Достапни линкови

Продолжуваат несогласувањата за цената на водата во Куманово


Повторно има несогласувања за цената на водата во Куманово. Проблемите се меѓу локалното јавно претпријатие Водовод и Водостопанство Кумановско-липковско поле кое е под надлежност на централната власт. Локалните власти од СДСМ претходно се жалеа дека Водостопанство им наплаќа поскапа вода затоа што централната власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, но проблемот продолжи и по промената на власта.

Со смената на власта на централно ниво се очекуваше дека несогласувањата околу цената на сировата вода и нормалното водоснабдување на граѓаните на Куманово од градската водоводна мрежа ќе се надминат, но изјавите на директорите на двете јавни претпријатија, локалното „Водовод“ и „Водостопанство Кумановско-Липковско Поле“ во надлежност на централната власт, за локалните медиуми предизвикаа лавина критики и коментари по социјалните мрежи.

Горан Стојковски директор на „Водовод“ за РСЕ изјави дека сепак е сигурен дека во оваа држава ќе дојде време кога сите несогласувања ќе се решаваат согласно закони и процедури.

„Единствено што бара ЈП „Водовод“ е Регулаторната комисија, Секторот за водоснабдување, комплетно да го примени Законот за утврдување тарифа за цена на вода, методологијата и Правилникот за утврдување на цена на вода. Да ги земат потребните документи и анализи од ЈП „Водостопанство Кумановско-Липковско Поле“ каде што ќе видат дека ЈП „Водовод“ користи само 15 отсто од сите расположливи количества сирова вода, а плаќа како да ги користи сто насто. Значи „Водостопанство“ има 36 милиони кубни метри вода, „Водовод“ користи 6 милиони кубни метри вода, плаќа 39 милиони денари, а „Водостопанство“ покажува расход од 27 милиони денари. Потенцирам дека ние користиме само 15 отсто од расположливото количество“, вели тој.

Стојковски вели дека доколку Регулаторна направи добра анализа, тој гарантира дека ќе има цена на вода прифатлива за сите.

Несогласувањата, според Стојковски, се бидејќи Регулаторната комисија за репер ја земала предвид 2016 година кога цената била 6,4 денари по метар кубен, која пак не била оформена според некоја методологија или анализа, туку единствено врз основа на фрустрации и комплекси на тогашното раководство на ЈП „Водостопанство Кумановско-Липковско Поле“, како последица на голем број порази кои што ги имале во Куманово.

„Секоја победа на тогашниот градоначалник Зоран Дамјановски, локалното раководството на ВМРО-ДПМНЕ преку „Водостопанство“ го валоризираше едностраното зголемување на цената на сировата вода. Така што за последните десет години имаме за 300 насто зголемена цена на сирова вода. Од 1,2 денари колку што беше во 2006 година, дојдовме до 6,4 денари“, вели тој.

РСЕ: Ако политиката ја матеше водата во Куманово изминатиот период кога на централно и на локално ниво беа на власт различни партиски коалиции, зошто сега има несогласувања?

„Не се работи за несогласувања, се работи за жал, за непознавање на законската процедура, правилникот за работа и методологијата. Имаме ново раководство во ЈП „Водостопанство Кумановско-Липковско Поле“, коешто ќе мора да ги засука ракавите и ќе мора пред сè, да ги прочита законските процедури и да се направи ново барање до Регулатурната комисија, во кое ќе бидат претставени сите документи за кои јас зборувам и ќе дојдеме до нормална цена на вода. Доколку не се направи тоа, јасно ќе биде дека се работи за лични суети и ега. А во ова време во кое што живееме, се бараат сериозни луѓе кои сакаат да ги решаваат проблемите, а не да ги враќаат назад“, вели тој.

Од пред пет месеци назначениот директор на ЈП „Водостопанство“, Оливер Илиевски вели дека по многу напади на социјалните мрежи од луѓето од неговата партија (СДСМ), не сака да дава официјални изјави за медиумите. Оптимист е дека состојбата ќе се регулира, граѓаните на Куманово нема да останат без вода, како што се случуваше изминатите години, кога раководството во „Водостопанство“ беше од ВМРО-ДПМНЕ. Тој нагласува дека „Водостопанство“ има трошоци за оддржување на системот и на двете акумулации Липково и Глажња, дека цената на сировата вода ја оформува Регулаторната комисија, последниот збор го има Владата, а сите напади врз него се беспотребни.

Илиевски додава дека двете акумулации имаат доволно вода, иако зимата беше без снег, дека наплатата од водокорисниците на системот за наводнување во липковско е зголемена за околу девет насто, а очекува дека таа ќе се зголемува во наредниот период. Според Илиевски, во Липково е изградена водоводна мрежа, во тек е изградба на фабрика за пречистување на водата, која потоа ќе се дистрибуира до домаќинствата и дека со тоа водоснабдувањето на Куманово нема да се наруши. Тој нагласува дека цената на сировата вода ја оформува Регулаторната комисија.

Граѓаните на Куманово малку се информирани за овој проблем помеѓу двете претпријатија, едното во надлежност на локалната, а другото на централната власт. За нив е најважно да имаат нормално водоснабдување, а и цената на водата да не се зголемува. Тие сметаат дека полесно ќе се договараат раководствата кои се од иста партија, за разлика од порано кога беа од различни партии.

Да потсетиме дека секогаш кога централната власт беше од ВМРО-ДПМНЕ, а локалната од СДМС, Куманово често пати беше изложено на неколкудневни прекини на водата од водоводната мрежа се под изговор дека „Водовод“ има големи долгови кон „Водостопанство“.

Сега се очекува раководствата на двете јавни претпријатија кои се од иста провиниенција да ги надминат недоразбирањата.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG