Достапни линкови

Средбите за името продолжуваат, решението неизвесно


Интензивирани средби на претставниците на македонската со грчката страна без или со медијаторот Нимиц, со цел да се постигне компромис за името за деблокада на евро-атланската интеграција на Македонија.

И покрај интензивната динамика на средби во преговарачкиот процес за името, се уште е неизвесно дали ќе има решение на долгогодишниот спор. На маргините од вториот состанок на министрите за надворешни работи на балканските земји и Вишеградската група во Сунио, во близина на Атина е средбата меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Димитров се среќава и со поранешниот грчки премиер, а сега лидер на Сегрчкото движење на демократските социјалисти и на социјалистичката интернационала Јоргос Папандреу.

За викендов во Атина е најавена уште една средба, на која како што пишуваат медиумите, ќе им се приклучи и медијаторот за името Метју Нимиц. Исходот од таа средба грчките медиуми го толкуваат како клучен за тоа дали ќе има средба на премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас на 17-ти мај на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, што ќе се одржи во Софија.

Премиерот Зоран Заев неколкупати досега повтори дека сега е најдобриот и неповторлив момент да се затвори ова прашање. Тој вчера изјави дека очекува средба со Ципрас во Софија, на која ќе ги искоментираат досегашните постигнувања на двајцата министри и како што рече, можеби ќе бидат и похрабри и покреативни со цел да му се даде шанса на целиот процес.

И Државниот министер за европски прашања во МНР на Германија Михаел Рот, кој престојува во официјална посета на Скопје, ја поздрави позитивната клима во преговорите, истакнувајќи дека гледа светло на крајот од тунелот.

„Двете страни имаат волја и можат да се договорат за одржлив компромис којшто е прифатлив за двете страни. Знам дека господинот Нимиц има клучна улога, но на крајот на краиштата владите се тие што го водат процесот и затоа се потребни креативност, флексибилност и отворени перспективи,“ изјави Рот.

Во меѓувреме, уставните измени и опсегот на употребата се двете главни прашања што се останати во спорот за името, потврди Димитров по последната средба со својот грчки колега. Тој додаде дека се истражуваат опции и комбинации за надминување на спорните прашања. Коѕијас пак, изјави дека има впечаток оти другата страна верува оти е дојдено крајно време прашањето да се реши и смета дека има извесен напредок во преговорите.

Преговорите за името зачестија последните неколку месеци. Димитров и Коѕијас во рок од еден месец се сретнаа четирипати. Грчкиот министер на крајот на март допатува во Скопје, по што двајцата министри заедно со посредникот на ОН, Метју Нимиц, разговараа во Виена. Подоцна следуваше посетата на Коѕијас во Охрид, а пред десетина дена министрите повторно имаа состанок со Нимиц во Виена.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG