На три до четири месеци до најавениот референдум за името, почнаа кампањите за излегување и гласање“за” и спротивно за бојкот на изјаснувањето. Аргументите на Владата и премиерот Зоран Заев главно се поврзуваат со зачленувањето во евроатлантските структури и со осигурување на македонскиот јазик и идентитет.
Групите на социјалните мрежи кои повикуваат да се бојкотира референдумот, пак, велат дека со тоа ќе се кажело “вистинско не за промена на името и идентитетот, не за Тиранската платформа, не за понижувачкиот договор со Бугарија, не за населување на стотици илјади мигранти во Македонија”.
Засега со конкретен став дали ќе повикаат да се гласа против или, пак, ќе бараат од граѓаните да останат дома не излегоа од ВМРО-ДПМНЕ. Првичната изјава на нивниот лидер Христијан Мицкоски по обелоденувањето на договорот беше дека ќе гласа против, а неодамна во интервју за Алсат рече дека ќе поддржат референдум, само ако тој е обврзувачки и демократски. Ако биде незадолжителен, партијата нема да го признае како волја на народот, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
“ВМРО-ДПМНЕ иако нема изграден став за референдумот сепак мислам дека ќе повика да се излезе и да се гласа против” вели Митко Гаџовски, политикологот од Факултетот за општествени науки.
Достижен цензус
Ако, пак, ВМРО-ДПМНЕ излезе со став за бојкот на референдумот тогаш цензусот од 50 отсто би бил потешко достижен.
Според член 73 од Уставот “одлуката на референдумот е усвоена, ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи”. Тоа значи дека референдумот би успеал ако на него излезат нешто повеќе од 900 000 гласачи, а повеќе од 450 000 гласаат “за”. Избирачкиот список на последните локални избори што се одржаа лани имаше 1.814.644.
“Цензусот и по математиката и по тоа што се случи на последните парламентарни избори мислам дека нема да преставува проблем” вели Гаџовски.
Ако се соберат резултатите од гласовите за партиите од последните парламентарни избори во 2016 година на оние кои веќе се знае дека ќе поддржат “за” на референдумот, тогаш бројката од 450 000 не се чини недостижна. На тие избори СДСМ, ДУИ, ДПА, Беса и Алијансата за Албанците имаа вкупно околу 650 000 гласови. ВМРО-ДПМНЕ на истите избори освои речиси 455 000 гласа.
Но, политичкиот аналитичар Алајдин Демири сугерира дека не треба да се прават споредби со резултатите од избори и очекуваниот референдум.
“Мислам дека изборните резултати и оние на престојниот референдум се многу различни. Ако за партиите се гласа поради проекти, програми итн на референдумот е практично одѕив на граѓаните, не на партиски поддржувачи ” вели Демири.
Какво треба да биде прашањето?
Во однос на дефинирањето на прашањето за референдумот од владата велат дека се уште е рано. Законот за референдум, пак, предвидува тоа да ” мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдумот да може да одговори со “ЗА” или “ПРОТИВ”.
Ако референдумот е успешен Собранието потоа е должно во рок од 60 дена по објавувањето на резултатите да го уреди прашањето, односно законот по кој се одлучувало на референдумот, во согласност со резултатите од референдумот.