Достапни линкови

Владите во Скопје и Атина бројат гласови за поддршка за името


Архивска фотографија- лидерската средба за процесот за името, 27.01.2018
Архивска фотографија- лидерската средба за процесот за името, 27.01.2018

Во пресрет на средбата на премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас и можниот пробив во решавањето на проблемот за името, домашните аналитичари не очекуваат поголеми турбуленции ако договорот биде достоинствен.

ВМРО-ДПМНЕ деновиве почна со посериозни критики на процесот што го води Владата за решавање на спорот за името, коалициските владини партнери се тивки, а критики стигнуваат од некои помали опозициски партии. Генерално, ваква е домашната политичка сцена во пресрет на клучната средба меѓу премиерите на Македонија и на Грција неделава и евентуалниот можен пробив за името до крајот на идниот месец кога е и самитот на Европската унија.

Ако договорот меѓу Скопје и Атина е достоинствен, тогаш нема да има поголеми проблеми при неговото прифаќање вели Ана Чупеска- Станишковска од Правниот факултет Јустинијан Први. Ако тој стигне до парламентот, тогаш можно е да има отпор, но не таков кој би го загрозил неговото спроведување, смета таа.

Треба да се има предвид и дека ВМРО-ДПМНЕ изразија дискретна поддршка во интерес на Македонија побрзо да биде решен спорот за името. Од друга страна и Владата даде гаранции дека идентитетот нема да биде загрозен и ако се дојде до решение, тоа нема да биде недостоинствено” вели Чупеска- Станишковска.

Инаку, последниве денови се заострува реториката на ВМРО-ДПМНЕ во однос на случувањата. Прво претседателот на партијата Христијан Мицкоски се врати предвреме од службен пат во Италија за да бара итна лидерска средба, со обвинување дека немаат информации, а дека владата ретерира од позициите. Пратеникот Влатко Ѓорчев, пак, во медиумските настапи ги нарекува тие што ги водат преговорите “неразбрани трговци кои веќе немаат црвена линија за ништо” и прифаќале “се живо на сите страни”.

И претседателот Ѓорге Иванов тврди не е информиран за исходот од последната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц. Тој бара писмено да му се достават извештаи од средбите и други нацрт документи.

Ако се погледнат критиките од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Иванов тие не се упатени кон процесот на барање решение, туку кон тоа што Владата не ги информира за развојот на настаните, смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски. Тој вели дека дали решението ќе биде широко поддржано во Македонија ќе зависи од тоа какво е, но и тој ја критикува владата за затвореност.

“Ципрас пак може да биде поддржан од другите централно леви сили кои се надвор од Владата но се во грчкиот парламент и така може да дојде до мнозинство. Во Грција ми се чини и дека многу поумешно се справуваат со целиот овој процес во врска со споделувањето информации и сме оставени на тоа што ќе дојде од грчките медиуми.”

Грчкиот весник Авги, кој важи за близок до владејачката СИРИЗА пак пишува дека наместо со 151 пратеник Атина добила совети и препораки од Брисел да собере 180 пратеници кои ќе дадат зелено светло за евентуалното решение. Со тоа, според истиот медиум, би се осигурала трајност и стабилност на договорот, со идна перспектива и во случај на промена на власта.

Грчкиот парламент има 300 пратеници од кои што од владејачкото мнозинство на СИРИЗА и на Независни Грција се 154, а 145 се на СИРИЗА. Без партијата на министерот за одбрана Панос Каменос, кој се противи воопшто во новото име да го има терминот Македонија, Ципрас го нема потребното мнозинство од 151 пратеник. Но, според досегашните позиционирања на грчката политичка сцена евентуалниот договор би можел да добие поддршка од шесте пратеници на партијата Река на Ставрос Теодоракис, кои поддржуваат решавање на прашањето и од некои од дваесетте пратеници од Демократската коалиција во која е и поранешната владејачка партија ПАСОК.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG