Достапни линкови

АКТО 13 како простор за активна култура


„Општество во изградба“ е насловена темата која ќе биде во фокусот на 13-то издание на фестивалот за современи уметности АКТО што, во организација на Факултетот за работи што не се учат и во соработка со повеќе организации меѓу кои и граѓанската платформа „Мрдни со прст“, ќе се одржи од 23 до 25 август во Битола.

АКТО Агора, АКТО за заедницата, АКТО Уметничка програма, АКТО Музика и АКТО Воз се петте програмски целини на 13-то издание на фестивалот за современи уметности АКТО што, во организација на невладината Факултетот за работи што не се учат, ќе се одржи од 23 до 25 август во Битола.

Куратори на Фестивалот се Ивана Васева и Филип Јовановски. Зад АКТО Агора крај нив застана Биљана Тануровска – Ќулавковски, а музичката програма ја потпишуваат Виолета Качакова и Мирко Попов. Во рамки на фестивалот ќе земат учество многу соработници, кои имаат за цел да го градат неговото социјално, културно - уметничко и урбано заедништво, а како простори за своите активности, фестивалот ќе ги користи јавните ресурси кои ги нуди градот.

АКТО годинава го отвора прашањето: „Во кој контекст се создава фестивалот и каков контекст тој создава?“. Од таму не случајно кураторите во својот проглас ќе забележат дека „промената на општествено - политичката констелација во земјава отвори серија на прашања, недоумици и фрустрации во сите сфери на јавниот живот. Дека нетрпеливоста и тешкиот пат на ослободување од напластениот гнев, но и изразените партикуларни интереси проследени со силна пропаганда на успешност, се кочница во сериозната анализа на случувањата и проекциите за иднината. Слабите стратегии на разединетите институции, може повторно да ги заглават потентните нови форми на вонинституционално делување, кои можат да бидат инспирација за многумина. Дури и дека културата и уметноста, изманипулирани и разулавени, не соочуваат со основните прашања – дали ќе дозволиме тие да бидат алатка на лични интереси, национал-клиентелизам и/или либерални стратегии или одлучно ќе овозможиме да свртат друг правец во градење на стабилна и силна социо-културна и уметничка сцена“.

Филип Јовановски смета дека во таков контекст, АКТО е подготвен да погледне во она што го застапува и претставува – во уметноста и културата, но и во некои нејзини минати практики и да ја потенцира важноста за оваа општествена реалност, низ параметрите на јавното и општественото, наместо вообичаената самомаргинализираност. Истакнува дека всушност „преку продуцираните и селектираните дискусии, изложби, работилници, музички програми и уметнички проекти, фестивалот има за цел да поставува прашања“. Прашања од типот - „Како да се продолжи по патот, а да се гради посериозна и стратешка изградба на позицијата на културата и уметноста?“, „Што ни нуди минатото – југословенското, модернистичкото кое толку беше негирано во изминатиов период?“, „Какви колективни вредности се заборавени, а какви се во фаза на покренување?“, „И дали е можна изградба на општеството, соочено со сите трауми и фрустрации кои ги имаше минатиот период, без брза рехабилитација и куса меморија?“

„Општество во изградба“ значи моментум на поинакви идеи, наспроти нео(и)либералната парадигма, имајќи го превид наследството на силната социјална компонента на уметноста. „Општество во изградба“ значи сите заедно, со сите гости и програми на АКТО, кои се курирани, да се заложиме да се врати полето на слободна мисла и прогресивност, на идеи во чекор со времето и на идеи кои му пркосат на секојдневието. Нашата целта е АКТО да биде простор каде ќе се создава заедно, каде сите ќе бидат вклучени и ќе се создава активна култура! Во едно општество во кое беа загрозени демократските принципи доста вредности се уништени на кои е градено општеството, а тоа пред се се солидарноста, заедништвото...во создавањето на современата култура и сметаме дека повторно треба да ги вратиме тие изгубени вредности и тоа преку современа ангажирана култура. Поточно повторно да ги позиционираме уметноста и културата во контекст на некоја општествена релевантност“, вели Јовановски

Согласно на ова, Програмата на 13. АКТО Фестивал за современи уметности ќе се обиде да ги воочи актуелните социјални нееднаквости и прекаријатности како поттик за солидарност и заедничка работа. Згора на тоа АКТО ќе работи и за локалната заедница преку своите работилници, промовирајќи ја колективноста, заедничкото учење и еманципација како водечки парадигми на Фестивалот, а и преку музичката програма не само да го мотивира локалниот контекст, но и да ги акцентира важните музички достигнувања ( пример темата „Продукција на македонска музика издадена на плочи и дизајн на обвивки некогаш и сега“ со дискутанти како Бодан Арсовски, Мирослав Грчев, Тошо Филиповски, Филип Тасевски Фиц, Мирко Попов и Виолета Качакова) .

Од друга страна, со нагласено внимание се очекува АКТО Агората како еден најголем јавен собир, што е планирано да ги отвори прашањата токму за контекстот, односно во каков контекст (треба да) се создава културата.

Ивана Васева истакнува дека барем формално оваа Агора е составена од три круга на преиспитување или три круга на дискусии. Во првиот се членови на вонинституционалниот сектор и независната културна сцена во Република Македонија, но и повеќе уметници од регионот. Меѓу нив се творци и културни работници како Биљана Тануровска – Ќулавковски, Роберт Алаѓозовски – националниот советник за култура, академик Катица Ќулавкова, професор Ристо Солунчев, а од регионот присутни ќе бидат Јанез Јанша од Словенија – еден од тројцата уметници што си го сменија името и Владан Јеремиќ и Ирена Радле од Србија. Во вториот круг најавено е да бидат Министерот за култура на Република Македонија - Асаф Адеми, Наташа Петровска – градоначалничка на Битола, како и повеќе претставници од Советот на општината или од комисијата за култура на градот. Третиот круг е публиката, а организаторите се надеваат дека и таа ќе може да придонесе во дискусијата која понатаму би требало да прерасне во општа практика во нашата земја, но и поле кадешто ќе се залагаат и ќе ги претставуваат своите идеи за развој на културата.

„Мора да ја сфатиме нашата позиција од којашто делуваме. Ние во рамки на АКТО фестивалот сме едно здружение на граѓани кое има некаква политичка моќ бидејќи претставува дел од граѓанскиот сектор во земјава, но не сме претставници на институционалната сцена односно немаме таква одлучувачка моќ. Од минатогодишното искуство излегува дека треба да веруваме дека бевме едни од луѓето кои ги поттикнаа работите да се менуваат во однос на прашањето за санација на запуштениот Офицерскиот дом. Беа одобрени средства од Министерството за култура за негова санација. Но понатаму, сето она што треба да се случува е во рацете на Општина Битола и можеби помалку на тамошниот Завод за заштита на споменици“, смета кураторката Васева.

Инаку, Фестивалот годинава се реализира со директна поддршка на платформата „Мрдни со прст“, чија мисија е да се поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавање на општествените прашања кои сите нè засегаат, бидејќи секоја активност на граѓаните придонесува за поголеми резултати и промени.

Дополнително АКТО е поддржан и од Министерство за култура, Фондацијата Фридрих Еберт – Македонија, Град Битола, Проектот на УСАИД за граѓанско учество (ЦЕП), додека партнери на фестивалот се: Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста од Скопје, НУ Центар за култура – Битола, НУ Завод и Музеј Битола и НУ Народен театар Битола, Македонски железници, Мезе бар Јагода, Кафе Радост, Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекор по Чекор“, ЛГБТИ Центарот за поддршка, Хелсиншки комитет за човекови права и Клуб Епицентар.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG