Достапни линкови

ПОП АП АКТО против заробениот дух и паланечкиот контекст


По августовското случување во Битола, од 23-ти до 28-ми септември, на локации како Кино Култура, Мобилна/монтажна галерија, Железничка зграда, Капан ан, Канал 103 и во кафулето Радио бар во Скопје, ќе се одржи ПОП АП АКТО, втората од вкупно четирите годинешни фази на АКТО – Фестивалот за современи уметности. Целта е, со содржините во четири града од Македонија, да бидат вклучени што поголем број соработници и публика од различни простори и контексти.

Град за сите: Работилница за читање ДУП-ови - проект на Плоштад Слобода. Јавни дискусии како УМЕТНОСТ ЗА ПРОМЕНИ или „Одговорноста на уметникот во време на политичка и општествена криза“ и „Млади работници и перспективи“. Настан во кампот Винојуг во Гевгелија организиран во соработка со граѓанска иницијатива „Деца на планетата земја“. Отворени пунктови, уметнички инсталации, изложби, работилници и проекции од кои посебно треба да се издвои „Ана Франк – Историја за денес” на МОФ и Ана Франк Хаус – од Холандија. Изработка на стенсил со Стелиос Цивас, од Кипар на тема: Бегалци на отворено. Претставување на филмот „Србистан“ на Желимир Жилник. Проекција на видеосторијата „Поделен град“ на Љубиша Арсиќ, во рамките на проектот „Скопје ретровизор“ на Плоштад Слобода и видео стории во продукција на Цивил – Караван на слободата. КИЧ ТУРА низ Градот. Панел дискусија „Вадење од контекст: самоуправа и одржливост како алтернативи на неуспешните модели на владеење“. Концерти на бендови како ГРАЈМС ЕДХИСАЈФ од Велика Британија, ПИЦА НОИС МАФИЈА од Белгија, нашите РИБ, КАНТОН 6, перформанси и сетови на Лепи Џони, Дарко Јорданов, Виолета Качакова, Соња Исмаил...

Ова е само летимичен преглед на некои од содржините што е планирано да се одржат од 23-ти до 28-ми септември, на локации како Кино Култура, Мобилна/ монтажна галерија, Железничка зграда, Капан ан, Канал 103 и во кафулето Радио бар во Скопје, во рамките на втората фаза од годинешниот АКТО – Фестивалот за современи уметности.

И ако ПОП АП АКТО, на почетокот од август во Битола ги отвори темите за политичката моќ на колективите и за важноста од заедничкото делување кое може да создаде нови односи и структури и да го менува застојаниот/постојниот тек на настаните, на овие идеи, како што велат организаторите, се надоградува и програмата во Скопје.

„Од една страна, програмата проблематизира состојба во која некогаш се наоѓаат самите општества т.е. како заробениот дух понекогаш ги затапува и најизострените сетила и ги маргинализира произведувајќи еден генерален „паланечки“ контекст, а од друга ја проблематизира улогата на граѓанинот во градењето на општеството, јавното, како и на уметникот и на културниот работник“ вели Ивана Васева, која заедно со Филип Јовановски се куратори на Фестивалот.

Таа дополнува дека во првиот дел ПОП АП АКТО соработува со граѓанската акција „Деца на планетата Земја“, како акција која промовира безбеден и слободен соживот и надминување на омразата кон „различното“ но исто така и создава простор за анализа на различните облици на насилство и манипулација преку останатите свои настани. Како дел од оваа соработка ПОП АП АКТО во Скопје соработува и развива проекти со МОФ и Хелсиншки комитет, а дел од содржините ги посветува на антидискриминацијата.

Од друга страна, пак, самиот фестивал за прв пат го отвара прашањето на Заедничкото (Commons) и теоријата на Заедничкото (Commons) на Елионор Остром, добитничка на Нобелова награда која дава насоки на модели на само-управување каде се практикува редистрибуција на моќ. Како дел од дискурзивните настани, поточно панел дискусија и предавање кои се дел од програмата во Скопје ќе се говори за различните облици на commons (заедничкото) и механизмите на одбрана на природни добра, јавни простори и култура.

На панелот ќе бидат и претставници на колективи кои практицираат Заедничко (Commons) во различни полиња и ќе предложат платформа каде понатака ќе може да се теоретизира на овие прашања, преку призмата на Остром. Оваа панел дискусија, како што истакнуваат од ПОП АП АКТО, има за цел да ги доближи само-организираните, само-управувачките заедници и борби кои егзистираат и функционираат како примери за добра пракса, и да овозможи врска помеѓу нив, да ги поврзе со нашето минато искуство на само-управување и да се зборува за аплицирање на овие можности во поширок социо-културен простор.

Кон ова само уште информацијата дека кокураторки на ПОП АП АКТО се Биљана Тануровска – Ќулавковски и Ивана Драгшиќ, а проектот е поддржан од УСАИД.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG