Господине Џафери, имавте паузи во работата, бојкот на опозицијата, закочени седници. Лично, како сте задоволни од работата на парламентот?
Лично сум задоволен од работата на Собранието во смисла на тоа што Собранието нема паузи, туку има реорганизација на седниците и во тој контекст седниците се редовни и ги исполнуваат потребите за сите материјали што стигнуваат во Собранието и во соодветен рок, како што е пропишано со деловникот се ставаат на дневен ред и си поминуваат. Фактот што опозицијата едно време не беше во Собранието е веќе познато, дека по одлука на ВМРО-ДПМНЕ поради солидарност со пратениците кои беа притворени за настаните минатата година, тие се решија до определено време, додека не се пуштат во домашен притвор или не се пуштат од притвор нема да учествуваат во работата на Собранието и тоа така и се случи. По решавањето на прашањето на притворените пратеници по настаните и за настаните ВМРО-ДПМНЕ се врати во Собранието.
За седницата за Законот за употреба на јазиците имаше критики од дел експерти, па и амбасадори во врска со процедурата во која беше донесен. Зошто се одлучивте да биде донесен на тој начин?
Прво и основно, законот во првото изгласување е донесен во редовна процедура и во никаква поинаква процедура. Имајќи предвид дека претседателот на државата има право на суспензивно вето по првото изгласување на законот, претседателот се одлучи да го врати законот односно да не го потпише. Со Уставот е регулирано дека Собранието, доколку пак го донесе законот со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници тогаш претседателот е должен да го потпише, но тоа не се случи.
Немавте друг начин на носење на законот?
Во однос на доставените амандмани 36 000, работата беше што и во случај да се отвореше дебата за амандманите тоа подразбираше блокирање на Собранието како институција. Најден во ситуација во критичниот момент, кога се очекуваше и извештајот од Европската комисија, кога се прават напори за наоѓање решение за влегување во НАТО и во таква ситуација да се влезе во една дебата во која општата слика за Македонија, за парламентот и за институциите на државата воопшто ќе биде дека ние не сме излезени од таа криза што ја следеше Македонија во претходниот период беше врз база на деловникот мој избор да одлучам по кој пат ќе одам за да обезбедам Собранието да биде функционално.
Што се случува сега со него, до каде е процедурата?
Имајќи предвид дека нема рокови во однос на објавувањето на законот, сметам дека во соодветно време, кога ќе проценам дека треба да се прати законот до Службен весник, тој ќе се објави и потоа да можат другите надлежни институции да се произнесат по однос на текстот на законот односно за оние укажувања и дилеми кои се искажаа во јавноста.
Кога би било тоа соодветно време?
Па, во секој случај тоа е време кога ќе проценам јас за ситуацијата воопшто.
Има гласини дека ДУИ калкулира со Законот за јазици и игра топло-ладно во за во случај на предвремени парламентарни избори, кои се во игра со претседателските да го извади повторно и да го направи тема?
Па, јас не би сакал да коментирам тоа што вие го нотирате. Сметам дека тоа не е став и калкулирање на ДУИ и на која било од политичките партии, затоа што законот е веќе донесен по втор пат и нема каква калкулација да се направи во однос на тоа.
Целото интервју со претседателот на Собранието Талат Џафери, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.