Во повеќе наврати досега изгледаше како разговорите за името да пропаѓаат или дека се одложуваат, но тие продолжуваа, коментираат аналитичари, откако постојано се одложува разговорот меѓу премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Засега нема официјални информации за контактот меѓу двајцата политичари, првично најавен дека ќе се реализира до крајот на минатата недела. Владите даваат сиромашни информации и за други теми и гласини поврзани со процесот, како тоа кое име сега е на маса, или што конкретно е спорно од пакетот.
Според политичкиот аналитичар Сашо Клековски, разговорите се одложуваат поради консултации со клучните политички фактори во сопствените земји и за подготовка на јавноста. Ова последно одложување на разговорот меѓу Заев и Ципрас, според него, е и за да не им се даде дополнителна енергија на протестите во двете земји, изминатиот викенд во Скопје на ВМРО-ДПМНЕ и вчера во 23 града низ Грција.
Што е се уште отворено?
Од тоа што го пишуваат грчките медиуми, пак, на маса се Република Северна или Нова Македонија, според Катимерини, напишани на англиски јазик. Та Неа спротивно од Катимерини, пишува дека Република Северна Македонија, без превод на англиски е предлогот што е ставен на маса. И овој весник како и Хелас Журнал, најавува дека четврток е клучниот ден во кој се очекува пресврт и телефонски разговор меѓу премиерите Заев и Ципрас, кои требало да решат и за отворените прашања како јазикот и нацијата, нешто што се сметаше за веќе договорено.
„Грците се мошне умешни во отворањето на прашањата што се веќе дефинирани во Обединетите нации. Поради диспропорцијата во моќта, бидејќи на Атина не и се брза, а нам ни се брза за да го фатиме приклучокот со НАТО и ЕУ, нивните барања ми се чини растат секојдневно во надеж дека ние ќе се откажеме од натамошни разговори “ вели Клековски.
Американска поддршка
Во меѓувреме засилени пораки стигнуваат од високи претставници на американската администрација. Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел изјави дека САД продолжуваат да играат тивка улога во процесот на решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција.
„Дел од нашиот тим во моментов работи на ова прашање, а САД продолжуваат да играат тивка улога заедно со ЕУ, Германија и останатите, охрабрувајќи да се најде решение за името, за да ја видиме Македонија како членка на НАТО“, рече Мичел во обраќањето на Херитиџ фондацијата, каде ја промовира стратегијата на претседателот Доналд Трамп за Европа.
Според Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, поддршката од меѓународната заедница е многу клучна за Македонија.
„Терминот тивка улога упатува на тоа дека активно учествуваат во целиот процес. Мислам дека решение ќе има и дека Македонија ќе го фати овој воз за НАТО“ вели Гаџовски.
Кеј Бејли Хатчисон, амбасадорка на САД во НАТО, пак, во изјава за Гласот на Америка рече дека очекуваат сепак разговорите меѓу Скопје и Атина, како на политичко, така и на техничко ниво, навреме успешно да завршат, за процесот за пристапување на земјава да стартува во јули.
„Ако прашањето за името не е решено пред Самитот на НАТО и не може да почне пристапувањето, ние ќе продолжиме да работиме и да ги градиме одбраните од хибридните војни и малигните влијанија. Имаме блиска соработка со Македонија и се` што властите ќе ни предочат, а ние можеме да помогнеме. Не можам да одговорам на нешто што од нас не било побарано, но, можам да кажам дека сите во НАТО сакаме да направиме се` што можеме за да помогнеме за Македонија да се одбрани од какви било малигни руски влијанија, какви било хибридни војни и активности, кои знаеме дека Русија ги преземала во други земји кои сакаат да станат дел од НАТО. Ќе им помогнеме на сите овие држави, особено на Македонија“, рече Бејли Хатчисон.