Колку сме отворени, искрени и слободни да говориме за феминизмот и за прашањата кои ги засегаат жените, но и мажите? Дали воопшто знаете што претставува феминизмот и за кои вредности тој се бори? Дали сте доволно храбри да си поставите некои прашања тивко пред себе, а камоли јавно да проговорите за нив?
Ова се прашањата и дилемите на кои ќе бидат побарани одговорите на претстојното, петто по ред јубилејно издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, што од 18 до 21 мај ќе се одржи во Младинскиот културен центар - Скопје. Зад случувањето, кое во годиниве наназад од идеја израсна во настан кој со особено внимание се очекува, стојат девојките од „Тиииит!Инк.“, а овојпат Фестивалот е поддржан од Европска унија и FRIDA Young Feminist Fund.
„Ни претставува огромна радост што успеавме да добуткаме до петтото издание, чијашто програма ги враќа назад некои од незаборавните учеснички и учесници од претходните години, на кои им се придружуваат нови возбудливи пријател(к)и на фестивалот. Се гледаме во МКЦ заедно да ги промислуваме и славиме женските права и слободи. Сериозните чичковци во костуми, седнати на одлучувачки позиции сериозно потфрлија. Ред е на жените да го спасат светот“, ќе напишат во писмената изјава до медиумите лиферувана пред почетокот на петтиот фестивал „Прво па женско“ организаторките.
Кога сме веќе тука, посегајќи по понудата и само телеграфски пред нас се разоткрива повеќе од загадочна лепеза на настани кои завредуваат особено внимание. Така, по отворањето во кино „Фросина“ е предвидена проекција на кратки филмови и потем разговор со авторите модериран од Румена Бужаровска. Ќе бидат прикажани „Елена“ на Дина Дума, „Влакна“ на Елеонора Венинова, „Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска и премиерно „Долорес“ на Радован Петровиќ. Првата вечер ќе биде крунисана со ди-џеј сет на Илина Ангел.
В петок, на 19 мај, во 19 часот, во „Фросина“ ќе се случи предавањето Вагинален секс (едно скокотливо беседење за женското задоволство) на повратничката на манифестацијата Сандра Дален од Шведска, а два часа подоцна во Денсинг сала е планирано да бидат одржани перформансот и потем дискусијата на тема „Каде одат претставите што не се случуваат?“ чиј потписник е Драгана Стојчевска Гунин.
Зад грамофоните и другите уреди зад пултот, пак, овој пат ќе се менуваат (надополнуваат) ди-џејките Соња Исмаил и Ана Мало. Веќе наредниот „неработен ден“, сабота, носи и „нови работни победи“. Од 18 часот, во фоајето на кино „Фросина“ ќе започне панел дискусија на тема: „Родовата и сексуалната (не)еднаквост во Југославија: помеѓу револуционерната утопија и историскиот континуитет на патријархатот“, во која учесници се Франко Дота, Ивана Пантелиќ и Тијана Окиќ, а модератор – Славчо Димитров.
Два часа подоцна „Тиииит!Инк.“ и МОТ+ ќе ја прикажат театарската претстава „Црвена љубов“. Станува збор за проект во продукција на БИТЕФ Театар од Србија во драматизација и режија на Олга Димитријевиќ, а во кој настапуваат актерите Владимир Алексиќ, Јелена Илиќ, Милица Стефановиќ и Ана Ќурчин, која се погрижила и за одбирот на музиката.
Претставата е создадена по мотиви од романот „Слободна љубов“ на руската писателка и револуционерка Александра Колонтај и се занимава со револуционерната идеја за љубовта, со други зборови ги доведува во прашање патријархалните и капиталистичките општествени механизми што ги обликувале денешните љубовни односи и ги произвеле нивните, сè уште актуелни, општествени норми.
По ваквите жестоки содржини следува и централниот настан од музичката програма на „Прво па женско“, кој сам по себе е фестивал на Фестивалот. Тој ги донесува настапите на бендовите BITIPATIBI (претставник на белградската нео-психоделична сцена), SEINE (бенд кој доаѓа од хрватската алтернативна сцена) и КУКЛА (Ќешеровиќ - самопрогласена словенечка гангста геиша поп-бенд трансформерка), кои ќе бидат подржани од домашните CONTACT 59 („новите скопски миленици“) и KING'S PEACH (дуото што го чинат Мартина Бараковска на тапани и клавијатури и басистот Ерик Омерагиќ) .
И конечно за в недела, на 21 мај, е планирано да се случи и големото релаксирачко финале. Така од 13 часот ќе започне базарот, потем следува Работилницата за татковци и ќерки на Доротеј Нешовски, па онаа за поправање точаци за девојки на Bikestop, цели осум часа „дамите (и по некој господин) ќе бираат музика“, ХНУ ќе се грижи за „Храна“ и за приквечерината е планиран ЛезФемСлем насловен како „Жените тоа го прават гласно!“. Паралелно ќе се одвиваат Изложбата на постерите од конкурсот, па и оние на Христина Ивановска, Сирота мала богаташица (избришано минато) 2014-2015, онаа на HAVEIT од Косово и згора Pilule du Lendemain од 2017-та.
Влезот за сите случувања е слободен, сем за претставата „Црвена љубов“ каде картите ќе можат да се набават на билетарницата.
И, уште малку фактографија. „Тиииит.Инк.“ е неформална група која е формирана во јануари 2010 година од етнологот Јана Коцевска, културологот Јана Старделова, актерката Кристина Леловац и новинарката Ивана Петрушевска. Групата е резултат на долгогодишното пријателство и на желбата за активно дејствување на независната културна сцена, темелено на индивидуалното искуство во невладиниoт сектор, уметноста и медиумите на секоја од основачките.
Фокусот на „Тиииит.Инк.“ е активното учество во промоцијата и развојот на независната културна и уметничка сцена, на женската интелектуална и креативна продукција и на општествениот активизам во Република Македонија, преку негување и афирмација на различност, истражување, неформална едукација и унапредување низ креативна размена и соработка на актерите од овие области на дејствување.