Достапни линкови

Шекеринска – Референдумот е историска шанса и одговорност


Шекеринска – Иванов да не ги спречува граѓаните да се изјаснат за договорот со Грција
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:30 0:00

Шекеринска – Иванов да не ги спречува граѓаните да се изјаснат за договорот со Грција

Ја имаме историската шанса, но ја носиме и историската одговорност. Кога ќе помислиме што сакаме да им оставиме во аманет на следните генерации, убедена сум дека мнозинството граѓани ќе се изјаснат „за“ македонски идентитет, „за“ македонска иднина и „за“ членство во ЕУ и НАТО, вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Министерке Шекеринска, на претстојниот Самит на НАТО, Македонија ќе добие покана за членство, со што ќе започнат пристапните преговори. Што ќе значат тие преговори?

На Самитот на НАТО оваа година во јули очекуваме да ја исправиме неправдата и грешката што се случи во 2008-та година. Тоа што нашата држава го испушти од раце пред 10 години, сега да го земеме, да го искористиме и да обезбедиме нова шанса за Македонија. Поканата за членство во НАТО отвора еден процес којшто е кус, прилично интензивен, но завршува со една од двете стратешки цели на оваа држава – полноправно членство во најмоќната алијанса во светот. Овој процес – добивањето на покана за НАТО, значи дека експертските тимови на НАТО многу брзо ќе дојдат во Македонија, ќе разговараме за некои транзициони обврски коишто ќе треба да ги завршиме, не очекуваме некои крупни проблеми. Во ситуациите со Црна Гора, со Албанија и со Хрватска коишто претходно се зачленија во НАТО тој период обично траел околу шест месеци, три до шест месеци и ние очекуваме дека и во нашиот случај нема да има крупни прашања коишто дополнително треба да се решаваат. Со моментот на потпишување на претпристапниот договор, дури и пред тој да биде ратификуван, оти и НАТО на крај одлучува со поддршка на сите земји членки, дури и пред да се случи ратификацијата во парламентите на сите 29 членки ние, Македонија веќе ќе седне на масата на НАТО. Ќе седиме рамо до рамо со САД, со Велика Британија, Франција, Германија и со државите од нашето соседство и наместо за нас други да носат одлуки, ние ќе учествуваме во носењето одлуки, тоа е практично голема шанса за Македонија да се влијае таму каде што се носат крупните одлуки. Членството во НАТО ќе им даде шанса на сите граѓани на оваа земја да почувствуваат дека веќе никој не доведува во прашање дали оваа држава ќе опстане или не. Меѓутоа членството во НАТО исто така значи и огромен мотор за македонската економија.

Од референдумот за името зависи и членството во НАТО. Што очекувате, дали тој ќе биде успешен и дали граѓаните ќе гласаат за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО?

Секоја нација и секоја држава има моменти кога самата се соочува со историски одлуки, се соочува со самата себе и својот избор каква држава сака да биде, каква нација сака да биде, какво општество сака да создаде. Мислам дека овој референдум ќе биде во многу нешта налик на оној на почетокот на нашата независност. Граѓаните ја имаат моќта да ја донесат оваа одлука. Убедена сум дека како и во почетокот на 90-тите, ја имаат и одговорноста, ја имаат и мудроста да ја донесат вистинската одлука. Овој договор го цементира македонскиот идентитет, македонскиот јазик, нашето право да бидеме Македонци, нашите колеги Македонци, и тоа не само што ни го дава нам како право, туку го пренесува како обврска и на останатиот свет. Со овој договор и со нашето зачленување во ЕУ и во НАТО, македонскиот јазик ќе стане службен јазик на една од светските асоцијации која е најпрестижна, Европска унија. Ова се прашањата за референдумот и убедена сум дека сите сме свесни за историската одговорност, ја имаме историската шанса, но ја носиме и историската одговорност и кога ќе ги затвориме очите и ќе замислиме што сакаме да ни се случува во наредните 10 години, што сакаме да оставиме во аманет, во наследство на генерацијата после нас, убедена сум дека мнозинството граѓани ќе се изјаснат „за“ македонски идентитет, „за“ македонска иднина и „за“ членство во ЕУ и НАТО.

Премиерот Зоран Заев изјави дека тој сака референдумот да биде консултативен, додека опозицијата инсистира на обврзувачки. Што доколку опозицијата бојкотира?

Мислам дека поважен е односот на сите политички партии кон референдумот, отколку дали ќе биде консултативен или задолжителен. Ако го читате законот за референдум ќе видите дека типот на референдумот зависи од тоа какво ќе биде прашањето. Ако прашањето е за нешто што се случило, тој е еден тип на референдум. Ако е прашањето за нешто што можеби ќе се случи, може да биде консултативен, може да ни ги обврзе пратениците на некој начин или не. Според мене, клучната одлука е секоја од политичките партии да не бега од одлуки и од одговорност и да не ѝ го блокира патот на Македонија за кој се изјаснува мнозинството од граѓаните на оваа држава. За сè друго вистинската дискусија ќе биде прво во владата, но потоа пред сè во Собранието на Република Македонија и најважно од сè е да понудиме шанса каде што граѓаните ќе ја носат оваа одлука.

Целото интервју со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG