Достапни линкови

Брдо-Бриони: Историјата на Балканот може да има среќен крај


Брдо-Бриони: Иднината на Западен Балкан е во ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:40 0:00

Брдо-Бриони: Иднината на Западен Балкан е во ЕУ

Историјата на Балканот, која на моменти наликува на хорор филм кој никогаш не завршува, сепак можно е да има среќен крај, изјави претседателот на Европскиот совет Доналд Туск по средбата со лидерите на земјите од регионот во рамки на процесот Брдо-Бриони во Скопје.

Билатералните прашања мора да се решат пред влегувањето на земјите од Западен Балкан во Европската унија, порачаа претседателите на Словенија и Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар Китаровиќ, премиерот на Бугарија Бојко Борисов и Претседателот на Советот на Европа Доналд Туск по денешниот Самит Брдо-Бриони во Скопје, каде домаќин беше македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Лидерите на заедничка прес-конференција истакаа дека воделе искрена дискусија, наведувајќи оти главната вредност на процесот е иднината на земјите од Југоисточна Европа во Европската унија.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави дека цврсто се залагаат за европската перспектива на регионот и според него тоа е факт кој, како што рече го докажува трговијата меѓу ЕУ и земјите од регионот и оти тоа е само еден аспект.

Туск потенцираше дека европската иднина е избор и одлука која само земјите кандидатки можат да ја донесат со поддшка на ЕУ.

„Можен е позитивен развој на настаните во Западен Балкан. Историјата на Балканот, која личи на хорор филм кој не е завршен, секако дека е можно да заврши со среќен крај“, изјави Туск додавајќи дека тоа ќе зависи од добрата волја и храброста на поединците во земјите од регионот.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов изјави дека врвните цели на Македонија се членството во ЕУ и НАТО и оти најважното нешто што ги поврзува земјите од региононот е членството во Унијата.

Тој побара ЕУ на Македонија да ѝ овозможи паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната спор меѓу Македонија и Грција.

„Очекуваме ЕУ да не ни дава празни ветувања, бидејќи членството во Унијата за нас не е празен идеал. Како регион имаме задача да обезбедиме добро владеење преку владеењето на правото, почитување на фундаменталните човекови права и слободи“, рече Иванов додавајќи:

„Ако Унијата не ни ја обезбеди иднината, ние ќе се занимаваме со минатото“, рече Иванов.

Премиерот на Бугарија Бојко Борисов изрази надеж дека земјите ќе дојдат до точка до која никој нема да го опструира нивниот напредок, но и оти Македонија и Грција ќе најдат решение за спрот за името.

„Ако двете Кореи најдоа начин да ги решаваат своите прашања, зошто и ние да не го направиме тоа“, рече Борисов.

Тој наведе дека Балканот мора да ги спроведе сите транспортни проекти, како и дигиталната поврзаност.

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ ја поздрави одлуката на ЕУ за отворање на преговорите со Македонија и Албанија и рече дека Хрватска ќе направи се за да им помогне на тој пат. Таа посочи дека за напредокот на земјите најважни се владеењето на правото, безбедноста, човековите права, борбата против корупцијата.

Претседателот на Словенија Борут Пахор рече дека по многу двоумење ЕУ ја усвоила стратегијата за нејзиното проширување и оти во следниот период тоа прашање ќе се дикутира. Тој истакна дека односите се поместиле „од мртва точка“ во однос на Западен Балкан.

На новинарско прашање во однос на спрот за името меѓу Македонија и Грција, претседателот на Европскиот совет Туск рече оти чувствува дека невозможното станува возможно, дека минатата година се слушало дека е невозможно да се реши прашањето, но „сега сте многу блиску“, изјави Туск.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG