Куманово, најголемата локална самоуправа во државава повеќе од деценија беше на маргините на поранешната влада. Остана без ниту една капитална инвестиција, со бројни блокади на општината и локалните претпријатија, образованието, здравството, колабирана економија, со оштетени и игнорирани стечајци, со обид да се наруши мултиетничкиот соживот, само затоа што локалната власт е од СДСМ. Некои од запрашаните граѓани кои не се партиски определени, сметаат дека нивните очекувања се реални со смената на власта во државава да се смени и односот кон Куманово, за тоа да заживее.
„По мене, сè ќе изврши оваа влада. Најдобро мислам за нив, да се оправиме еднаш и да излеземе на пат.“
РСЕ: За Куманово што мислите?
„Подобро сто отсто ќе биде, зашто ВМРО-ДПМНЕ беше 12 години на власт, ниту еден канал не сакаше да направи. Сега сите бараат од оваа влада. Мислам дека оваа влада ќе истера на добро и ќе се среди Македонија.“
„Очекуваме големи промени, особено за Куманово. Куманово е унакажано за овие 12 години, 99,9 отсто, никакви инвестиции немаше. Како што го кажуваат град на СДСМ ние сме блокирани од сите страни, сега очекуваме да биде подобро.“
„Очекувам законите да се спроведуваат. Сè ќе дојде на место.“
За решавање на статусот на стечајците граѓаните сметаат дека ветувањето би требало да се одржи.
„Би требало, зашто останаа малку.“
„Во Куманово веќе се гледа дека нешто мрднува. Улиците се прават, не знам кој ги прави, каналите се менуваат. За вработување ако се отвори некоја фабрика, а приватниот сектор да се контролира, зашто работниците се експлоатирани. Работат по десет часови,а им се плаќаат само за четири.“
Помладите кумановци велат дека ветувањата се оптимистички, но со оглед на состојбата каква што наследила оваа влада непознаница е какви ќе и бидат можностите.
„Меѓутоа еве дел од некои ветувања се остваруваат, како на пример екстерното тестирање е укинато, а за ветувањето за законот за стечајците се уште нема ништо од тоа.“
„Очекуваме повеќе слобода за медиумите, но целосно департизирање на судството, администрацијата, не верувам дека тоа ќе се случи.“
Запрашаните сметаат дека првите сто дена се малку за новата влада да реализира поголем дел од ветувањата и додаваат дека ќе бидат трпеливи. Има и такви кои и покрај долготрајниот „жежок“ период во државава политиката не ги интересира и ништо не очекуваат.
„Добро или не, од оваа кожа во друга не се може.“