Достапни линкови

Македонија доби препорака од ЕУ, името - прашање на итност


Македонија доби чиста препорака од ЕК
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:52 0:00

Македонија доби чиста препорака од ЕК

Македонија и Албанија во годинешните извештаи за напредокот кон Европската унија добија препорака за отворање на преговорите. Прашањето за името со Грција за Македонија се нотира како прашање на итност.

Европската комисија препорача да се отворат преговорите за членство на Македонија во Европската унија. Високите европски функционери Федерика Могерини и Јоханес Хан од Стразбур и веднаш потоа евроамбасадорот Самуел Жбогар од седиштето на делегацијата на Унијата во Скопје порачаа дека ова е охрабрување за државата.

Земјата конечно ги надмина најтешките политички кризи кои почнаа од 2011 година и траеја до мај 2017 година, нагласи евроамбасадорот. Жбогар додаде и дека новата влада ориентиерана кон реформи преземала чекори за да го адресира прашањето на одземената држава преку контролните механизми за зацрвстување на демократијата и владеење на правото.

Одлучни чекори се преземани за промовирање на добрососедските односи преку стапување во сила на билатералниот договор со Бугарија, а прашањето за името треба да се реши како прашање на итност“, рече Жбогар.

Тој нагласи дека Комисијата го препознала тоа што е направено, но дека сега останува земјите членки да бидат убедени преку реформите и почитувањето на принципите како доброседските односи. Да не се брза со шпекулации, бидејќи се уште има простор да се почека исходот од преговорите меѓу Македонија и Грција, рече Жбогар.

„Предлагам да одиме чекор по чекор, имаме прво јасна препорака и плус двете земји преговараат, ајде да почекаме и да видиме како тие преговори ќе течат со надеж дека ќе донесат резултат. Имаме уште неколку месеци до кога земјите членки ќе одлучуваат за пристапни преговори“, рече Жбогар.

Веднаш по пресот на европските претставници, премиерот Зоран Заев на прес конференција во Владата придружуван од дел министри, рече дека денес сме чекор поблиску до членство во Европската унија и достигнување на европските стандари. Додаде дека за името имало „навистина напредок во процесот и било многу поразлично од порано“.

„Тоа ми дава силна волја и оптимизам да продолжиме и навистина е возможно во неколкуте недели кои доаѓаат пред нас да се изнајде решение. Тоа може да значи и две и шест недели. Правиме напори тоа да биде пред самитот на ЕУ во јуни, зошто тогаш ќе се носи одлуката за датумот за преговори но би биле среќни тоа да биде и порано“, рече Заев.

Инаку во годинешниот извештај на ЕК, Македонија беше пофалена и за работата на Парламентот во кој преставници на опозицијата биле претседавачи на клучни комитети, беше споменато враќањето на опозицијата во Парламентот, а Жбогар побара и да се осигура дека нема да се повтори настан како ланскиот инцидент на 27 април. Во контекст на меѓуетничките односи евроамбасадорот зборувајќи за извештајот на ЕК рече дека Владата прави заложби за подобрување на состојбата споменувајќи го усвојувањето на Законот за јазиците.

Забелешки стигнаа делумно за јавната администрација, за реформите на јавниот сервис, за борбата против високата корупција во која имало политичко вмешување, борбата против организираниот криминал, деловното опкружување, пазарот на трудот, патната инфраструктура и други.

Во Скопје доаѓаат и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и шефицата на Европската дипломатија Федерика Могерини. Хан утрината ќе му го врачи извештајот на Заев, а подоцна Могерини ќе има заедничка прес конференција со премиерот. Покрај Македонија Комисијата препорача отворањето на преговорите и со Албанија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG