Достапни линкови

Кампањата „за“ против песната за бојкот


Протест против промена на уставното име на Македонија (архива)
Протест против промена на уставното име на Македонија (архива)

Кампањите за гласање „за" и за бојкот на референдумот се засилуваат. ВМРО-ДПМНЕ, пак, се уште нема став, а лидерот на партијата Христијан Мицкоски викендов праша кој бил тој да му кажува на народот што да прави.

Засега две страни водат кампања за референдумот за Договорот за името поврзан со зачленувањето во Европската унија и НАТО. Преку секојдневни активности едната страна, владината, повикува да се излезе на референдумот и да се гласа „за”, а другата, пак, бара од граѓаните да го бојкотираат изјаснувањето на 30 септември.

Истовремено, додека двете страни имаат интензивни активности ВМРО-ДПМНЕ се уште ја нема официјализирано својата позиција. Забуна внесе и изјавата на нивниот лидер Христијан Мицкоски, кој од митингот во Кичево викендов праша „кој бил тој да му кажувал на народот што да прави”.

На прашањето дали со оваа изјава се најавува дека е можно партијата и да не излезе со став до самиот референдум, извори од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не би додавале ништо на изјавата на нивниот лидер, оти таа била, како што велат, јасна и прецизна.

„Што се однесува до ставот за референдумот тој би се официјализирал кога ќе заседаваат Извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ”, велат од партијата, додавајќи дека засега нема точна најава кога би се одржале состаноците на тие тела.

Никола Дујовски, професор на Универзитетот Свети Климент Охридски, смета дека опозициската партија нема конзистентен став. Според него, тешко е да се оцени дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ја кажат својата позиција, како што најавуваа до 10 септември, или пак нема да ја откријат и до самиот референдум.

Разни личности со различни опции

Но, според него, тоа што создава забуна кај гласачите на опозициската партија се различните мислења на партиски лица.

„Секоја шареноликост на партиските лица може да значи дека членството е без компас. Едноставно поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ во моментов немаат лидерство кое ќе му покаже како треба да се однесуваат”, вели Дујовски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски најави дека ќе води кампања за бојкот, а Петар Богојески, заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ ги повикува членовите масовно да излезат на референудмот и да го кажат своето мислење за договорот.

Песна за бојкот

Во меѓувреме, засилена кампања, пред сè на социјалните мрежи водат групите што повикуваат на бојкот на референдумот. Викендов поддржувачите на оваа опција споделуваат видео со рап песна чиј автор е потпишан како Бизи.

Јуда, гнида, душман, се неколку од зборовите што се употребени во песната со која се повикува на бојкот на референдумот. Во сценографијата пак има крстови, македонски знамиња со Вергина, пиштоли, а материјалот е снимен во црковен објект.

Секој има право на бојкот, но не треба да се оцрнува другата страна која мисли поинаку и да се повикува на нејзин линч, вели комуникологот Сефер Тахири, коментирајќи ја песната и спотот.

„Мислам и дека како што ќе се наближува датумот за референдумот реториката ќе се вжештува и ќе биде многу остра не само во политичка смисла туку во насока и на продлабочување на поделбите во општеството”, вели Тахири.

Коалицијата „Заедно ЗА европска Македонија”, пак, своите активности најмногу ги насочува кон трибини и средби со граѓани на кои ги објаснуваат придобивките од позитивно изјаснување на референдумот. На тие трибини учествува премиерот Зоран Заев, министри и други владини функционери.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG