата, вели професорот на ФОН, Темелко Ристески.

„Прекројувањето на границите ќе доведе до нестабилност, до јакнење на аспирациите на сепаратистичките кругови, а со настојување на тој сепаратизам би била загрозена и Македонија, но се надевам до тоа нема да дојде и ќе се заврши само на една идеја“, вели професор Ристески и додава дека „Доколку бевме членка на НАТО, а Алијанската е стабилен сојуз кој води политика да спречи сè што би можело да ја наруши стабилноста, немаше да дојде до настојување за прекројување на гранците.

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, коментирајќи ги идеите за прекројување на границите меѓу Косово и Србија, изјави дека референдумот за Преспанскиот договор мора да биде успешен или Македонија ќе настрада во регионалните вртлози.

„Сите знаат дека ако се оди на поделба на Косово, најголема или прва колатерална штета ќе биде Македонија, поради албанскиот фактор, чија бројка во Македонија е значајна и, ако северот на Косово во такви некакви планови се припои кон Србија, јас не можам да видам како албанскиот фактор во Македонија не би го поставил повторно прашањето на границите на Македонија“, вели Пендаровски.

Сериозни предупредувања и од меѓународните институции и дипломати

Дека постои можност Македонија да биде жртва на такво прекројување на границите предупредуваат и повеќе меѓународни институции, регионални политичари и странски дипломати, меѓу кои и поранешниот шведски министер за надворешни работи, Карл Билт.

„Поделбата на Косово повторно би ја отворило дебатата за иднината на Босна, а тука е и уште потешкото и поопасно прашање на Македонија, во која Албанците сочинуваат значителен дел од населението. Новите поделби во регионот се рецепт за гео-политичка нестабилност, бидејќи Балканот и онака е премногу балканизиран. Играњето со границите и поделбите на Балканот беа опасни во раните 1990-ти и останаа такви и сега. Брисел и Вашингтон мораат да се освестат пред тие ризици“,

напиша Билт за американскиот весник „Вашингтон пост“, и додава дека постепената интеграција на Србија и на Албанија во ЕУ и во НАТО, во рамките на сегашните граници, е единствениот пат кон трајна стабилност на регионот.

Активирање на желбите за Голема Албанија?

И американскиот аналитичар за Балканот Даниел Сервер, на неговиот блог Peacefare.net пишува дека идејата за корекцијата на границите е лоша и дека корекцијата на границите би се одразила врз Македонија со тоа што „би се зголемила поддршката на Албанците во Македонија, кои сакаат да се приклучат кон Голема Албанија, што потенцијално би довело до дестабилизација на Македонија“.

Граници не се поместуваат со зборови туку со војна

Дека новите поделби носат војни предупреди и поранешната косовска министерка Едита Тахири, која ја предводеше делегацијата на Косово во дијалогот со Србија.

„Размената на територии или било која поделба не е опција и треба да се отфрли бидејќи тие носат војни. Не може да има промена на граници во Косово или на Балканот во други форми освен со војна“, изјави Тахири и нагласи дека ако сепак се отвори темата за границите на Балканот, „Албанците се подготвени“.

„Не можеме делумно да ги решиме работите и да останат Албанците од Македонија и од Црна Гора надвор од границите. Запомнете дека кога го поставивме проектот за независност, одлучивме во согласност со нив. Албанците од Прешевската Долина, од Македонија и од Црна Гора се согласија. Ова е национално прашање, им припаѓа на сите – вклучувајќи ја и Албанија“, изјави Тахири.

Паралелно со реакцијата на ЕУ, и британската влада категорично се изјасни против идејата за поделби на територии, бидејќи, како што изјави амбасадорот на Велика Британија во Косово Руари О’Конел, „границите се пишуваат со зборови, но се менуваат со куршуми и дека промената на границата меѓу Косово и Србија би предизвикала и други преседани на Балканот“.

Со иста реторика по ова прашање се изјасни и косовскиот премиер Рамуш Харадинај кој рече дека е против идејата за прецртување на границите, бидејќи „границите не се поместуваат со зборови“.

Амбасадата на Русија во Тирана, во реакцијата околу идејата за промена на границите на Косово, оценува дека прашањата за статусот на Косово треба да се реши врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и дека „не треба да се игра со опасната тенденција да се разнишаат руско-американските односи и да не поттикнуваат тензии на Балканот“, алудирајќи на написите во дел од регионалните медиуми за „таен договор за Косово меѓу САД и Русија“.

XS
SM
MD
LG