Достапни линкови

Македонија меѓу Трамп и Путин


Во Црна Гора поставени се билборди со заедничка фотографија од новиот американски претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, 16 ноември 2016.
Во Црна Гора поставени се билборди со заедничка фотографија од новиот американски претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, 16 ноември 2016.

По првичното изненадување од победата на Доналд Трамп, сега светските лидери и јавноста се во исчекување на неговите први потези. Веќе се анализира што ќе донесат неговите предизборни ветувања, ако се реализираат. Но како ќе влијае најавеното затоплување на релациите меѓу Вашингтон и Москва врз Македонија, регионот, но и врз светските односи?

Неполна недела по гласањето, Трамп како избран претседател го оствари својот прв контакт со рускиот претседател Владимир Путин. Во телефонскиот разговор двајцата политичари се согласија дека односите меѓу двете земји се во „многу лоша состојба“ и оти е неопходна заедничка работа за нивна нормализација. Путин и Трамп,, како што соопшти Кремљ, се договорија да ги продолжат телефонските контакти, а во иднина и да се состанат.

Изборот на Трамп нема да донесе голем промени за Македонија

Во македонската јавност мислењата се поделени за тоа колку регионот е воопшто важен за светските сили, но речиси никој не очекува големи промени или последици. На затоплувањето на односите меѓу Соединетите Американски Држави и Русија не треба да се гледа како на лоша работа за Македонија и за Балканот, оценуваат познавачите. Друго прашање е американската политика кон Македонија, смета професор Љубомир Фрчкоски, кој очекува да нема драстични промени, без разлика на односите меѓу двете светски сили. Интересот на официјален Вашингтон е влегување на балканските земји во евроатланските структури, а руското влијание во Македонија е само на некакво реторичко ниво, на поддршка на авторитарните режими и изјавите на официјална Москва поврзани со внатрешните работи во земјава треба да се гледаат во таа насока, додава тој.

„Тој континуитетот ќе продолжи. Можеби не така спектакуларно, можеби без некои големи изјави, меѓутоа тие две големи прашања, влез на Македонија во НАТО и затворање на регионот под една евроатланска капа мислам дека ќе заврши, тоа не може да остане отворено на овој начин бидејќи на никому не одговара. И мислам дека Русите немаат тука некои големи карти на дестабилизација да играат и дали воопшто можат тоа да го направат. Но никој не може да биде баба Ванѓа целосно, останува една зона на неизвесност до каде тоа ќе оди и како радикално ќе биде поставена таа надворешна политика“, вели Фрчкоски.

Нема да има никакви импликации врз Македонија евентуалното зближување на односите меѓу САД и Русија, дециден е долгогодишниот новинар Мирче Адамчевски, кој се смета и за добар познавач на руската надворешна политика, поради неговата работа како дописник од Москва.

„Ако дојде до зближување во односите во Македонија нема да се почувствува ништо, бидејќи Трамп кога зборуваше во предизборната кампања за Русија тој ги спомнуваше Украина, Сирија и Крим. Најважни точки за кои спорат, за кои разговараат и кои им се приоритет на Америка и Русија се токму тие три“, вели Адамчевски.

Стратегиски и долгорочен интерес на Европа е да има добри односи со Русија оценува и поранешниот дипломат Ристо Никовски, а според него досега тоа го спречувале САД. Но во однос на Македонија тие меѓусебни односи нема да имаат никаква улога, додава тој.

„Но во секој случај најавите на Трамп даваат надеж дека Вашингтон ќе ја смени својата 25 годишна погрешна политика кон Македонија. Можеме да се надеваме, бидејќи во тие дефинитивни решенија сигурно ќе имаат влијание и неговите советници, во добар дел Грци тоа веќе само по себе преставува одреден лимит, одредено ограничување во неговиот маневарски простор“, вели Никовски.

Трамп, Путин и Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:48 0:00

Економските теми заменете со политички

До пред разгорувањето на актуелната внатрешно политичка криза во Македонија која почна лани во февруари со објавувањето на опозициските бомби земјава се чинеше речиси заборавена од руската надворешна политика. Се отвораа претежно економските теми, официјално најмногу поврзани со гасоводот Јужен поток, а неофицијално се шпекулираше и дека зад некои инвестиции во земјава стои руски капитал. Реакциите на руското министерството за надворешни работи за внатрешните прашања, па и лично на министерот Сергеј Лавров се засилија по почетокот на кризата, па со договорите од Пржино, за да станат најотворени по протестите на Шарената револуција. Лавров отворено зазема страна во внатрешно партискиот спор наведувајќи дека Западот подготвувал конфликт во Македонија, а дека владата на Груевски била на удар оти ја поддржала Москва.

Западот, кој го споменува рускиот министер, пак, беше директно вклучен во разрешувањето на македонската криза како гарантор на договорите од Пржино со кои се дојде до некаков привремен излез. Според професорот Фрчкоски руското влијание во Македонија стои на некакво реторичко ниво на поддршка на авторитарните режими кои им се слични и тие не се инволвирани во таа мера како западните сили.

„Влијанието и на некаков економски капитал во Македонија е мало. Тоа кај нас повеќе оди преку Србија и некакви матни, тајкунски подземни линии на врската меѓу нашите властодршци и српската условно да кажам сива економска мафија или полумафија најчесто во медиумите, дел од купување на фирмите, некоја чудна врска, меѓутоа таа врска е на некој начин се она што можеме да го видиме од условно да кажам источното влијание во Македонија“, вели Фрчкоски.

Најавите за енергетските и инфраструктурните проекти на Русија кои треба да поминуваат низ регионот, особено низ Македонија како земја во која се вкрстуваат ја прави да станува се поинтересна за големите сили, вели аналитичарот Џељаљ Незири кој сепак не очекува големи промени.

„Јас не очекувам дека САД целосно ќе се повлече од Балканот и целиот Балкан ќе биде оставен на Русија. Таа борба меѓу големите сили ќе продолжи на Балканот но сметам дека главните дипломатски и геостратегиски битки во Украина и на Блискиот исток, односно Сирија и Ирак“, вели Незири.

Балканот очекува многу од Трамп

Упатените не очекуваат големи промени ниту на Балканот. Дел од државите во регионов реагираа исклучително позитивно на победата на Трамп, па во Србија дури беа поставени и билборди со пораки „Честитки Трамп Србину, “ „Србите го поддржаа Трамп“, а некои весници излегоа и со наслови „Трамп ќе го врати Косово на Србија“ или „Трамп и Путин го менуваат светот“. И во Македонија дел политичари особено од владејачката партија посочуваа дека победата на Трамп била победа и врз Сорос со која тие постојано ја поврзуваат опозицијата во земјава. Но и покрај ваквите очекувања за свртувањата во американската политика, па и приближување кон Москва во корист на некои балкански центри, Фрчкоски смета дека позицијата на Русија во регионов историски гледано всушност сега е најслаба. Таа ги изгуби своите клиент-држави Србија и Црна Гора вели тој. Според него Белград почна да се врзува со Берлин и со Европската унија, а Подгорица отиде директно во НАТО. Во Бугарија пак по победата на генералот Румен Радев кој се смета за проруски ориентиран треба да се види како ќе се одвиваат работи.

Трамп и Путин го менуваат светот

Дали Доналд Трамп како претседател на САД ќе донесе подобри односи на релацијата Вашингтон, Москва со оглед на неговите изјави за време на изборната кампања. Сепак и на Исток и на Запад се повеќе преовладува мислењe дека во секој случај победата на Трамп го прави светот се понепредвидлив. Гоце Атанасов

Колкава голема непозната е Доналд Трамп на меѓународната политичка сцена покажа вонредниот состанок на шефовите на дипломатијата на земјите членки на ЕУ од каде што произлезе ставот дека ќе се почекаат првите потези на Трамп откако тој ќе влезе во Белата куќа.

Федерика Могерини изјави:

„Гледам потреба Европејците да ја зајакнат нивната безбедност и одбрана, како и соработка без оглед на промените во администрацијата на САД. Ќе видиме какви ќе бидат определбите на следната администрација.“

Од друга страна Русија се надева дека претседателствувањето на Доналд Трамп ќе донесе подобри односи со САД. Но, како знак на студен реализам по кој е познат Путин, Москва не очекува, непосреден и драстичен пресврт во затегнатите односи.

Рускиот претседател Владимир Путин вели:

„Разбираме дека тоа нема да биде лесен пат, но ние сме подготвени да го одиграме нашиот дел во тоа и да ги вратиме односите меѓу Русија и САД на стабилен курс на развој.“

Претходно во рускиоот парламент со аплауз беше пречекана веста за изборната победа на Трамп, а лидерот на руската Либералдемократска партија ултрнационалистот и сојузник на Путин, Владимир Жириновски ги покани пратениците и новинарите за да ги почести.

И додека Трамп и сам изјави дека сака пријателство со Русија и здружување на силите во борбата против тероризмот, малку кажува како и тоа ќе го постигне. И претседателот Барак Обама своето претседавање го започна со слична цел, но дојде до судир околу Сирија и Украина.

Како и да е, Трамп навести дека сака многу поделотворен однос со Путин отколку што го имаше Обама. Со влегувањето на Трамп во Белата куќа во седиштата на глобалната моќ ќе бидат двајца кои парадоксално се неверојатно слични, но и апсолутно различни. Трамповите фалби за Путин како силен лидер и неговата алузија дека САД можат да ги напуштат нивните обврски кон НАТО дојдоа во момент кога односите меѓу Русија и Западот се на најнесигурната точка од Студената војна. Трамп покажа малку загриженост за тоа дека Русија претставува голем стратегиски предизвик. Од друга страна има и такви кои мислат дека голем проблем за Путин ќе биде тоа што САД веќе не и се голем непријател на Русија. Тешко дека некој руски политичар ќе го признае тоа, но Русија беше многу подобро екипирана и подготвена да се справи со победата на Хилари Клинтон која би ја продолжила досегашната американска надворешна политика. Затоа и покрај јавното изразување на поддршката за Тамп, руската пропагандна машинерија не очекуваше тој и да победи. Обвинувањата дека на американскиот систем не може да му се верува се популарни уште од 2012 година, кога Путин по трет пат стана претседател на Русија. Тоа го потврди и шефот на руската дипломатија Сергеј Левров во почетокот на ноември во Атина кога изјави дека проблемите меѓу двете земји се собирале веќе подолго време и оти остатокот на светот не би требало да игра според правилата на САД.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG