Како група која споделува различни лични уметнички практики, но слични мислења за голем број теми од областа на уметноста и општеството, Асемблаж атлас ја чинат младите македонски уметници Ана Јовановска, Анастасија Пандиловска и Амир Карахасан. Иако живеат во три различни средини, Куманово, Скопје и Амстердам, тие во мај 2017 година, за време на уметничката работилница наречена „Совршен уметник“, организирана од Фестивалот на современа уметност AKTO и Факултет за работи што не се учат во институции, решиле да ги обединат своите интереси и таленти и да ги започнат заедничките потраги.
Својата прва изложба ја имале токму за време на одржувањето на фестивалот АКТО во Битола, за да нешто потоа Асемблаж атлас стане и лауреат со првата едиција на зинот Paragraphie на ZINE VITRINE и љубљанската галерија „Добра вага“. Со тоа тие биле поканети да се претстават со изложба во 2018 година во Словенија.
Ана Јовановска вели дека се нарекле Асемблаж атлас затоа што тоа име им било најблиску до темите и проблемите што сакале да ги обработуваат. Се нашле на уметничката работилница наречена „Совршен уметник“, но таму заклучиле дека „всушност совршен уметник не постои“.
- Нам ни беше битно да имаме заеднички увид во состојбата на уметноста денес и да оствариме некое мапирање на релациите за да дојдеме до разјаснување кој е тој „совршен уметник“, кој го создава и кој го одржува на тоа некое ниво. Дали е тоа институцијата, дали е тоа некој друг ...и затоа решивме да се водиме како некој експериментален, истражувачки проект.
Уметницата дополнува дека собирале информации коишто заедно ги групирале и селектирале, за да потоа сето тоа визуелно го прикажат преку создавање на зин и изложба.
Изложбата насловена „Paragraphie“, која патем била и дел од програмата за Ноќта на музеите во Љубљана, била отворена на 15 јуни во „Добра вага“ и ќе трае се до 7 јули годинава. Македонските уметници се презадоволни од приемот кај тамошната критика и публика, во предвечерието на овој настан Асемблаж атлас одржале и работилница со наслов „Премислување на хиерархиски структури“ во организација на Кино Шишка.
Во појаснувањето за својот проект Асемблаж атлас ќе запишат дека „Paragraphie“ е резултат на дијалогот помеѓу три уметници кои замислувале и генерирaле знаење како обид за позиционирање на уметничката практика во сегашно време или подобро кажано, за да разберат што е и што може да биде позицијата на уметничката практика денес.
Според нив, зиновите кои ги продуцирале (Paragraphie I и Paragraphie II) функционираат како атлас на компилирано знаење кое има за цел да ги нагласи проблемите во однос на уметничката практика кои се и сеуште се релевантни. Paragraphie треба да се сподели и да се дискутира за понатамошен проток и продолжување на прашањата. Материјалот што се користи за создавање на зиновите е и оригинален и пронајден (пребарување на Google, скриншотови, скенирани книги, онлајн интервјуа ...).
Преку истражување и искористување на минатото знаење за уметноста и што е тоа уметник, проектот бара начин за ослободување на уметноста според правилата што нејзината креација би требало да ги следи за да биде прифатена од општеството. Инкорпорирана во контекст на современата ситуација како резултат на долготрајната културна и политичка репресија која неизбежно доведе до деградација на уметноста и уметничките вредности, проектот го преиспитува самиот резултат и сите паралели до таа точка. Таа користи форма на фанзин, комбинирајќи ја со уметничка книга, веб-атлас, референци и графикони како извор, а во исто време се покажува себеси како презентација од истражување до едукација.
Поконкретно, ова е буквално и помалку буквално снимање / мапирање на односите во уметноста, како и уметност со општеството и човекот. Меѓу другото, станува збор за институциите кои човекот ги создава и одржува на моќни конструкции помоќни од себе. Концептот започнува со истиот институционализам на уметноста со прашањето кој одлучува дали некој е уметник (истражувачки дел); од тука се поставува прашањето преку етимологијата на зборовите за опишување на уметникот и уметноста, ги евидентира, ги собира во форма на атлас, ги споредува со себе и ги враќа паралелите за префинетост (истражувачки-експериментален дел). Конечно, овие резултати се внесуваат со референци како коментар од страна на уметниците во колективната книга / зин наречена Paragraphie I и Paragraphie II и изложба која визуелно ги претставува овие резултати (материјализација).
- Конкретно за претставувањето, за изложбата во Словенија повеќе истражувавме како институциите и уметникот се поврзани на начинот на којшто институциите отвараат, односно би можеле да отворат повеќе простори за уметниците. Разгледувавме прашања коишто беа повеќе статистички, како на пример – колку уметници жени се во музеите, колку луѓе со различна боја на кожата се во музеите ...и други прашања во стилот на тоа како уметничките дела, односно на донесување на нови уметнички дела коишто ја разгледуваат поврзаноста на уметникот и средината кадешто тие музеи се наоѓаат. Она што всушност музејот би требало да биде – еден отворен и транспарентен простор за сите, вели Анастасија Пандиловска.
Кон ова само уште информацијата дека Асемблаж атлас како уметнички колектив своите потраги ќе ги продолжи и во иднина, а не е исклучено нивната изложба „Paragraphie“ во наредниве неколку месеци да и биде претставена на културната јавност и посебно на ликовната публика во градовите кадешто делуваат Карахасан, Јовановска и Пандиловска.