Во почетокот на февруари се најавуваше фото финиш за мартовско решавање на спорот за името. Се навести географската придавка на името и се застана на ставот дека нема разговори за идентитетот. Потоа следеа средби на запознавање на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас и неколку работни состаноци меѓу шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас во Македонија, Грција и во Виена, со или без посредникот на Обединетите Нации Метју Нимиц.
Оптимизмот и песимизмот се менуваа и се насетуваа од средба до средба. Притоа се нотираше напредок за дел од прашањата и потенцираше се поголемото пријателство на личен план меѓу преговарачите кое, според нив, треба да го олесни и носењето на договорот.
Но, по февруари, март и април еве го и мај се наближува, а од решението за прашањето за името засега ништо, иако малку време остана до јуни и јули, до самитите на ЕУ и на НАТО до кога Македонија и Грција би требало да постигнат решение зо кое ќе се деблокираат евроатланските аспирации на Македонија.
Сепак, и покрај големата дискреција за содржината на преговорите се насетува дека од целиот комплекс прашања поврзани со пакетот за името, останува , како главен проблем, грчкото инсистирање на име за сите употреби, значи и внатре во Македонија што подразбира уставни промени. Дека тоа на некој начин е така потврдува во неделното интервју за Слободна Европа, премиерот Зоран Заев.
„Можеби конечното решение ќе биде врзано со гласањето на Македонија како граѓани со давање на нашиот суверенитет на Европската унија кон која сакаме да се зачлениме и тогаш се отвора Уставот и можеби тука е решението, заради тоа што знаете дека Грција бара промена на Уставот заради промена на уставното име. Јас сум убеден дека креативноста ќе помогне да ги изнајде овие решенија“, вели Заев.
Премиерот Зоран Заев и натаму е оптимист дека до самитите на ЕУ и НАТО ќе има договор, а интервјуто со него ќе можете да го проследите во целост в недела.
Неговиот оптимизам е реален смета универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски. Тој вели дека грчкото барање за ерга омнес ( име за сите употреби) е важно прашање за кое, како што вели, е потребна политичка волја и дипломатска умешност.
„И таму ако најдат решение со вградување на временска клаузула во договорот, тоа да не биде веднаш, туку при влегувањето на Македонија во Европската унија, кога ќе се отвора Уставот и така поради членот 118 кој значи директна примена на европското законодавство во правниот поредок, тој момент да се искористи и за насловот на Уставот, што мислам дека таквото решение е можно и реално да биде изводливо тука“, вели Фрчкоски.
Последната рунда разговори во Виена не донесе ништо ново освен посветеноста преговорите да продолжат. Во меѓувреме очекувањата за деблокирање на македонската евроатланска интеграција растат и дома и надвор.