Достапни линкови

„Малиот принц“ за официјална промоција на Театарот на „Сенки и облаци“


Во четврток, на 21 јуни, во 18.30 часот, во неодамна отворениот Театар на сенки „Сенки и облаци“, во скопско Дебар маало, ќе биде изведена претставата „Малиот принц“. Со тоа и официјално ќе започне работата на оваа независна културна институција која безмалку деценија и половина своето делување го потпираше на идејата и љубовта за игра и на напливот артистички ентузијазам.

Она што некаде во 2005 година беше само луда идеја во главата на еден уметник, на еден актер полека станува реалност. Круме Стефановски деновиве воопшто не крие дека го живее сонот. Тој, заедно со Катерина Сековска и со останатите вљубеници во магијата на сенките конечно се вдомија во скопско Дебар маало. Сред кафулиња, ресторани и клубови ја исцртаа својата слободна културна зона. Го отворија нивниот, всушност наш, Театар на сенки „Сенки и облаци“. Просторот во кој планираат главно да царува магијата на сенките, да се случуваат претстави кои ќе го чинат редовниот репертоар на театарот, креативни работилници, перформанси и свирки, разни други настани и така со ред.

„Мислам дека доволно години се шлаефме околу, наваму – натаму каде што ќе најдеме простор да играме. Сега веќе ќе имаме свој простор кадешто ќе можеме да си направиме некаков репертоар. Многу луѓе често не прашуваа каде ќе можат да ја гледаат следната наша претстава и ние вообичаено не знаевме што да им кажеме. Каде ќе најдеме слободен простор за да можеме да играме. Е, сега веќе ќе биде поинаку“, вели Стефановски.

Од церемонијата на отворањето на Театарот на сенки
Од церемонијата на отворањето на Театарот на сенки

Тој дополнува дека летово планираат да го поминат во подготовки. Да работат на обнова на веќе готовите претстави и некои од нив да ги играат пред публика, а од септември веќе се надеваат да започнат и со редовниот репертоар на Театарот на сенки „Сенки и облаци“.

„Овој театар што ние го играме, настрана повикувањето на некоја традиција од турско или повремените обиди на некои наши театри да ги користат сенките како позадини или како делови од сценографии, бараше веројатно време да созрее. И театарот сам по себе и да ја научи публиката дека театарот сам по себе постои, дека има интерес за таков театар ...затоа мислам дека не е ниту рано, ниту касно за еден ваков потег. Имам впечаток дека овој наш Театар на сенки доаѓа точно на време. Тој е за 30 посетители во еден мал простор, меѓутоа прилично убаво уреден, топол, пријатен и на убаво место во градот“, смета актерот.

​Официјалното отворање на Театарот на сенки „Сенки и облаци“, всушност, ќе се случи на 21 јуни, во 18.30 часот, кога пред публиката ќе биде одиграна претставата „Малиот принц“, чија премиера беше на минатогодишното петтото по ред издание на Интернационалниот фестивал „Сонот на облачето“ што се одржа во Младински културен центар – Скопје. Претставата потем беше играна уште неколку пати, за да последната нејзина изведба се случи некаде на крајот на декември 2017 година.

„Тоа беше повторно во кино „Фросина“ во МКЦ и беше прилично полно. Се изненадивме од големиот интерес така што бевме принудени да ставиме два термина и да ја играме два пати истата вечер. Е сега станува збор за помал простор, за мало гледалиште и ако има потреба ќе ја играме и во следните денови. Од таму ова не е премиера на претставата, но е промоција на местото, на новоотворениот Театар на сенки. Прикажуваме една претстава која не е многу играна и која допрва треба да ја видат луѓето“, истакнува Стефановски.

Сцена од претставата „Малиот принц“
Сцена од претставата „Малиот принц“

Тој и со дополна дека сега го дотеруваат, „го шминкаат просторот“. Вели дека кога тој е веќе реалност ним ќе им биде многу полесно оти секоја клинец што ќе го заковаат ќе си остане таму, на своето место, и утре кога наново ќе ја играат претставата ќе бидат ослободени од таа обврска. Ова подразбира дека нема да мораат повеќе да импровизираат во моментот и дека така работите ќе се одвиваат „помазно“, а и ќе се добие на квалитет на претставите.

Инаку, првата премиера на претстава во својот простор Театарот на сенки „Сенки и облаци“ ќе ја врзе со новото издание на фестивалот „Сонот на облачето“. Според плановите таа би се случила во пресрет на манифестацијата, но велат дека е прерано да се истрчуваат со информации за деталите околу овој чин.

Од друга страна, наспроти овие убави информации во оваа наша нова независна културна институција се свесни дека и натаму за интернационалното случување „Сонот на облачето“ ќе мораат да се потпираат на сопствениот ентузијазам и работите да ги туркаат главно како и досега - на мускули. Едноставно, за нивната театарска платформа која цели преку еден стар медиум да се истражат нови начини на уметничко изразување и која својата мобилност веќе ја провери на фестивали во Франција и Бразил, а беше повеќе од добар домаќин на театарски трупи од САД, Шпанија и Грузија, излегува дека сè уште нема доволно слух во државата.

„Во однос на претходните години овојпат за „Сонот на облачето“ имаме помал буџет. И од Министерството за култура и од Град Скопје како поддржувачи. Од кој причини не би знаел, меѓутоа ние би сакале и во овие услови да продолжиме со нашиот Фестивал. Едноставно свесни сме дека многу дечиња ќе сакаат повторно да дојдат и да ги гледаат претставите. Треба да се задржи таа традиција. Тој фестивал расте од година во година и нема да згрешам дека од изведба во изведба сите места се пополнети на сцената „Фросина“ во МКЦ. Затоа најголемиот дел од претставите на „Сонот на облачето 2018“ ќе бидат таму и можеби само некаква оф-програма би направиле во нашиот театар кој има многу помало гледалиште. Во тој правец размислуваме да се одвиваат работите“, заклучува Круме Стефановски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG