Достапни линкови

Стечајците уште чекаат на решенија за надоместок


Здружение на стечајни работници „УНИТ“.
Здружение на стечајни работници „УНИТ“.

Испораката на решенијата во Куманово и по два изминати месеца оди бавно. На забавениот процес влијаеле и локалните избори, а доцни и ажурирањето на податоците во Централен регистар од хартии за вредност.

Куманово е еден од градовите со можеби најголем број стечајни работници, технолошки или економски вишок, чии фирми во транзицискиот период беа ликвидирани или ставени во стечајна постапка, а дотогашните работници и безмалку две децении веќе не добија вработување. Во меѓувреме не мал број починаа, на исто толку сериозно им се наруши здравјето, а голем дел пак преку Здружението „УНИТ“ повеќе од една деценија поминаа по протести и барање начин да го надминат егзистенцијалниот проблем.

Донесениот Закон за стечајци им влеа малку надеж, дека и таа мала сума ќе им биде доволна да ги покријат барем дел од комуналните давачки. Меѓутоа, испорака на решенијата барем во Куманово и по два изминати месеца оди бавно. Се има впечаток дека само по едно решение се испорачува дневно.

Стечаецот Свето Крстевски е еден од ретките кој добил решение и како што вели на трансакциската сметка пари немало.

РСЕ: Какво е чувството по толку години талкање и преживување?

„Никакво. И пари додека не земеме, а не се радувам бидејќи моите другари не добија. А и повеќе ќе се радував да добила Лиле и претседателот на Здружението“, вели крстевски.

Љиљана Ѓорѓиевска забележува дека иако Куманово било еден од најголемите индустриски градови бројот на стечајците кои добиле решенија за исплата на надоместокот(во висина од седум илјади и 800 денари месечно) е зачудувачки мал. Во Агенцијата за вработување била информирана дека штом ќе биде изготвено решението, веднаш ќе биде испорачано.

„И најважно е што нема да има негативни решенија, ми рече и министерката (Мила Царовска) и директорката на АВРМ (Билјана Јовановска). Ќе има и амандманска интервенција во самиот Закон, во член 2, бидејќи транзицијата започна во 1993-та година со пропаѓање на „ЧИК“ , со тоа што тие 15 години во државна сопственост што се бараа, сега ќе се пренасочи 15 години иако фирмата била приватизирана,а работникот останал во неа. Да не се крева паника, да бидат трпеливи луѓето, само што на некои ќе пишува преиспитување во фирма“, вели таа.

Ѓорѓиевска верува дека сите стечајци ќе бидат обесштетени. И покрај тоа што поминаа два месеца од почетокот на поднесувањето на барањата, а изготвувањето на решенијата оди многу бавно, ако се имаат в предвид електронски можности. Ѓорѓиевска појаснува дека за забавениот процес влијаеле и локалните избори, а пречка е што доцни ажурирање на податоците во Централен регистар за хартии од вредност.

„Зошто и како за тоа треба ресорното Министерство да си поведе сметка и да најде начин да се забрза процесот. Се договоривме со Царовска и Јовановска до 25- ти овој месец да имаме една слика за сите испратени решенија, за да може до 15-ти јануари да се среди и за онаа друга категорија“, вели Ѓорѓиевска.

Таа додава дека не знае кога ќе започне исплатата, но смета дека би требало од 25-ти декември и тоа ретроактивно, сметано од денот на поднесување на барањето. Таа додава дека ниту еден од координаторите, па и таа, се уште не добиле решенија и дека во јавноста се шират дезинформации. „Моето решение нека биде последно, откако сите останати ќе добијат, а јас и јавно ќе го покажам“, категорична е Ѓорѓиевска.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG