Достапни линкови

Витошевиќ со „Бог на масакрот“ премиерно во Народниот театар во Штип


Плакат за претставата БОГ НА МАСАКРОТ
Плакат за претставата БОГ НА МАСАКРОТ

Работена по еден од најпознатите драмски текстови на француската писателка, драмаург и актерка Јасмина Реза, во режија на Нела Витошевиќ, оваа сабота, на 10 февруари во 20 часот, во Народниот театар во Штип, премиерно ќе биде изведена претставата „Бог на масакрот“. Играат Драгана Костадиновска, Милорад Ангелов, Сања Арсовска и Ефтим Трајчов Ѓаурски.

Родена 1959 година во Париз, писателката и актерка Јасмина Реза денес се смета за столб на француската и светска современа драма. Препознатлива е по нејзиниот сатиричен пристап во творештвото, а нејзините дела се преведени на повеќе од триесет јазици и поставувани во глобално најрелевантните театарски куќи. Згора на тоа за текстовите „Арт“, „Бог на масакрот“ и „Разговори после погреб“ добитничка е и на најважните светски признанија за драма: наградите Молиер, Тони и Лоренс Оливие... Во близина се и почестите за најдобра продукција, адаптација и превод.

„Бог на масакрот“, пак, е нејзина најпоставувана драма која во неколку наврати се нашла и на македонските театарски сцени . Реза жанровки ја определува како црна комедија која ги разобличува лажните манири на однесување и хипокризијата и ги посочува аномалиите на луѓето од западниот свет. Текстот покажува до кои крајности може да отиде човековата природа и како кога маската на разумот ќе падне, нагонот ги отсликува последиците на суровиот западен капитализам.

Инаку, причина за почеток на драмата е тепачка помеѓу две девет годишни деца, во која едното испровоцирано од другото, зема стап и му ги крши забите. По тој повод родителите на децата се среќаваат во станот на едниот пар, да разговараат околу случајот и да ги смират страстите.

Тој обид за помирување, набрзо резултира во нетрпение помеѓу двете двојки, за подоцна да премине во бурна кавга и помеѓу самите партнери. Во оваа една вечер колку што е и целокупното времетраење на дејството, тие се соочуваат со своите слабости и ги разоткриваат проблемите во нивните бракови, како и нивните ставови во однос на битни општествени прашања.

Нела Витошевиќ, говорејќи за своето посегање по „Бог на масакрот“ на Реза ќе рече дека нејзината идеја била на штипската публика да и понуди една современа, универзална приказна на обични луѓе со чии проблеми ќе може полесно да се поистовети.

Режисерката дополнува дека, во принцип, не сакала да го толкува текстот како комедија бидејќи сметала дека така тој ќе стане „ефтин“. Дека тој нуди многу повеќе од тоа.

Вели дека тој го содржи хуморот сам по себе, меѓутоа она што тие се обидувале да го сторат е да ги играат многу сериозно самите ситуации, а од таа сериозност да произлезе самиот хумор „бидејќи ситуациите сами по себе се крајно апсурдни“. А токму во таа апсурдност е и хуморот. И, на тој начин, според неа, дошле до она што е идејата на Јасмина Реза - „да ни покаже до која крајност на однесување е способен да отиде поединецот кога е лично засегнат“.

„Реза зборува за тоа колку човечката природа кога е ослободена од маската на разумот, а нагонот го зема својот примат, до која граница на животинското оди. Кога практично паѓа онаа лажна фасада којашто ја носиме. Од под неа ѕверски крикнуваат разни нихилистички, расистички, сексистички ставови на ликовите и тука веќе исчезнуваат секакви морални вредности којшто тие на почетокот ги пропагираат“, вели Витошевиќ.

​Според режисерката, најбитното нешто во самиот текст е дека преку тие четири лика авторката всушност зборува за последиците од суровиот западен капитализам во којшто владее правилото на посилниот. И за тоа колку како последица на капитализмот луѓето се отуѓени едни од други во современиот свет.

Во натамошното свое видување, Нела вели дека битен аспект на драмата е и животот во брачната заедница по раѓањето на децата.

„Се поставува прашањето дали среќата уште постои и после тоа или животот се претвора во една здодевна рутина. Тие во претставата во еден момент стануваат дури поинфантилни од своите деца кога се доведени во ситуација да можат да не се држат по тоа рутинско секојдневие по коешто чекорат“.

Во „Бог на масакрот“ на Народен театар - Штип, инаку проект финансиран од Министерството за култура, играат актерките Драгана Костадиновска и Сања Арсовска како гостинки и нивните колеги Милорад Ангелов и Ефтим Трајчов Ѓаурски. Сценограф е Васил Христов, а за костимографијата се погрижила Розе Трајчевска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG