Набавката на нови автобуси на природен гас кој град Скопје ќе ги користи од следната година ја подели јавноста околу нивната економска и еколошка оправданост. Опозицијата реагираше на ваквата одлука на градот обвинувајќи го градоначалникот Петре Шилегов за наводни провизии од тендерот, кој претходно вети и електрични автобуси.
Изјавите на Шилегов дека во овој момент електричните автобуси не се опција бидејќи се технолошки напредни и не одговарале на Град Скопје, наидоа на несогласување од страна на Организацијата за електрични возила во Македонија „Електромобилност“. Оттаму соопштија дека „нафтените деривати се во директна врска со малигни и немалигни заболувања, а од друга страна, трошоците во вкупниот животен циклус на автобуси на гас е далеку поскап од трошоците на животниот циклус на електричните возила“.
Екологистите сметаат дека и двете опции на јавен превоз се чекор напред кон намалување на високото аерозагадување во Скопје, но дека е потребно да се направи сеопфатна анализа за тоа кое е најповолното и најекономичното решение за граѓаните.
„Досегашната меѓународна пракса покажа дека адаптирните мотори со внатрешно согорување кои претежно користат зелен гас, евидентно и драстично емитираат помалку штетни емисии во однос на дизел агрегатите и во секој случај, набавката на едни такви возила би влијаела во намалувањето на вкупната емисија на штетни гасови на територијата на град Скопје. Сепак, во еден современ контекст и она што е нова пракса на запад, тоа се електробусите кои имаат нула емисија на штетни гасови“, вели Кирил Ристовски од невладината „Флорoзон”.
Сепак тој истакнува дека треба да се направи детална анализа за да се види колкави би биле трошоците на град, дали има можност за изградба на инфраструктура на електробусите и што тоа би значело во однос на нивното одржување и долгорочна искористеност. Дополнителен проблем може да претставува депонирањето на батериите, кои се доста штетни за животната средина, предупредува Ристовски.
И додека од „Електромобилност Македонија” сметаат дека на среден рок од 10 години, електричните автобуси се најсоодветно и најразумно решение за Скопје, дел од стручната јавност смета дека и електричните и автобусите на природен гас се со скоро нула емисија на цврсти честички во Скопје. Сепак, според професор Даме Димитровски од Машинскиот факултет во Скопје, во овој момент Скопје има подобра инфраструктура за возење на автобусите со природен гас.
„Сметам дека во овој момент Скопје има добра инфраструктура за возење на природен гас затоа што ЈСП поседува и полнилница за природен гас и може да поднесе голем број автобуси на ова гориво, а исто така ќе имаме и нулта емисија во изворот на создавање на енергијата. Електричните автобуси се добри, тие се автобуси на иднината, но во овој момент не сум сигурен дека ќе користат електрична енергија којашто е направена чисто, туку ќе користат електрична енергија произведена во нашите термоелектрани“, вели Димитровски.
Од град Скопје неодамна соопштија дека идната година по скопските улици ќе се возат најмалку 30 нови автобуси на еколошко гориво кои ќе ги заменат старите дотраени дизел возила на ЈСП без клима и дополнителна опрема. Според надлежните, целта на набавката е Скопје да добие модерен јавен транспорт, кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот. Стручната јавност предупредува дека еколошките автобуси ќе му помогнат на јавниот превоз, но тие нема да го решат проблемот со малата искористеност на јавниот превоз на сметка на автомобилите. Во меѓувреме, истражувањата покажуваат дека дури една петтина од загадувањето во Скопје се должи на сообраќајот.