Достапни линкови

„Јулие Цезар (Res publica или Cosa Nostra)“ премиерно во Битолскиот театар


Работена како прва претстава од новиот репертоар чија заложба е да се занимава со општествено ангажирани теми, в сабота, на 28 април, во Народниот театар - Битола премиерно ќе биде изведена „Јулие Цезар (Res publica или Cosa Nostra)“, од Вилијам Шекспир во режија и сценска адаптација на гостинот од Србија, Златко Паковиќ.

Нè очекува возбудлива театарска година во која ќе се занимаваме со општествено или ако сакате дури и политички ангажиран театар, кој се надеваме дека ќе биде жив, полетен, потентен, бескомпромисен, современ... Театарот не треба да биде место само за евтина граѓанска забава, „комфорт зона” во која публиката ќе се чувствува „удобно” во меките седишта на салонот, туку место во кое ќе се преиспитува животот, каде ќе се поставуваат прашања, место во кое ниту актерите ниту публиката не се ослободени од општествено-социјалната одговорност.

Ова меѓу другото ќе го запишат од Битолски народен театар во своето појаснување за годинешното мото „Ако ви е добро, тогаш ништо!“ (превземено со дозвола од „Пешчаник“, веб сајтот и регионалната радио и телевизиска емисија каде се објавени над 15.000 текстови чии автори се интелектуалци со граѓанска ориентација) и промовирано во пресрет на актуелната сезона 2018.

И, со тоа Театарот кој отсекогаш негувал посебна естетика, смелост и дрскост да се зафати во „костец" со најголемите теми и творци безмалку кажува сè.

Впрочем, не случајно тие условно „отворањето“ ќе го имаат со премиерната изведба на претставата „Јулие Цезар (Res publica или Cosa Nostra)“ од Вилијам Шекспир, во режија и сценска адаптација на гостинот од Србија - Златко Паковиќ.

Роден 1968 година, Златко Паковиќ е театарски режисер и писател. Дипломирал на Катедрата за театарска и радио режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. За неговото творечко писмо е значајно тоа што развива посебна поетика на жесток политички театар со нагласен лудички (игрален) израз.

Театарот за него претставува нераскинлива целина на естетскиот и општествениот чин. За „Ибзеновиот Непријател на народот како Брехтова поучна драма“, славниот Ханс-Тис Леман (Hans-Thies Lehmann) ќе напише дека е „нов начин на толкување на Брехтовото наследство“. За неа Паковиќ ја добива најпрестижната европска награда за проект на театарска претстава, International Ibsen Scholarship 2014.

Инаку, негови најпознати авторски драми се: „Да се убие Зоран Џинџиќ“, „Енциклопедија на живите – уметничка интервенција во српската, косовската стварност“, „Филозофија на паланката – Божиќен ораториум за Радомир Константиновиќ“, „Капитализмот, изложен по геометриски ред“, „Дон Кихот или што се денес ветерниците и од каде дува ветерот“, „Отело, незаконска литургија“ и „Плашете се од Алах: Смислата на животот и смртта на Ќамил Сијариќ“.

Паковиќ е автор и на романите „Соба за еден кревет“ и „Заедничка пепел“, збирката песни „Дневник на пеењето“, книгата есеи „Анатомија на националистичкиот морал, За авторитарната совест“ итн.

А, во својата, во режисерската реч за новиот проект, за „Јулие Цезар (Res publica или Cosa Nostra)“ што ќе се исправи на сцената на Народен театар – Битола, Паковиќ пишува:

Шекспировиот „Јулие Цезар“ е клучно театарско дело за суштината на републиканското уредување на државата и општеството. Доколку не е res publica (општо дело, нешто што им припаѓа на сите граѓани, заедничко дело), државата неизбежно станува cosa nostra (дело на мафијата, дело на една владеечка клика, дело и сопственост на една група), а општеството се раздробува и исчезнува, претворајќи се во дебатен кокошарник.

Ако целата власт му се даде или му припадне на еден човек, колку и да е тој паметен и умен, нужно ќе се претвори во самовластие. Ако таквата личност е уште и расипан човек, тогаш власта нужно ќе се претвори во терор – пасивен и/или агресивен терор.

„Мислам дека „Јулие Цезар“ од Вилијам Шекспир е најважното драмско дело кое денес е пред Македонија и кое е најприлагодливо за состојбата во земјата. Зошто? Затоа што дојде до смена на режимот. Смена на режимот на Никола Груевски што јас го идентификувам како Cosa Nostra. И Македонија се наоѓа пред можноста да стане република или можеби да се движи кон тоа што е република или Res publica. Сега работите се движат килаво, повеќе од очекувањата беа брзи, неспоредливо побрзи од она што сега се остварува, но наспроти сè видлива е таа промена. И мене ми беше важно да се говори за таа возможност пред која денес Македонија се наоѓа. А, дали ќе ја искористи, дали ќе го оствари ова Res publica тоа е веќе прашање“, вели Паковиќ.

Режисерот појаснува дека „Јулие Цезар“ е клучната политичка претстава, односно клучниот драмски текст, кој се занимава со уредувањето на државата. Како Република, како законита држава, држава во која владеат закони, а не поединец, група на луѓе или толпа и во која сите граѓани и граѓанки го партиципираат законот и тоа е идеал.

„Оваа шекспирова пиеса ги отвора сите тие прашања кои денес се клучни во една ситуација каква што е македонската. И, не само што ги отвора клучните прашања, туку и не потсетува на клучните прашања на коишто сме заборавиле. Често говориме за тоа што е Република а и всушност да не знаеме дека републиката е јавна работа. Дека републиката е она што го чинат граѓаните. Дека граѓаните и граѓанките се држава, а не поданици на некоја држава“, вели тој.

А, навраќањето на неговата, режисерска реч го вели и следново:

Секоја диктатура, секое самовластие, токму од стварноста што ја создава и ја присвојува, – прави слика, селфи на остварениот идеал, во кој сите мора да веруваат, иако и самите се надеваат на некаква приватна добивка.

Значи, републиката може да опстане без демократија, иако нема познат случај во историјата дека постоела република што не се колнела во демократијата, како во највозвишена општествена вредност.

Шекспир ги секцира сите овие прашања во своето крваво, политички најпроникливо дело, „Јулие Цезар“, чие основно мото е: Да убиеш или не, прашање е сега!

Имено, како да се создаде општество, способно уште во зачетокот да ја ликвидира секоја можност за приватизација на општото добро, на узурпација на републиката?

Оваа претстава ги следи сите Шекспирови крвави прашања, кои извираат од ова начелно прашање: „Дали тиранијата да ја убиеш на време, уште кога е во лушпа, или покасно таа да те убие тебе?”

Во „Јулие Цезар (Res publica или Cosa Nostra)“ играат актери од неколку генерации на Народен театар – Битола. Иван Јерчиќ е Марко Антоние, Петар Горко – Цицерон, Борче Ѓаковски – Марко Брут, Никола Пројчевски – Касие, Мартин Мирчевски – Каска и така со ред, а за ликот на Јулие Цезар била задолжена искусната Соња Михајлова.

Говорејќи за својата улога Михајлова истакнува дека Јулие Цезар во самата драма не е третиран како историска личност, нити се занимава по Шекспир со историските факти и дека за неа поважен бил моментот на убиството и причината за убиството Цезар отколку самиот психолошки лик. Според актерката Цезар е доведен не на онаа митска историска личност што ја знаеме, туку на „човек од крв и од месо“. Затоа за неа „насловната улога“ е всушност „пакетот или она што во нашата меморија е убиството на Цезар и заговорот против него“. Она што Паковиќ го нарекува Res publica или Cosa Nostra или мотото низ целата шекспирова драма: Да убиеш или не, сето во контекст на денешната актуелна позиција и локално во времето во кое живееме и глобално во она што се случува во светот.

„Ако некогаш беше актуелна тезата – Да се биде или не, онаа позната хамлетовска дилема, мислам дека денес секој треба малку да се испровоцира и сериозно да се занимава со прашањето Кога, како, зошто на една нова реплика. Тоа е репликата: Да убиеш или не? Во контекст на сите политички и реални превирања и не само во политиката од позиција на некакви сместувања, туку малку повеќе човечки. И велам со сите етички, морални и човечки квалитети на единка којашто мисли и размислува. Јас едноставно така го доживеав тој Цезар во оваа наша претстава“, вели Михајлова.

Инаку, сценографијата во претставата е дело на уметникот Филип Јовановски, за костимите се погрижил Благој Мицевски, композитор на оригиналната музика е Оливер Јосифовски, драматург – Билјана Крајчевска, а преводот е на Драги Михајловски.

А, кога сме веќе тука да кажеме и тоа дека освен шекспировиот, во „Јулие Цезар (Res publica или Cosa Nostra)“ на режисерот Паковиќ, користени се и текстови од: Аристотел, Гај Јулие Цезар, Квинт Лутације Катул, Плутарх, Публилијe Сириецот, Гај Светониј Транквил, Цицерон, како и историски извори за Мара Бунева и Менча Крничева.

Од друга страна, особено е значајно и тоа што до крајот на годината, во Народниот театар Битола треба да режираат и Владимир Милчин („Змеј“ од Евгениј Шварц), Кокан Младеновиќ од соседна Србија со авторскиот проект под наслов „Но(е)ва Македонија“ и Итаи Дорон од Израел со текст на еден од најзначајните израелски автори, Ханок Левин.

Во тој контекст нималку не чуди кога директорот Иван Јерчиќ знае да каже дека се одлучиле на ваквите исчекори пред сè натерани од сознанието дека театарот во Македонија во последните неколку години, изминатава деценија и половина, не беше јасно профилиран, што се случува на домашните сцени и каков третман имаат уметниците кон својот репертоар. Како да се едуцира публиката и како да се пласира јасна порака.

„Битолскиот народен театар и јас на негово чело, заедно со уметничкиот директор Илина Чоревска се договоривме, барем во првата година и понатаму во првиот мандат да пробаме да направиме секоја сезона да биде тематска, такашто ќе третираме теми кои не нужно секогаш ќе бидат политички, туку ако сакате и општествено социјални. Една од годините ќе се јави и „женското писмо“, друга ќе биди „година на комедиите“, се разбира не евтини комедии, и така на некаков начин да се профилираме и да пробаме нешто што досега во Македонија никој не го направил“, појаснува Јерчиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG