Достапни линкови

Проширена влада, прагматичен или неморален политички потег?


Илустрација-Влада на Република Македонија
Илустрација-Влада на Република Македонија

Ден по одлуката за проширување на владината коалиција, аналитичарите се со поделени мислења дали премиерот Зоран Заев направи прагматичен или политички неморален потег. Критиките ги предизвика влегувањето во владата на партии кои многу години беа во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Еден пратенички глас плус и многу критики доби премиерот Зоран Заев по одлуката дел од владата да стане и Сојузот на Ромите на Амди Бајрам. Мнозинството се зголеми уште со пет други пратеници- тројца од Беса на Африм Гаши и двајца од ДПА, со што вкупно бројот на парламентарци, дел од владината коалиција сега изнесува 67.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи, пак, е обвинет во предметот Титаник за изборни измами заедно со поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и други лица. Најголемиот дел од критиките во јавноста сепак ги предизвика Бајрам. Тој беше во владини коалиции со СДСМ уште од времето кога со партијата раководеше Бранко Црвенковски, а остана и со ВМРО-ДПМНЕ до падот од власта лани.

Веројатно тој како лик е интересен за јавноста и затоа се таквите реакции, но Бајрам и не се разликува од други политичари кои со години се на власт и не сториле многу од позициите на кои биле, коментира Никола Дујовски професор од Универзитетот Свети Климент Охридски. Според него, ова е непринципиелен, но можеби политички оправдан потег.

“Во овој момент бројот на парламентарното мнозинство е тенок и премиерот Зоран Заев нема многу простор за манипулација. Изборите во 2016 година кои се спроведоа кога ВМРО-ДПМНЕ се уште беше многу силна партија оставија трајни последици” вели Дујовски.

И Џабир Дерала од Цивил, невладина организација која беше силен критичар на претходното владеење, вели дека овој потег е резултат на недоволно силното парламентарно мнозинство кое земало голем залак за реформите потребни за НАТО и ЕУ во однос на бројот на пратеници со кои располага.

“Ова е еден прагматичен потег кој и нема многу врска со моралот. Разочарувачки е да се види како политиката и понатаму останува една сурово прагматична активност за сметка на моралот во политиката и тоа може да се одрази многу сериозно на подолги патеки” вели Дерала.

Коментирајќи ги реакциите на незадоволство, пред се на социјалните мрежи, Дерала вели дека луѓето многу често не ја разбираат прагматичноста, но додава и дека нема потреба да ја разбираат ако таа гази по моралот и чувството за правда.

Сегашното владино мнозинство го сочинуваат и ДУИ, долгогодишните коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Пред изборите во коалиција со СДСМ влегоа и Лилјана Поповска со ДОМ и Павле Трајанов со Демократскиот сојуз, кои исто така беа многу години во владата на Никола Груевски.

Инаку, Бајрам пред 14 години беше осуден на казна затвор за кражба на платно од фабриката Македонка и одлежа неколку години во затвор. Пред последните парламентарни избори изрекуваше директни навреди кон Заев. На протестите во 2012 година пред Собранието на приврзаниците на тогашната власт им довикуваше “ќе ги победиме”, a на опозиционерите им покажа среден прст.

Тачи, пак, во 2014 година на прес конференција објави пораки од Заев добиени на неговиот мобилен телефон во кои лидерот на СДСМ го бара да се видат или чујат.

„Никогаш досега во политиката не сум користел ниски удари. Овојпат се одлучив да и покажам на јавноста само дел од она на што е подготвена опозицијата во обидот да постигне таен договор со мене” рече Тачи.

Од СДСМ тогаш оценија дека „преку Мендух Тачи, говори Сашо Мијалков”, а дека кога соработувал со некоја политичка партија, Тачи всушност одработувал за “службите на ВМРО-ДПМНЕ под раководство на Мијалков“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG