Земјава, по цели 12 години, најверојатно ќе добие позитивен извештај од Европската комисија за нејзиниот нов почеток кон реформирање на сиот досегашен начин на работа и живеење во државава, и за прв пат неусловен со мноштво негативни оценки за правниот систем, слободата на медиумите и тн. Иако и во него, според информациите на дописниците на РСЕ од Брисел, се предупредува на корупцијата во сите балкански држави, што значи и во Македонија. Повеќето посетители на нашата ФБ страница изгледа не се расположени за нешто вакво, па Васко Ане Чулчески ги нарекува дописниците од Брисел „агенти на ЦИА“ со додавка дека како такви „секако имаат увид во сите документи“. На Благој Марина Тасевски, не и е јасно „во која сфера“ ќе биле тие позитивни оценки, а за Боро Велјановски извештаите на ЕК се „без везе работа“ и не знае зошто „се толку битни“.
Слични постови продолжуваат и во врска со изјавата на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, дека Алијансата продолжува да им помага на Македонија, БиХ и на Грузија да влезат во НАТО: Марко Велковски прашува „како тоа ни помагаат, да имаше одговор веќе ќе се пофалеа“, а Санде Трпезановски ги коментира зборовите на Столтенберг дека недоразбирањата помеѓу Турција и Грција се нивни и треба сами да ги решаваат, па напишал: „За нив сами да ги решаваат, за Македонија друго правило“ и потоа употребува вулгаризам во својот пост.
Со оглед на тоа што меѓусебната омраза Македонци – Македонци е мошне присутна во коментарите на ФБ страницата на РСЕ како и меѓуетничката, а речникот неумесен, непримерен и вулгарен и со говор на омраза, го застапуваме само постот на Александар Ивановиќ кој како да предупредува: „Колку се мразат Македонците, а држава сакаат“.
По информациите на актуелниот директор на ЕЛЕМ дека првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кога бил директор на ЕЛЕМ склучувал договори во четири очи кои сега се предмет на ревизија, Перо Ангелов коментира: „Ќе ви дојде и на вас редот, ама народот ќе ја прави ревизијата“. Киро Дојков, пцуејќи го племето, најверојатно, на владејачката партија, постирал: „Вие и не знаете друго нешто да работите“, а редовната во последно време Динка Јованова, постирала со смеење: „Хахаха, не можеш својата корумпираност да ја правдаш со Мицкоски“.