Ова е најактивната резиденција на којашто сум била, а во последниве четири-пет години сум често отсутна од дома. Овде во Македонија, во Скопје, програмата започна безмалку од првиот ден. Среќната околност беше тоа што мојата најнова книга „Викајте ме Естебан“ е преведена на македонски јазик и штом стигнав веднаш појдов на Саемот на книги каде што потпишуваш примероци од неа. Потоа мојата издавачка куќа Блесок ми организираше гостувања во Битола и во Охрид, потоа се случи и промоцијата во Скопје. Освен тоа бев вклучена во програмата на книжевниот фестивал „Проза Балкан“, читав и на „Астални проекции“, за да конечно моето гостување биде заокружено со учеството на раскажување на квир-приказни „Пич-прич“ кое се одвиваше на тема „Срамота“. Беше навистина интензивно. И навистина ми е многу драго што се* се одвиваше така. Уште повеќе ми значат средбите со некои многу драги луѓе за мене како Петар Андоновски, Румена Бужаровска, со која патем се познавам уште од 2009 година од еден поетски фестивал во Кикинда...и уште многу други со кои претходно имав одредени релации остварени на социјалните мрежи.
Вака Лејла Каламујиќ, во само неколку реченици, ќе го опише својот богат неодамнешен едномесечен престој во земјава во рамките на Европската мрежа за литература и книги „Традуки“.
Таа е наградувана босанска писателка позната по своите прозни и есеистички текстови.
Централно место во нејзиното творештво заземаат темите на сексуалноста, лудилото, смрта и бунтовно преиспитување на сите конвенции. Авторка е на современата социјална драма „Човекојадка“, како и збирките раскази „Анатомија на насмевката“ и „Викајте ме Естебан“.
Прашана за тоа колку ваквите програми и директните средби со творците од различни средини помагаат во изградба на новите мостови на соработка, посебно овде на Балканот, Лејла Каламујиќ знае да каже дека некогашната заедничка држава се растури на повеќе независни држави, но дека прашање е колку и која од нив е „независна“ ако се земе во предвид во чии раце отиде капиталот и кој е всушност сопственик на поголемиот дел од добрата. Дополнува дека е сосема нормално што сме упатени едни на други и дека кога таа говори за тој книжевен - културен круг тоа реално значи дека соработката и врските постојат. Дека се негуваат. Вели дека колку и да стои критиката за нивото на социјалните мрежи, токму тие ним, на авторите, им помогнале повторно да се соберат барем во тој некој свој виртуелен свет. Истакнува дека е премлада да говори со некој југо-носталгичен тон, но дека нејзе секоја идеја за зближување и соработка и е многу блиска.
„Колку и да се трудат шовинистичките политики да го разбијат тој вид културолошка блискост и творечка поврзаност мислам дека нема до крај да успеат. Но факт е дека со сите сили се обидуваат и дека успеваат да го отежнат. Како поинаку да го разберете тоа што денес немате никаква, ниту автобуска, ниту авионска линија Сараево – Скопје“, вели Лејла.
Таа со дополна дека за неа сите национал-шовинистички политики се всушност исти. Дека забележува оти луѓето се поподготвени да зборуваат за туѓиот шовинизам, дури и фашизам, а дека често забораваат или не сакаат да го видат сопствениот.
„Луѓето мислам дека најмногу ги уценуваат со форсирањето на идејата за враќање во минатото. Кон митовите. Со тој концепт. Со враќањето кон изворите, различноста од другите...Со потпирањето на нацијата и националните идентитети. И тие, бидејќи се смртни, силно ги љубат митовите и тоа запишување во вечноста. А, со тоа убедена сум дека силно се манипулира. Од друга страна често сум на релација Сараево – Белград – Загреб, бев и во Приштина, сега сум во Скопје и потоа патувам во Љубљана, и доаѓам до сознание дека луѓето од различна перспектива гледаат на она што му се случи на Балканот. За вистините сè уште се расправа, но мислам дека сите се согласуваат во една работа – дека Југославија во некој краен заклучок е распродадена држава. И дека наспроти сите националистички приказни колку и да се ретроградни, нивните творци и тоа како добро соработуваа на економски план. Затоа имаме малцинства кои упорно се богатат ограбувајќи ги жителите на овие новонастанати држави. И не ме чудат приказните на обичните луѓе што ги среќавам во различните средини дека навистина тешко се живее“, вели Каламујиќ.
Од друга страна, говорејќи за отпорот во книжевноста Лејла посега по зборовите на чешката писателка Ратка Денемаркова која во една прилика напишала дека единствено и верува на литературата. Дека ако сакате да знаете што се случувало и што се случува читајте што има во литературата, а оставете ги настрана историјата и политиката.
„Книжевноста навистина го нуди тој простор за побуна против состојбата во којашто се наоѓаат нашите општества и против политичката сцена. Мене тоа ме тера напред. Го читам она што го имаат напишано бројни автори и авторки и она што тие го велат, го пишуваат некако успева и мене да ме придвижи. Да ме натера да го кажам својот став кон нештата. И колкав да е притисокот мислам дека има одредена маса на луѓе на кои ваквите состојби не и одговараат и која се буни. Која дефинитивно не е замолчена“, смета писателката.
Во однос на сопственото творештво Лејла Каламујиќ истакнува дека најчесто пишува кратки раскази. Дека преку тие мали ситуации се обидува да раскаже една малку поголема приказна. Потенцира дека пишува безмалку секој ден, но дека не се жали оти пишувањето за неа е исклучително позитивна работа.
„Најмногу во моето пишување нештата сè уште се вртат околу последната книга „Викајте ме Естебан“ која е преведена и на македонски јазик и којашто е пишувана во автобиографски стил. Кадешто пишувам за сопствениот живот. Почнувајќи од смртта на мајка ми кога сум имала само две години и на која речиси и да не се сеќавам. Таа е централен мотив скоро во сите мои раскази. И се така преку животот во едно мешано семејство каде татко ми беше муслиман, а мајка ми Србинка, потем и војната која подразбира и распаѓање на таквата заедница и сите смртни случаеви што следуваа околу мене. Едноставно пишував за она што лично ми се случуваше и некако тоа луѓето ги освои. Не знам зошто, веројатно затоа што се видоа самите во тоа. Сметам дека книжевноста доста почива на тоа чувство на емпатија и мислам дека преку тоа мое искуство мнозина на овие простори навистина се препознаваат. Книгата прв пат е објавена во 2015 година, потем следуваа изданијата во Белград и во Загреб. Еве сега ја има и во Скопје, а ќе излезе и на словенечки, па затоа мислам дека таа приказна колку и да е лично моја може да се рече дека е и сечија. Таа дојде до луѓето и еве ме сè уште патувам и ја промовирам“, вели таа.
Каламујиќ и со дополна дека во меѓувреме напишала и драма чие читање ќе биде наскоро во Берлин, Германија, а дека сега полека го завршува својот прв роман чие излегување се надева дека ќе биде до крајот на тековната 2018 година. За третата збирка раскази која полека ја обликува вели дека генерално ќе ја следи досегашната творечка линија да биде лична, но дека „делумно ќе биде и отсонувана“.
„Постојано се обидувам да испробувам нови форми и правци. Ете и тој излет со драмата се повеќе и повеќе ми се чини занимлив, па останува да видиме како сето тоа ќе биде прифатено од публиката. Инаку, интересно е и тоа дека после враќањето од секоја книжевна резиденција се трудам дел од тамошната атмосфера да пренесам на хартија. Да ги запишам настаните. Да остане траг од местата и од луѓето со кои сум поминала некое време. Е, во која форма сето тоа ќе биде печатено не би знаела, но знам дека еден ден ќе се најде во книга“, вели босанската писателка.