Достапни линкови

На Фејсбук „името“ не го даваат


Архивска фотографија - Протест против промена на името на плоштад „Македонија“.
Архивска фотографија - Протест против промена на името на плоштад „Македонија“.

По интервјуто на РСЕ со премиерот Заев, коментарите на фановите на нашето радио главно се против промена на името и отворање на Уставот. Тие ги коментираат и изјавите на претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, како и тоа дека нема да има амнестија за лицата инволвирани во крвавиот четврток.

„Ќе ти сменат и Устав и име и пак нема ни НАТО ни ЕУ да добиеш, свести се, ти си само марионета да ја уништат Македонија...“ – напишала Драгица Китанова по редовното неделно интервју на РСЕ, овој пат со премиерот Зоран Заев, кое главно се однесува на прашањето за името и преговорите што се водат со Грција во врска со тоа.

Конечно решение за името со влезот во ЕУ?
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:30 0:00

Речиси сите што постирале свои коментари на нашата ФБ страница најмногу реагираат на неговите зборови дека е „можно решение за името со отворање на Уставот при влезот во ЕУ“, се разбира во некое претпоставено време по десетина години. Сите коментари се главно негативни, а Марија Југи напишала: „Една недела им требаше да се предомислат за отворање на Уставот. Ајде да видиме за ерга омнес колку брзо ќе се предомислат. Вакви преговарачи секој би посакал. Милина“. Васил Душев, пак, смета дека премиерот е „првиот човек што ја продава државата, историјата и националноста... аир нема да видите“. Милко Стојаноски постирал кратко и заканувачки: „Настрана рацете од името Македонија! Не играј си со оган...“ Во подолгиот текст, Коле Пашков или Пасков, на крајот му порачува на Заев да престане да дава „вакви оптимистички гледања... Не е само интересот да се влезе во ЕУ или НАТО. Интересот е да ја чувате Македонија од ограбувачи...“

Посетителите на нашата веб-страница исто така ги коментираат зборовите на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој при посетата на Скопје присуствуваше и на самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан во рамките на процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин беше претседателот Ѓорге Иванов. Тој имено смета дека „Историјата на Балканот, која на моменти наликува на хорор филм, може да има среќен крај“, а Снеки Снеки постирала: „Дај Боже да има среќен крај, само да не е млатење празна слама... народот чека и чека, до кога, светла иднина...“ Емил Бојковиќ му се обраќа директно на претседателот Иванов, а заради автентичност на коментарот пренесуваме дел на кумановски дијалект: „У ЕУ не примав држава сас плату од 200 евра, не примав партиске државе, државе сас полицију неспособну, сас судови кои правив циркус, државу куде лопови правив што сакав...“

Изјавите на премиерот Заев и првиот спикер на Собранието, Џафери дека нема да има амнестија за лицата инволвирани во крвавиот четврток во законодавниот дом, исто така предизвикале голем број постови. Марјанчо Ангеловски подозриво коментира: „Ај, ќе се договорите, политички дил ќе пукне, зар само ДПМНЕ да ги амнестира злосторниците од 2001 година, или само Црвенковски Заев“. Ивена Илиевска дебатира со Владе Тодев, кој потсетува на амнестијата на борци на УЧК, на Хашките предмети и на тоа што, како што вели, „пасивизиран и амнестиран командант на УЧК ни е спикер во Собрание“: „Тоде, ако вам не ви пречеше таа иста личност да биде министер за одбрана во Владата на Груевски, зошто би ми пречело да биде спикер во Собранието?“ – му одговара Ивена Илиевска.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG