Иако не е пренагласена, Соединетите Држави покажуваат константна поддршка за затворање на долгогодишниот спор за името со Грција, сметаат упатените. Стручната јавност гледа две причини поради кои на Соединетите Држави им е важно да се реши ова прашање.
„Зошто им е важно да се реши? Затоа што сакаат да имаат два свои партнери и сојузници во иста организација, односно во НАТО, тие се интересираат пред се за НАТО, ЕУ не им е приоритет на надворешната политика. Тие велат: сакаме еден сојузник да го задржиме во НАТО, но сакаме да придодадеме уште една држава од јужното крило и да го зацврстиме тоа јужно крило од Алијансата за да можеме да дојдеме до целта, а тоа е Европа да биде целосна, да биде во мир и да биде слободна,“ вели професорот Стево Пендаровски, национален координатор за НАТО.
Но, за разлика од 90-тите години кога присуството на САД беше пренагласено, домашните експерти истакнуваат дека по Букурешкиот самит во 2008 година, Америка е многу малку присутна во нашата надворешна политика, дури и во контекст на спорот со Грција.
Нивното најголемо инволвирање во спорот со името, беше пред и по Букурешкиот самит, раскажува Пендаровски.
„Можам да ви кажам дека комплетната администрација на чело со тогашниот американски претседател ги знаеја деталите во спорот. И нивните највисоки претставници, Кондолиза Рајс, Колин Пауел, Стивен Хедли, тие кога разговараа по телефон со нашите политички првенци и лидерите во Грција зборуваа за деталите во спорот. Денеска Америка не е на тоа политичко ниво инволвирана, таа повеќе ги следи активностите кои ги преземаат други актери од континентална Европа, и пред се тука мислам на Германија“, вели Пендаровски.
Една од причините поради кои се смета дека присуство на американската дипломатија е симболично во различните спорови во овој регион и пошироко, е слоганот на актуелната администрација на претседателот Доналд Трамп.
„Клучниот слоган на Трамповата кампања, беше Америка на прво место. Тоа подразбира извесна доза на изолационизам и внимавање само на нивните интереси. Значи како живее нивниот народ, а се останато е под точка разно. Значи не само Балканот, туку и европските сојузници сега се многу подолу на скалата на надворешно-политичките приоритети на Трамповата администрација иако ние историски гледано имаме добри искуства како Македонија со републиканските администрации, меѓутоа знаете дека Трамп не е типичен Републиканец“, вели Пендаровски.
Сепак за Соединетите Држави останува стратешкиот интерес, а тоа е стабилизација на Балканот и во контекст на тоа нашето евро-атлантско интегрирање, потенцира стручната јавност. Но, освен стабилноста на Балканот, експертите потенцираат дека интересот на САД е и да се спречи продорот на руското влијание на Балканот.
Со право се забележува дека блиската и стратешка соработка помеѓу Соединетите Држави и Република Македонија не е од понов датум. Низ историјата познати се примерите на американски позитивен приод кон решавањето на бројни прашања поврзани со проблемите на Македонија. Во сите овие години од осамостојувањето на земјава, видлива е американската поддршка во процесот на спроведување на реформите во земјава преку разни програми од присутните невладини организации, но и преку активностите на американската амбасада.