Ветувањата дека со донесување на Законот за стечајците, сите стечајци ќе бидат обештетени, што беше последната искра надеж во тунелот на некогашните работници, колку-толку да имаат средства за основни потреби до пензионирање, се испостави дека тоа не оди ниту така лесно, ниту пак толку брзо. За исполнување на барањата на стечајците кои од септември, октомври минатата година ги поднесоа до Агенција за вработување следи процес на детектирање на податоците и состојбите на стечајците до донесување на решението.
Љиљана Георгиевска од Здружението на стечајците УНИТ од Куманово вели дека сите стечајци треба да бидат обештетени. Бидејќи со Предлог Законот е увидено дека мал број стечајци се опфатени, дополнет е членот 2 во Законот, за да бидат обештетени стечајците и од приватизираните и од фирмите кои биле акционерски друштва, со тоа што работникот требало да биде во фирмата во текот на приватизацијата или формирање акционерско друштво.
„Така што сега ќе има поголема мобилност на стечајните работници. Пред две седмици веќе имаше 300 решенија изготвени само за Куманово. Тоа е добар показател. Се надевам дека оваа бројка двојно ќе се зголеми, од вкупно чинам 1.800. Меѓутоа има и барања од работници кои поднеле од фирми со чисто приватен капитал или што ги немаат тие 15 години во фирми во државна сопственост“, вели Георгиевска.
Таа појаснува и дека треба да бидат исполнети и други услови.
„Сега се бара работникот спогодбено да не ја напуштил фирмата и да не е сменет матичниот број на фирмата. Со измена на матичниот број на фирмата дека е приватизирана фирма, меѓутоа кај нас според централните регистри нема такви случаи. Но она спогодбено, тешко ќе оди“, вели таа.
РСЕ: Што значи тоа спогодбено? Дали е тоа потпишување договор на работникот со фирмата за откажување од акции, отпремнина и прогласување технолошки вишок, за да потоа добива надоместок од тогашното Биро за вработување?
„Во суштина тоа е. Ама имаме спогодбено и работници кои работеле потоа во приватни фирми, или напуштиле од ЧИК, изманипулирани, но и такви кои земале надоместок за тоа. Такви има од ЧИК, Киро Фетак, Искра, кои земале по две-три илјади марки (тогаш беше марка) и самоволно напуштиле работа. Многу е тешко тие да се издвојат, па оставивме да се провери. Се надеваме дека во државава има околу 400 такви случаи, за и тие да бидат обештетени“, вели Георгиевска.
Со измената на членот 2 од Законот за стечајци се губи и ретроактивната исплата на стечајците кои поднеле барања во септември или октомври минатата година. За тоа Георгиевска вели дека таква е законската процедура и со поднесување ново барање, старото веќе не важи. Според неа имало начин да се забрза процесот и стечајците да не останат по неколку месеци во неизвесност, но за жал таква е состојбата.
Во Министерството за труд и социјална политика било разговарано за детално објавување на фирмите од кои стечајците можат да бидат обештетени.
„Меѓутоа, Владата на РМ и ресорното Министерство одлучија од сите фирми да бидат обештетени работници. Условите се да не ја напуштил фирмата спогодбено, да има 15 години во фирма со државна сопственост и да бил во фирма во времето на приватизацијата или акционерско друштво, затоа сите фирми ќе бидат опфатени“, вели таа.
Сменето е и тоа работникот да не е со стаж 15 години само во една фирма, како и тие кои во меѓувреме ќе ја исполнат старосната граница да можат да аплицираат, бидејќи Законот ќе важи до септември годинава.
За критиките за учеството на Георгиевска во филмот „Тежината на синџирите 2“ таа вели дека тоа било 2014-та година кога стечајците биле во многу тешка состојба кога имало обиди за самоубиства и самоубиства на разни начини. Таа додава дека нејзиното појавување во филмот не е затоа што таа сакала да глуми нешто, туку само ја кажала фактичката состојба во која се наоѓаат работниците од овие простори во кои транзицијата зеде многу жртви.