Достапни линкови

Османи: Можни ризици ако Македонија не добие датум за преговори


Со работен појадок на кој присуствуваа амбасадорите на земјите членки на ЕУ, поранешните вицепремиери за европски прашања и министри, почна одбележувањето на денот на Европа. Евроамбасадорот Жбогар ја повтори поддршката за земјата, но сепак истакна дека одлуката за датум за пристапни преговори останува на Советот на ЕУ

Набројувајќи ги аргументите поради кои Македонија треба да биде дел од Европската Унија, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи ги убедуваше амбасадорите на земјите членки на Унијата дека Македонија е парчето кое недостига во европскиот мозаик. Одбележувањето на 9-ти мај, денот на Европа почна со работен појадок на кој присуствуваа амбасадорите на земјите членки на ЕУ, поранешните вицепремиери за европски прашања и министри од владата.

Евроамбасадорот Самјуел Жбогар истакна дека Македонија покажала добри резултати во изминатата година и ја охрабри државата да продолжи да оди по тој пат. Во изминатата година покажавте дека и земјата и граѓаните веруваат во силна Европа и демократските вредности кои ги негува Европската Унија, порача амбасадорот Жбогар, кој сепак, истакна дека останува на Советот на ЕУ да ја донесе одлуката за датум за пристапни преговори.

„Прашањето не треба да биде дали чашата е полупразна или полуполна, мислам дека важно е вие да продолжите да ја полните, како што правевте и досега,“ изјави Жбогар.

Бугарскиот амбасадор Иван Петков во својство на претставник на земјата актуелен претседавач со Унијата изрази надеж дека за време на претседателството на Бугарија со Унијата, Македонија ќе добие датум за почнување на преговори.

„Сакам да ја изразам мојата надеж дека постојат реални шанси за време на бугарското претседателство, вашата земја да добие датум за почнување преговори со Унијата,“ изјави Пеков.

ЕУ појадок за обединета Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:45 0:00

Домаќин на работниот појадок беше вицепремиерот Османи, кој покрај успесите на владата во делот на реформите, зборуваше и за ризиците на земјата доколку не почнеме преговори со ЕУ.

„Губењето на надежта за ЕУ и НАТО членство ќе придонесе младите луѓе и натаму да продолжат да ја напуштаат земјата намалувајќи ја работната сила и можностите за развој и раст. Загубата на надежта, исто така, ќе предизвика силен замор од ЕУ и евроскептицизам и ќе ги зголеми анти-НАТО чувствата. Поделеноста на населението по етничка, религиозна и социјална основа ќе се продлабочи што ќе предизвика ранливост на демократските институции и нивниот капацитет да владеат, ќе го намали нивото на отпорност и ќе создаде плодна почва за вмешување и поголемо влијание на трети земји. Ќе отвори простор за навлегување на потенцијални насилни групи зголемувајќи го со тоа ризикот од тероризам, екстремизам и национализам,“ предупреди вицепремиерот Османи.

Тој истакна дека новата влада во измината година успеала да ја извлече Македонија од политичката криза и како што рече, од „заробена“, земјата станала транспарентна, инклузивна и европска. Како успешни ги посочи приоритетните реформи од планот 3-6-9, а како особено важни за добрососедските односи ги посочи постигнатиот договор со Бугарија и преговарачкиот процес со Грција за кој како што рече, земјата се наоѓа во период на носење на храбри одлуки. Османи заклучи дека владата е свесна дека преостанува уште доста работа, оти нема да биде лесно и дека ќе треба уште време.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG