Достапни линкови

Столтенберг: Без договорот со Грција, нема влез во НАТО


Столтенберг: Оваа историска шанса не смее да се пропушти!
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:23 0:00

Столтенберг: Оваа историска шанса не смее да се пропушти!

Македонија ќе добие покана за НАТО на претстојниот самит, потврди генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Сепак, тој истакна дека за членство во Алијансата мора да се спроведе договорот со Грција. Премиерот Зоран Заев рече дека за една година Македонија го постигнала она што никој не можеше да го предвиди.

„Добредојдовте во НАТО!“

Со овие зборови, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг го заврши своето обраќање пред јавноста, по состанокот со македонскиот премиер Зоран Заев, во кое и официјално потврди дека земјите членки на НАТО се подготвени да ја поканат Македонија да почне пристапни преговори на претстојниот самит на 11 и 12 јули во Брисел.

„Очекувам на самитот за две недели да бидете поканети на пристапни преговори, а по финализирање на договорот, да влезете во НАТО. Без финализирање, не можете да го сторите тоа. Оваа е историска шанса која не смее да се пропушти. Вратaта на НАТО е отворена, а вие сте сега на прагот“, изјави Столтенберг.

Првиот човек на НАТО го поздрави договорот со Грција, потенцирајќи дека истиот треба да служи како пример за останатите за тоа како да се консолидира мирот и стабилноста. Непотпишувањето на договорот од страна на претседателот Ѓорге Иванов не сакаше да го коментира, зашто, како што рече, се работи за внатрешни проблеми во државата кои треба институциите да ги решат.

Генералниот секретар објасни дека влегувањето во НАТО може да се одвива многу брзо, но дека претходно мора во целост да се имплементира договорот со Грција и да се направат потребните промени во Уставот. По добивањето на официјалната покана следува процес на преговори за пристапување кои вообичаено траат околу три месеци, по што треба да биде потпишан протокол за пристапување. Во моментот кога протоколот ќе се ратификува во парламентите на сите 29 земји членки на НАТО, Македонија ќе стане полноправна членка во Алијансата, под новото име Република Северна Македонија.

Премиерот Зоран Заев истакна дека чекор по чекор за една година нашата земја го постигнала она што никој не можел да го предвиди.

„Остануваат нашите домашни задачи, но сега имаме околу што да се обединиме на широкиот автопат и да кажеме „да“ заради нашата иднина, нашата држава и идните генерации. Искуствата велат дека земјите членки на НАТО се силни промотори на економскиот раст. Благодарност до Столтенберг и нашите сојузници кои се подготвени да ја имаат како 30 членка на НАТО нашата земја“, рече Заев.

Вчера Европскиот совет ја поддржа одлуката за почеток на преговори со Македонија и со Албанија.

„Шефовите на држави и влади од земјите членки на Европската унија го поддржуваат и поздравуваат договорот меѓу Атина и Скопје за името на Македонија. Тоа, како и договорот меѓу Македонија и Бугарија дава добар пример за останатите во регионот да засилат добрососедски односи“, се наведува во заклучоците од синоќешната седница.

Советот на ЕУ на ниво на министри во вторникот препорача отворање на преговори за членство со Македонија и со Албанија во јуни 2019. Двете земји до отворањето на преговорите ќе треба да постигнат напредок во реформите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG