Достапни линкови

Кампања без лажење може да ги донесе луѓето на гласање


Кампања За и за бојкот на референдумот
Кампања За и за бојкот на референдумот

На луѓето треба реално да им се објаснат придобивките од членството во ЕУ и во НАТО, без преувеличување и без ветувања дека веднаш „ќе потече мед и млеко“, како и да бидат информирани за сите аспекти од Договорот со Грција, за да излезат на гласање на референдумот, велат аналитичарите.

Кампањата за референдумот е всушност кампања за цензус. Во изминативе два месецa во јавноста излегоа четири анкети кои покажуваат дека излезноста ќе биде меѓу 47 и 71 отсто. Сепак, ова не значи дека ќе се постигне цензусот од 50 отсто, зашто анкетите се правени само меѓу избирачите кои живеат во Македонија. Во избирачкиот список има 1,8 милиони запишани гласачи, но нејасно е колкумина од нив се иселени или се на привремена работа во странство.

Премиерот Зоран Заев најави „пријатна, едукативна и мобилизирачка“ кампања за референдумот со цел на гласање да излезат над половина од запишаните избирачи. Тој вели дека повеќето од граѓаните веќе се за Договорот за името со Грција и оти сега целта е да се обезбеди цензус, односно на гласање да излезат над 900 илјади луѓе.

Коалицијата „ЗА“ референдумот почна кампања
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:58 0:00

Љупчо Петковски од Центарот за европски стратегии Еуротинк вели дека кампањата не смее да биде пропагандистичка, која ќе ги убедува луѓето дека „ќе потече мед и млеко“ веднаш по влегувањето во НАТО и во ЕУ, туку оти треба реално да им се објаснат придобивките од зачленувањето. Потребна е реална кампања, без преувеличување на работите, вели тој.

„Не може само една кампања или кампања насочена само кон една целна група да ги изнесе луѓето за да се постигне цензус. Затоа мислам дека треба да постојат скроени пораки, скроени кампањи за различни целни групи кои ја отсликуваат општествената реалност, поделби, интереси, стравови во државата. Верувам и убеден сум дека треба да има позитивна кампања, која ќе биде насочена кон придобивките од пристапувањето кон ЕУ и НАТО“, вели Петковски.

Професор Јетон Шасивари вели дека кампањата треба да биде информативна за граѓаните да ги дознаат сите аспекти од Договорот, но и за придобивките од членството во НАТО и во ЕУ, за да може да изградат став.

„Граѓанинот ќе биде основниот фокус на оваа кампања, преку индивидуализиран пристап и непосреден разговор со граѓаните“, вели Шасивари, кој додава дека е прашање дали ќе може директно да се допре до сите граѓани.

Петковски, пак, посочува дека и анкетите покажуваат дека огромното мнозинство од граѓаните веќе имаат став во однос на Договорот за името со Грција и тие луѓе е тешко да се предомислат за четири недели. Затоа кампањата треба да се насочи кон оние коишто сè уште не се одлучени.

„Дали се тоа гласачите на ВМРО-ДПМНЕ коишто се колебаат дали да следат некоја од линиите што ги промовира партијата, затоа што самата партија нема јасна линија околу референдумот, не излегла јавно со таква. Дали е тоа одредена целна група како пензионерите, коишто се веројатно колебливи, не им е целосно јасно или не се доволно информирани. Значи, мора да се изберат целни групи и таму да се насочат и ресурсите и пораките“, вели Петковски.

Тој додава дека владата ќе се труди референдумот да не го претвори во гласање доверба за владата, зашто поддршката за референдумот е поголема од поддршката што ја имаат сите партии кои стојат зад него.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG