Преговорите за името отидоа многу далеку, во нив се вложија двете страни и се инволвираа и меѓународни фактори, така што не е многу веројатно дека тие ќе пропаднат и нема да има решение во скоро време, оценуваат аналитичарите.
Дилемите околу тоа до каде се преговорите, кои беа најавувани дека е можно да завршат со решение месецов, се отворија откако се одложи разговорот меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Првично тој беше најавен за до крајот на минатата работна недела, па викендов Заев рече дека имало некои технички работи кои требало да се решат, но дека останува оптимист за решението. Ден подоцна портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос рече дека топката е на теренот на соседите да го направат одлучувачкиот чекор кон решение, а тие чекале.
Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, сепак, смета дека не се работи за реален застој, туку како што вели за купување време во кое двете влади ќе си дадат доволно простор да ги убедат опозициите и другите политички авторитети во своите земји во решението што го договориле.
“Не верувам дека по сите дипломатски напори прашањето би се вратило на почетната точка, особено по значајното инволвирање и на американската дипломатија во процесот на решавање на спорот” вели Незири.
И професорот од Универзитетот Свети Климент Охридски Никола Дујовски е оптимист дека решението на проблемот за името е на повидок, а за одложувањето на разговорот вели дека некогаш на e потребно повеќе време за квалитетен договор.
“Мислам дека враќање од оваа ситуација нема, тоа не може ниту грчката страна да си го дозволи, ниту македонската затоа што веќе доволно обврски презеле” вели Дујовски.
Опозициите и во Македонија и во Грција, пак, се чини дека не гледаат позитивно на решавањето на прашањето. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од антивладиниот протест викендов порача дека тие не отстапуваат од ставот дека нема да поддржат промена на Уставот со цел промена на уставното име и силно го критикуваше Заев за продажба на националните интереси.
Во Грција, слично постапува и Неа Демократија.Министерот за надворешни работи во сенка од опозициската грчка партија Јоргос Кумуцакос вчера рече дека добро решение за името подоцна е подобро отколку лошо решение сега.
И Заев зборувајќи за деталите што требало да ги договорат во разговорот со Ципрас рече дека важно им е како тоа ќе го објаснат на македонска опозиција, на граѓаните на Република Македонија, но исто така и на опозицијата во и на граѓаните на Грција.