Достапни линкови

„Кунстверкштат“ со претставата „Немам каде да се вратам“ во Кино „Фросина“


„Немам каде да се вратам“ е насловена претставата за талкањето на сириските бегалци што Групата за перформанс „Кунстверкштат“ на Младинскиот образовен форум, ќе ја одигра овој четврток, на 28 јуни, во 20 часот, во Кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар – Скопје.

Работена по текст на Милош Андоновски и во режија на Дени Стојанов, „Немам каде да се вратам“ на Групата за перформанс „Кунстверкштат“ на Младинскиот образовен форум е претстава за премрежињата и талкањето на сириските бегалци. Дејството на оваа пиеса се случува во еден од бегалските кампови во Македонија и откако ликовите ќе се соочат со личните задоцнети бури, продолжуваат по својот пат до некоја од пожелуваните дестинации во европските земји.

Затоа не случајно авторите и продуцентите на проектот во повикот до публиката ќе забележат дека „да се талка значи и да се трага, да се бега, а во оваа претстава тоа значи и да се најде“. Тие и со дополна дека „она што ликовите од оваа поставка всушност го наоѓаат е нивниот сопствен однос кон она од кое што бегаат“.

„Искуството на нашата организација во работа со млади на тема бегалци, но и сродни теми како што се ксенофобија, предрасуди и дискриминација, покажа дека младите се крајно неинформирани. Поради тоа решивме да релизираме низа активности кои ќе ги покријат овие теми, од правен аспект, но и да ги вклучат личните приказни на бегалците. Сакавме проектот да биде платформа за приказните на бегалците и со тоа да обезбедиме можност младите од државата најпрвин да ги разберат мотивите и причините на бегалците да го напуштат своето живеалиште. Создадовме пет радио емисии и претстава преку кои младите ќе можат полесно да создадат слика за бегалската криза во Македонија и во Европа, за нивните права, и да се поврзат со нивните стории, кои некогаш се страшни и тажни, но некогаш имаат и радосна содржина и среќен крај“, вели Сања Стефановиќ од Младинскиот образовен форум .

Во „Немам каде да се вратам“ играат Ангел Таневски, Влатко Јовановски, Ива Цветановска, Ивона Кузмановска, Јана Бангиева, Марина Таневска, Петар Мукоски, Срна Дуковска, Тина Спировска, Филип Христовски и Христина Мирчевска.

Инаку, „Кунстверкштат“ е група на млади ентузијасти и љубители на театарот, друштво без граници на креативност, посветеност и младинска критична мисла.

Групата започнала со работа во февруари 2014 како интерактивна работилница за перформанс и досега има настапувано на повеќе настани како „Кој се плаши од молкот лош?“, конференцијата за друштвени медиуми и активизам ENGAGE, Skopje Creative Hub, окупацијата на УКИМ „Автономна зона“, а зад себе има и повеќе изведби на своите перформанси и проекти.

Во 2015-та година, „Кунстверкштат“ ја одигра претставата „Ненаучена лекција“ во пет градови во Македонија: Скопје, Велес, Неготино, Струга и Тетово. Во периодот февруари - мај 2016 членовите на групата се приклучија кон проектот „Во чевлите на бегалците“, како дел од перформансот „Нивниот пат“. И конечно, нивната „Илустрации за тоа како новата идеја го запрепастува човекот кој не е подготвен за неа“, во мај мината година, ја освои наградата „Васил К. Ќортошев“ за најдобра претстава на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија што се одржува во Кочани.

Кон ова само уште информацијата дека влезот за претставата „Немам каде да се вратам“ во Кино „Фросина“ е слободен, а оваа заложба е имплементирана од Младинскиот образовен форум со поддршка од проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и во Македонија“.

Проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија“ е воспоставен од German Federal Ministry for Economic Cooperation and Development (BMZ), а управуван од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG