Вести
Еко-Герила - Ни се закануваат за да молчиме за „Југохром“
Движењето Еко-Герила од Тетово, денеска на прес-конференција, информираа дека до нивни членови и активисти биле испратени „финансиски понуди и пораки за нивната невладина организација да не реагира за Југохром“.
„За ова е известена полицијата и денеска баравме директна средба со премиерот Зоран Заев за да го информираме за овие закани и уцени. Информацијата ќе ја споделиме и со амбасадите и организациите кои не поддржаа во нашата мисија за почиста животна средина, како иинституциите на Европската Унија во Брисел. Валканите игри со мафијашки тенденциине само што нема да нè спречат туку напротив само нè мотивираат да не се откажуваме од нашата мисија. Граѓанската реакција ќе биде многу остра за секоја уцена од Југохром или од одредени кругови во Владата“, рече Аријанит Хоџа од Еко Герила.
Фабриката „Југохром“ во Тетово нема да биде пуштена додека не се постават филтрите за отпрашување, потврдија денеска премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
види ги сите денешни вести
Непроменета состојбата на тројцата повредени во несреќата во Нови Сад
Состојбата на тројцата тешко повредени во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември се уште е непроменета, изјави вршителката на должност директор на Клиничкиот центар на Војводина, Весна Туркулов.
„Седми ден од борбата за живот, состојбата се уште е непроменета. Тие се уште витално загрозени, секој ден контролираме, секој ден Советот се состанува неколку пати во текот на денот“, изјави Туркулов.
Таа додаде дека внимателно се следи нивната здравствена состојба, се прават дополнителни наоди, лабораториска дијагностика и се одлучуваат понатамошните чекори.
Во уривањето на бетонската настрешница пред влезот на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени.
Засега не се познати причините за уривањето на бетонската настрешница. Од самиот почеток, официјалните лица тврдат дека настрешницата што се урна не била вклучена ниту во реконструкцијата на зградата на станицата, која официјално беше отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.
Тројца загинати во израелски напад врз либанскиот град Сидон
Во израелски напад врз јужниот либански град Сидон загинаа тројца либански граѓани и беа ранети тројца војници, соопшти во четвртокот либанската армија, а малезиската влада соопшти дека шест членови на нејзините сили УНИФИЛ се повредени.
Во нападот бил удрен автомобил додека минувал на контролен пункт, а три лица кои биле во возилото загинале, се наведува во соопштението на армијата.
„Ранетите војници служеле на контролниот пункт, додека погодените припадници на УНИФИЛ биле во мировно возило на ОН кое во тој момент минувало низ контролниот пункт“, се наведува во соопштението на армијата.
Израелските сили и милитантната група Хезболах се судираат повеќе од една година, откако Хезболах почна да истрелува ракети преку границата кратко по смртоносниот напад на Хамас врз јужен Израел што ја предизвика тековната војна во Газа во октомври минатата година.
Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и ЕУ. Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.
Војната на либанскиот фронт значително ескалира од средината на септември, кога Израел започна масовно воздушно бомбардирање и копнена инвазија.
Најмалку 3000 луѓе загинаа, а околу 13500 се ранети во Либан, од кои околу четвртина се жени и деца, соопшти Министерството за здравство.
Во извештајот на либанската единица за одговор на кризи се наведува дека 361300 Сиријци и над 177800 Либанци преминале во Сирија меѓу 23 септември и 1 ноември за да избегаат од борбите.
Хезболах продолжува да испраќа десетици ракети и беспилотни летала кон Израел. Ракетите досега убиле 72 лица во Израел, од кои 30 војници, соопшти канцеларијата на Нетанјаху.
Мртви и ранети по новите руски напади на Харкив
Русија го продолжи притисокот врз градовите во Украина рано на 8 ноември, погодувајќи го јужниот регион Одеса и Харкив, вториот по големина град во земјата.
Најмалку едно лице загина, а најмалку 38 други, меѓу кои и едно бебе, се ранети, според регионалните власти.
„Во масовниот напад со беспилотни летала во текот на ноќта врз Одеса едно лице загина, а девет други се ранети“, соопшти Украинската служба за вонредни ситуации, додавајќи дека биле оштетени и станбени згради, деловни објекти, магацини и училиште.
„Харкив беше погоден втор ден по ред на 8 ноември“, објави градоначалникот Ихор Терехов.
Руски проектил погоди висококатница во градскиот кварт Салтив, при што беа повредени најмалку 25 лица, меѓу кои и едно 3-месечно бебе, рече Терехов.
Тој додаде дека биле оштетени и станбени згради и историски објекти.
Во регионот на Киев, при паѓање на остатоци од руска ракета повредени се четири лица, од кои две потешко, изјави регионалниот гувернер Руслан Кравченко.
Неколку израелски навивачи повредени во судирите во Амстердам
Пропалестински напаѓачи повредиле 10 израелски фудбалски навивачи во Амстердам, по што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди испраќање спасувачки авиони за израелските граѓани во Холандија, пишува „Тајмс оф Израел“.
Напаѓачи кои извикувале „Ослободете ја Палестина“ вчера ги нападнале навивачите на Макаби од Тел Авив во Амстердам, од кои двајца се исчезнати, а 10 се повредени, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди да се испратат два спасувачки авиони за помош на израелските граѓани по нападот во Амстердам.
Министерството за национална безбедност на Израел ги повика своите граѓани во Амстердам да останат во хотелите додека трае истрагата.
Според израелскиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир, нападите биле мотивирани од антисемитизам, а жртвите, како што навел, биле нападнати „со голема суровост само поради нивната еврејска и израелска припадност“.
Засега не е познато што точно го поттикнало нападот, а израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар побарал од холандските власти да им помогнат на израелските граѓани безбедно да стигнат до аеродромот.
ДПА претходно јави дека по фудбалскиот натпревар во Лига Европа меѓу холандскиот прволигаш Ајакс Амстердам и Макаби Тел Авив синоќа се случиле жестоки судири меѓу пропалестински демонстранти и израелски навивачи.
Локалната полиција соопшти дека привела 57 лица, но не е откриена нивната националност или дали се фудбалски навивачи.
Путин му честиташе на Трамп за изборната победа
Рускиот претседател Владимир Путин денеска, 7 ноември, му честиташе на Доналд Трамп за неговата победа на претседателските избори во САД и рече дека Москва е отворена за разговори со новоизбраниот републикански претседател.
„Би сакал да ја искористам оваа прилика да му честитам за неговиот избор за претседател на САД“, рече Путин по неговиот говор на меѓународната конференција во црноморското одморалиште Сочи.
Трамп за време на кампањата рече дека може брзо да ја заврши војната во Украина доколку биде избран за претседател, но не наведе детали. Путин, пак, оцени дека изјавата заслужува внимание, додавајќи дека Русија е подготвена да разговара доколку Трамп сака да ги обнови контактите.
Путин, исто така, рече дека е импресиониран од тоа како Трамп, кој убедливо ја победи потпретседателката Камала Харис на изборите на 5 ноември, се справи со моментите по обидот за атентат во јули, опишувајќи го како храбар човек.
Трамп рече и дека е подготвен да разговара со Путин.
„Мислам дека ќе разговараме“, рече тој во интервју за NBC News.
Трамп изјави дека од утрото на 6 ноември односно откако прогласи победа, разговарал со „веројатно“ 70 светски лидери, но дека Путин не е меѓу нив.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно денеска рече дека не може да ја исклучи можноста за разговори меѓу Путин и Трамп пред неговата инаугурација во јануари.
На новинарско прашање дали може да ја исклучи можноста за такви комуникации, Песков одговори: „Зошто? Не е исклучено. (Трамп) рече дека ќе му се јави на Путин пред инаугурацијата. Тоа се негови зборови“.
Тој мислеше на претходните изјави на Трамп за контакт со Путин пред да ја преземе функцијата.
Песков негираше дека имало каков било контакт меѓу руските власти и штабот на Трамп по изборите во САД.
„Не. Зошто би контактирале со нив“, одговори тој, дополнително појаснувајќи дека руската администрација не направила чекор за таков контакт.
Руски генерал-мајор почина во Украина
Генерал-мајорот во руската армија, Павел Клименко, почина во четвртокот во Украина, потврдија неговите сестри за публикацијата „Важни приказни“ на Телеграм.
Први веста за 47-годишниот Клименко ја пренесоа провоените блогери, иако сè уште не се познати околностите за неговата смрт, пишува рускиот сервис на Радио Слободна Европа.
Клименко беше обвинет дека организирал логор за измачување војници и дека земал пари од своите подредени во замена за нивно тргање од првите линии на фронтот.
Во истражувањето што го спроведе порталот Астра во август, беше наведено дека логорот за тортура организиран од Клименко бил за руски војници и се наоѓал на територијата на напуштен рудник во Доњецк.
Руските војници испратени таму биле принудени да се согласат да се борат во групи за напад, а офицери, задолжени за логорот, меѓу кои и Клименко, од нив изнудувале пари, објави Астра.
Клименко е осмиот руски генерал убиен во војната во Украина, чија смрт е потврдена од независни истражувачи или новинари.
Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот кон ЕУ
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека „продуктивна средба“ со претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска (7 ноември) во Будимпешта, на која разговарале за евроинтеграциите на Северна Македонија.
Средбата била одржана на маргините на самитот на Европската политичка заедница, чиј домаќин е Унгарија.
„Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколива. Ќе дадеме се од себе да ги зачуваме државните и националните интереси“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи по средбата со Макрон.
Во делегацијата со премиерот во Будимпешта се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија и за европски прашања, Тимчо Муцунски и Орхан Муртезани.
Како што беше најавено од владината прес-служба, Мицкоски на самитот учествува и со обраќање на сесијата посветена на темата економска сигурност и меѓусебно поврзување.
Европската политичка заедница беше основана во 2022 година како меѓувладин форум за политичка и стратешка дискусија за иднината на Европа.
Првиот самит се одржа во октомври 2022 во Прага со учесници од 44 држави, како и претставници од Европскиот совет и Европската комисија.
Поделени најголемиот дел од ваучерите за инвертер клими
Во текот на денот (7 ноември) доделени се најголем дел од ваучерите за инвертер клима, тврдат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Претходно денеска, кај спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје можеа да се забележат долги редици од граѓани како чекаат за да го подигнат ваучерот.
„Во рамки на процесот на доделување до 16 часот, само во Скопје беа доделени над 1.400 ваучери или над 75 отсто од вкупниот број. Иако на почетокот на денот беше забележана зголемена посетеност на граѓани, доделувањето се одвиваше непречено и во поголемиот дел од денот немаше долги редици“ велат од Министерството.
За ваучери аплицираа над 18.000 граѓани, а вкупно се предвидени само 6.182 ваучери. Граѓаните кои ги добија, можат да ги искористат најдоцна до 30 ноември.
Покрај во спортскиот центар „Борис Трајковски“, ваучерите се делеа и на други 30 локации низ државата.
„Според првичните информации од тимовите на Министерството, во повеќето градови како Струга, Радовиш, Штип, Кичево и други, граѓаните подигнале над 90 отсто од ваучерите, што е доказ за успешноста на овој начин на дистрибуција на ваучерите“, потенцираат од Министерството.
Министерката за енергетика Сања Божиновска претходно во изјава за медиумите рече дека е овозможена дополнителна флексибилност за граѓаните кои нема да можат да ги подигнат своите ваучери веднаш, тоа да го направат директно во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Таа твдеше и дека ова е најдобар начин на доделување на ваучерите бидејќи граѓаните добитници треба да потпишат и договор, па ќе се изгуби многу време доколку се препраќа преку пошта.
Ваучерите се делеа преку два јавни повици – едниот за ранливи категории граѓани, а другиот за енергетска ефикасност. Повиците беа распишани уште во февруари и предизвикаа голем интерес кај граѓаните. Процесот го започна Министерството за економија, а доделувањето сега го организира новоформираното Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Дел од граѓаните претходно, како што пишуваше и Радио Слободна Европа, реагираа дека се доцни со доделувањето на ваучерите. Делумно, застојот се должеше и на реорганизацијата на министерствата со која надлежноста за ваучерите се префрли од секторот економија во Министерството за енергетика.
Во Северна Македонија изминатите неколку години се спроведуваа проекти и од централната власт, но и во дел од општините, во рамки на кои се доделуваа субвенции за поставување клими и печки на пелети, со цел да се намали загадувањето на воздухот и да се мотивираат граѓаните да не се греат на дрва или на други материјали кои загадуваат.
Германија уапси Американец за шпионирање за Кина
Американски државјанин осомничен за шпионирање за Кина е уапсен во Германија, објави германското федерално обвинителство на 7 ноември, пренесе Асошиејтед прес.
Обвинителството соопшти дека осомничениот, кој беше идентификуван како Мартин Д., е уапсен во Франкфурт и дека се врши претрес во неговата куќа.
„Обвинетиот, кој до неодамна работел за вооружените сили на САД во Германија, е осомничен дека се согласил да дејствува како разузнавач на странска тајна служба“, се вели во соопштението.
Според истрагата на разузнавачка служба на Германија, на почетокот на оваа година, тој контактирал со кинески владини агенции и понудил да даде чувствителни информации за американската војска на кинеското разузнавање.
Осомничениот информациите ги добивал за време на неговата работа во Армијата на САД, се посочува во соопштението на обвинителството без да се дадат дополнителни детали.
Германската новинска агенција ДПА објави дека веројатно осомничениот не им дал никакви информации на кинеските власти пред неговото апсење.
Германските власти оваа година разоткрија неколку лица осомничени за шпионажа за Кина.
Минатиот месец, беше уапсен кинески државјанин обвинет за пренесување информации за воздушен товарен сообраќај на човек кој се сомничи дека шпионирал за Кина.
Во април, беше приведено лице кое работело за истакнат германски екстремно десничарски пратеник во Европскиот парламент, исто така под сомнение дека шпионирало за Кина.
Веста за ова апсење беше објавена откако претходно во одделен случај беа приведени тројца Германци осомничени за шпионирање за Кина и договарање пренос на информации за технологија со потенцијална воена употреба.
Лукашенко со нов бран помилувања на политички затвореници
Белорускиот авторитарен лидер Алаксандр Лукашенко помилува 31 лице, сите осудени според законот за „екстремизам“ во Белорусија.
Како што соопшти прес-службата на претседателот, од помилуваните две се жени, а 29 мажи. Исто така, 17 од нив имаат хронични заболувања, тројца се инвалиди, а 27 имаат деца.
Иако тие ќе бидат ослободени, нивните криминални досиеја нема да бидат избришани и, како што беше наведено, Министерството за внатрешни работи „ќе обезбеди контрола над нивното однесување“.
Оваа година, Лукашенко помилува 115 политички затвореници. Денешниот е пети бран помилување во последните месеци.
И покрај тоа, Белорусија останува дом на значителен број политички затвореници. Приближно 1.287 политички затвореници остануваат зад решетки, според Центарот за „Вјасна“.
Политичката клима во Белорусија останува тензична, а борците на човековите права пријавија масовни притворања низ целата земја по најавата за следните претседателски избори што ќе се одржат на 26 јануари 2025 година.
Од задушувањето на протестите кои следуваа по спорните претседателски избори во 2020 година, активистите за човекови права регистрираа 3.600 лица како политички затвореници.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете